еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Гостопримливост во Турција: Газда на хотели лупи пиперки на негови гости

Само во Турција може да ви стане непријатно од љубезноста на луѓето, чиј што гостин сте. Таков беше случајот кога инфо-турата на „Фибула“ ја посети гостилницата на сопственикот на два хотели, Кајхан Киличкап во Манавгат. Човек кој кога зборува за Македонија, му извира љубов од очите и посебно му е драго кога ќе пречека македонски гости. Како да му дошле своите.

Бевме пречекани со традиционални турски јадења, главно домашно произведени. Седнати во дворот, секој се почувствува како дома. Јас се чувствував како во дворот на баба ми. Така таа знаеше да ми извади пита со компири, од кори кои ги потпекуваше од двете страни на дрвено шпоре. Домашни јајца, само што снесени, печени пиперки, маслинки кои сам ги произведува, пекмез и сл.

Зборувајќи за симпатиите кон Македонија, за традиционалната храна која беше пренесена, она што воодушеви кај овој човек е што во исто време ги лупеше печените пиперки и ги послужуваше на гостите.

Неговата големина ја видовме во едноставноста, веројатно, бидејќи пред да стане бизнисмен, се изнамачил. Неговата приказна е фасцинантна.

Потекнува од еден град кој се наоѓа 1.500 километри од Манавгат. Се запишал на државен универзитет и му се паднало да студира во Анталија, менаџмент. Дошол да студира, но неговото семејство се противело зашто немале пари да го школуваат.

Кога дошол првиот месец во Анталија спиел во парк немал пари, никој не познавал, не добил место во студентски дом. Почнал да работи во ресторан на испомош.

Четири години додека студирал, секој ден кога ќе завршел со факултет во 5.30 часот попладне доаѓал во ресторанот и работел до еден часот по полноќ, а за викенди цело време. Бидејќи работел во луксузен ресторан во Анталија, секој месец им испраќал пари на семејството.

Откако завршил факултет, почнал да работи како шофер за да развезува месо. Но почнал без возачка дозвола.

„Ми дадода голем камион и ме прашаа дали можам да го возам. Кога почнав ми се тресеа колената. Фирмата се наоѓаше во Алања, и спрема Анталија возев 20 километри на час. Кога погледнав во ретровизор имаше два километри колона позади мене. Во тоа време немаше брзи и спори ленти, туку една. Скршнав десно ја пропуштив колоната и повторно продолжив со 20 на час. Кога ќе видев дека на еден километар доаѓа друг автомобил, веднаш застанував. Но сега толку се испраксирав што во рикверц со камион и такси можам да возам до Анталија,“ ни раскажува нашиот домаќин.

Во таа работа бил толку успешен што влегол во продажба, односно почнал да им продава месо на хотелите. Потоа сакал да основа свој бизнис, бидејќи почнал да верува во себе. Бизнисот почнал да расте и дошол на ниво, 180 хотели да купуваат месо од него и имал годишен обрт од 20 милиони евра. Сфатил дека хотелиерите заработуваат многу повеќе, па затоа во 2016 година изнајмил голем хотел со 5 ѕвезди, а ја затворил продавницата за месо.

Но таа година се случи кризата во Турција. Турците срушија рускиот воен авион на сириската граница, почнаа терористички напади, се случи воен удар, Русите престанаа да доаѓаат. 2016 година ја завршил со загуба од 3,5 милиони евра.

По поминување на кризата, сега има два хотели со три ѕвездички кои имаат вкупно 450 соби. Во хотелите има 110 вработени, а платите им се движат од 300 до 700 евра во зависност од работната позиција. Во неговите, но и сите хотели што ги посетивме бројот на вработени е огромен. Работат и млади и возрасни.

За да се обезбеди работна сила во турските хотели Министерството за образование во соработка со Министерството за туризам оваа година отворило 10 средни училишта за школување на кадар потребен за туризмот.

На прашањето, дали неговото семејство е вклучено во бизнисот, тој рече дека неговата сопруга се уште не ги видела нивните хотели. Киличкап додава дека помеѓу турските жени се уште е голем бројот на оние кои не сакаат да работат, туку да бидат домаќинки.

По појадокот во неговата домашна гостилница, се упативме кон водопатите во Манавгат, од каде што и се разделивме со човекот на кого Македонија му е во душата.

П.С И дека турското гостопримство не е исклучок туку правило, се потврди на вечера во ресторан во хотелот „Кристал палас“. Ми застуде од климата, а менаџерот кој не придружуваше на вечерата го повика келнерот, кој пак ми донесе надчаршаф за на маса. Ме покри на раменици, и ме остави во чудење. По втор пат се почувствував непријатно поради турската љубезност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Турција е топ туристичка дестинација летово: Работливи, гостопримливи и љубезни

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Богатите држави од Г7 им „должат“ на сиромашните 13 трилиони долари

Редакција

За еден час работа во ЕУ најмногу се плаќа во Луксембург, 50,90 евра, најмалку во Бугарија, 8,20 евра

Редакција

Бројката на починати во пожарот во ковид-центарот во Тетово се зголеми на 14, првично нема медицински персонал меѓу загинатите, велат од Обвинителство

Редакција