еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Галерија) Почна форумот MakeCoProDox на 10. Македокс

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија и Медиа Деск МК од 25 до 27 август го организираат првиот форум за копродукции на документарни филмови – MakeCoProDox Forum.

Поздравувајќи ги присутните претставници на филмски фондови, продуценти и автори, селекторката на „Македокс“, Петра Селишкар рече дека форумот е еден од новите слоеви на фестивалот со намера да се поттикне и воспостави копродукцискиот модел на продуцирање на документарните филмови, не само во нашата држава, туку и во регионот. Форумот се одржува во Младинскиот културен центар во Скопје.

Првиот сегмент на форумот го опфати претставувањето на три филмски фондови од нашиот регион. Арбен Жарку ја претстави работата на Кинематографскиот центар на Косово, Сехад Цекиќ ја презентираше работата на Филмскиот центар на Црна Гора, додека Ана Василевска зборуваше за копродукциските активности на Агенцијата за филм на Северна Македонија. Модератор на презентациите беше Бригид О’Шеј.

На форумот присуствуваат и Хеле Хансен, комесар од Норвешкиот филмски институт, Лиза Ниед од „Скане“ (Шведска) и Сорен Тарп од Данскиот филмски институт. Пред учесниците на форумот тие ќе ги презентираат можностите на нивните фондови за поддршка на копродукциите на документарни филмови за продуценти од нашиот регион. На форумот присуствуваше и директорот на македонската Агенција за филм, Горјан Тозија.

На првиот ден од форумот посебни термини за презентација имаа Мартичка Божилова, која зборуваше за Балканскиот документарен центар и „Агитпроп“, додека македонскиот продуцент Атанас Георгиев и Лорен Кушнер, од Документарниот филмски фонд од Сан Франциско (САД), зборуваа за соработката што ја остварија во промоцијата на најуспешниот македонски документарец оваа година – „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

Главна тема на 10. „Македокс“ е филмската копродукција и во таа насока се организира форумот, но беше одржана и работилницата „Идеи преку граници“ со Јана Цисар. Учесниците на работилницата од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам имаа можност да ги разменат своите искуства, но и да стекнат нови низ разговорите со продуцентката Цисар.

„Целта на работилницата за копродукција беше да се откријат причините поради кои одредена идеја би требало да се реализира како партнерство со повеќе продуценти. Често има идеи кои е подобро да се реализираат со еден продуцент, бидејќи апликациите за копродукција секаде се различни и секогаш се сложени, така што може да се искомплицира целата работа.

На оваа работилница имавме интересна структура на учесниците. Од една страна беа Докуникулците на ’Македокс‘, кои се млади и на кои продуцирањето и финансирањето на документарни филмови им е непозната област, а од друга страна имавме режисери и автори кои имаа проекти во развој и сакаа да најдат нови копродуценти на нивните филмови. По меѓусебното запознавање на сите учесници отворивме дискусија од која мислам дека сите научија нешто ново за копродукцијата на документарни филмови“, заклучува Јана Цисар.

Кулминација на првата половина на десетото издание на „Македокс“ беше мастер-класот на Виктор Косаковски. На неконвенционален и луциден начин Косаковски зборуваше за состојбите во актуелното човеково општество, нагласувајќи дека во животинскиот свет има природен систем за егзистенција и опстанок, додека човекот ги создал атомската бомба, автоматската пушка Калашников, концентрационите логори, дека луѓето ги усовршиле вештините на лажење, крадење и измама, а нивото на сензитивност и емпатија им паднало толку ниско што веќе ниту нечие убиство не поттикнува никакви емоции.

Во однос на својата филмска работа тој ги демонстрираше правила по кои ги снима документарците. Потенцираше дека не треба да снима филм некој што сака да раскажува приказни, туку тој што има талент да покажува приказни. Објасни и дека некој што не знае да гледа, односно кој нема моќ да забележува детали, воопшто не треба да се занимава со филмската уметност. Потенцираше и дека ако некој со своите филмови сака да пренесува некаква порака што ќе го смени светот, тогаш тој е во заблуда, бидејќи филмовите не пренесуваат, туку покажуваат некаква порака.

Зборувајќи за филмот „Акварела“ истакна дека се снимало во екстремно опасни услови, дека во филмот е снимена смртта на еден човек, а при снимањето изгубиле една камера Алекса во океанот. Станува збор за високобуџетна продукција реализирана со шестчлена филмска екипа.

На прашањето како ја дефинира вистината, Косаковски одговори дека животот е поголем од вистината, бидејќи ја содржи и лагата.

На крајот ја откри својата причина за снимање документарни филмови. Покрај традиционалниот метод на снимање кој содржи приказна, карактер и филмски јазик, авторот мора да создаде нешто што содржи магија, нешто што ќе го остави без здив, ќе го возбуди или вознемири додека го снима филмот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи 16 до 23 август

Редакција

ЕВН Македонија продолжува со дигитализација на услугите

Редакција

„Зелена машина“на Брако ја чистеше Белата куќа пред инаугурацијата на Бајден

Редакција