еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Галерија) Промоција на Галичник и Меденица како дел од Виа Динарика: Приказна која мора паметно да му ја раскажеме на светот

Планинарењето на планината Бистра, секогаш е добра идеја. Највисокиот врв на оваа планина Меденица (2.163 метри надморска височина), овој пат го посетивме на покана на УСАИД, кои Галичник и околината ги промовираа како дел од проектот Виа Динарика, мега-патека која поминува низ планински венец кој поврзува осум држави Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија и природно се слева во Македонија иако, нашите планини не се дел од Динаридите.

„Нешнл географик“ ја прогласи Виа Динарика за една од најдобрите дестинации за 2017 година за планинарење, велосипедизам поврзувајќи ги природните и културните знаменитости на местата на Динарските планини.

Виа Динарика дава огромен потенцијал за развој, бидејќи алтернативниот туризам дава голем импут за пораст на економијата.

Но како Галичник, Маврово и Бистра можат да бидат дел од оваа приказна?

Може, бидејќи постои концепт кој се уште се развива. Има услуги кои се нудат и треба да се доразвијат. Во тоа се уверивме при презентацијата, што да му се понуди на гостин кој сака да го ужива тој туризам.

Гостите кои присуствуваа на промоцијата на оваа тура беа главно странци. Појадуваа вo гостилницата „Баба и деде“, која е на влезот во Галичник и сите гости кои доаѓаат во селото поминуваат од таму. Традиционална пита со сирење измесена од домаќинката на гостилницата, кисело млеко, сирење, качамак, галичка студена вода… Автентична домашна храна која со многу љубов им беше послужена на гостите, а тие со љубопитност се распрашуваа за вкусовите, додека јадеа со сласт. Седнати во дворче како кај баба и дедо, доживеаја автентична атмосфера.

Инаку бабата и дедото од таа гостилница, се единствените жители во Галичник кои зимата ја презимуваат таму.

По појадокот, следуваше една кратка прошетка низ селото, при што странците беа запознаени со историјата на Галичник, Галичката свадба, автентичната архитектонска градба на галичките куќи, печалбарската судбина на селото, но и надежта дека иселените по светот еден ден ќе се вратат.

Нашиот водич Марко ни раскажа дека печалбар од Австралија се вратил во својот роден крај и ја возобновил куќата каде што порано живеел.

Во галички стил и за своја душа. Ја градел мераклиски. Тој пример, сепак даде некаква надеж дека во Галичник не е се така пусто откако се затвори фабриката за производство на волна во 70-те.

Кога шетавме низ селото, забележавме дека луѓето тогаш ги отвораа куќите, ги метеа дворовите, проветруваа. Се спремаат за Галичка свадба која се одржува на Петровден викендот на 12, 13 и 14 јули.

Од селото, гостите со џипови беа однесени до извесна точка на планината, над трлото Говедарник од каде што започна планинарењето кон врвот Меденица.

Бистра не пречека со сиот свој раскош, 100 нијанси на „зелени теписи“, исшарани со најубавите бои на цвеќиња опеани во „Полско цвеќе“ од Тоше Проески. Рај, каков што не може да се опише со најпоетичните зборови.

Одејќи кон врвот, Галичник го имате на дланка, а има и поглед кон Дебарско езеро. На врвот пак, погледот е кон Мавровско езеро.

Меденица, на некој од групата им беше прв искачен врв, но сите, така убаво ја доживеаја што никој не сакаше да го прекине хедонистичкото уживање, и да се врати назад според предвиденото време.

Откако се вративме на стартната точка каде што џиповите не оставија, за добредојде не пречекаа галичкото сирење и кашкавал, направени во галичките бачила. Повеќе сирење и кашкавал никој од нас немаше изедено. Вкусот го чувствувам и сега, додека пишувам.

Но тоа не беше се, бидејќи автентичната гозба продолжи во „Sherpa Horse Riding“, каде што ручекот беше печено јагнешко месо, подготвено на специфичен начин.

Гостите исто така по желба јаваа на коњи, а претходно инструкторот по јавање Васко Величковски одржа предавање по безбедно јавање. Можности за јавање има многу, но беше избрана кратка патека, колку да се почувствува возбудата, да се види убавината на природата од една сосема друга перспектива.

Јавањето коњи и ручекот во „Sherpa Horse Riding“ беше одлична можност да се заокружи еден прекрасно поминат ден, кога и Македонците се почувствувавме како туристи.

Си ја погледнавме државата низ очите на странците, и таа навистина е многу поубава од што ја гледаме како нејзини деца. А, странците не можеа да ја сокријат воодушевеноста од сето она што го видеа и доживеаја.

Имаме огромен потенцијал за развој, но ни треба стратегија за да им се помогне на луѓето кои ја почнаа и добро ја развивааат приказната за промоција на Маврово, Галичник и сите места на планината Бистра.

Промоцијата, на крајот на денот беше направена и за претставници на наши институции, за да видат, слушнат и малку подобро да се запознаат со туристичките производи кои треба да се развиваат и да се инвестира во нив. Но не дојдоа, беше продолжен викенд.

Странците доаѓаат и си одат, но ние сме тука кои треба во оваа приказна да инвестираме и добро да ја продаваме.

Во групата беше и новинарот Алекс Чревар кој Македонија и Виа Динарика ги промовира во „Њујорк тајмс“, „Лонли планет“, „Нешнл географик“. Да се засрами човек што има поголемо познавање за нас, од повеќето од нас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најубавото од Галичник: Што е тајната на вкусот на галичкото сирење

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Сестрата на Ким Јонг Ун страв и трепет во Северна Кореја и регионот

Редакција

(Фото) Транспарент со Груевски „виси“ на унгарскиот Парламент

Редакција

Налепниците НМК ќе бидат бесплатни

Редакција