еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Галерија) Главниот извршен директор на ТАВ, одликуван со Медал за заслуги за Македонија од Иванов

Главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ и претседател на Управниот одбор, Сани Шенер, беше одликуван со Медал за заслуги за Македонија од претседателот Ѓорге Иванов, денеска, во Резиденцијата на Претседателот, Вила Водно.

Шенер утрово пристигна во државата со своето семејство и извршни директори на ТАВ Аеродроми од Истанбул, Турција, за да го прими ова одликување кое се доделува за постигнати резултати што придонеле за значаен развој и афирмација на Македонија во сите сфери на живеењето и работењето, како и за развој на пријателски односи меѓу Македонија и Турција.

Свечената церемонија во Вилата Водно беше проследена од бројна публика, вклучувајќи ја и Амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, како и директорите на ТАВ Македонија.

Шенер изрази голема чест што го прими ова признание.

– Навистина ми е чест што го добивам Медалот за заслуги за Македонија и би сакал да ја изразам мојата голема благодарност до претседателот Иванов и до македонската држава. Постојат блиски историски и културни врски меѓу Турција и Македонија кои датираат векови наназад. Како ТАВ, ги презедовме операциите на скопскиот и одхрискиот аеродром во 2010 година, и оттогаш досега инвестиравме речиси 120 милиони евра во нивниот развој.

За 8 години, бројот на патници се зголеми за речиси 4 пати, на 2,3 милиони патници во 2018 година. Бројот на дестинации од скопскиот аеродром се зголеми на 38, од 15, а бројот на летови од Истанбул кон Скопје од 4 се зголеми на 19 лета неделно. Волуменот на трговска размена меѓу двете земји е околу 500 милиони американски долари, а турските компании имаат инвестирано 1,2 милијарди долари во Македонија.

Верувам дека соработката и добрите односи меѓу Турција и Македонија ќе продолжат и понатаму. Им се заблагодарувам на сите наши вработени, како и на сите засегнати страни, за успехот на македонските аеродроми, кој исто така придонесува за вкупниот економски развој на земјата, и верувам дека и во иднина ќе славиме многу успеси заедно со нашите пријатели во Македонија – изјави Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на ТАВ Аеродроми.

Шенер е првата личност од бизнис секторот и првиот претставник на заедницата на странски инвеститори кој што е одликуван со Медал за заслуги за Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов.

Од 2009 година до денес, Иванов има одликувано 11 личности со Медал за заслуги за Македонија, главно – дипломати, музички композитори, претставници на спортски тимови, професори, инженери, претставници на верски организации и македонската дијаспора.

Кој е Мустафа Сани Шенер?

Мустафа Сани Шенер е главен извршен директор на ТАВ Аеродроми, член на Одборот на директори и претседател од 1997 година.

Тој е машински инженер, магистрирал на Универзитетот во Сасекс во Велика Британија, а се стекнал и со почесен докторат по инженерство од KTU за „неговите непроценливи придонеси за развој на турското инженерство на меѓународно ниво“, како и почесен докторат за бизнис администрација од Универзитетот Њу Хемпшир „за неговите достигнувања во управувањето со проекти и управувањето со ризици во текот на неговиот мандат во ТАВ“.

Ја има посетувано извршната образовна програма за управување со комплексни системи на Институтот за технологија во Масачусетс (Massachusetts Institute of Technology – MIT). Има одржано предавања на MBA-програмата при бизнис школата на Харвард за студија на случај за ТАВ Аеродроми од HBS.

Шенер исто така е член и на Одборот на директори на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI World), а избран е и за претседател на Одборот на турско-францускиот бизнис совет за надворешни економски односи во 2012 година.

Во 2016 година, Шенер беше одликуван со Легијата на честа од страна на Претседателот на Република Франција, Франсоа Оланд, за неговите придонеси кон односите меѓу Турција и Франција, а му беше доделено и Признание за високи заслуги од страна на грузиската држава.

При гласањето спроведено од Томсон екстел меѓу национални и меѓународни финансиски корпорации, Шенер беше избран на првото место во категоријата „Најдобар Главен извршен директор“ во Турција во 2010, 2011, 2014, 2015 и 2016 година, а трет во рамки на Европскиот транспортен сектор во 2014 година.

ТАВ Македонија продолжува да бележи двоцифрено зголемување на бројот на патници на двата македонски аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид. Компанијата ја заврши 2018 година со 2,3 милиони (2.342.541) патници на двата аеродрома, што е 16% пораст на годишно ниво, додека бројот на летови беше зголемен за 9%, односно вкупно 19.750 летови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Пронајдено малолетното девојче од кочанско Оризари што беше пријавено за исчезнато

Редакција

Политика за спречување на корупцијата кај јавните претпријатија

Редакција

Претпразнична еуфорија со инстант лозот Еко скутер

Редакција