еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Тања Иванова изработува фустани кои изгледаат како уметнички дела на телата

Облечени во некоја од креациите на Тања Иванова, може да кажете дека носите уметничко дело на себе, без воопшто да претерате во таа констатација.

Фустаните кои го потенцираат карактерот на личноста која го носи, квалитетот на материјалите, рачната изработка, шаблонот изработен по мерка, сето тоа заедно, е дел од една уникатна креативна приказна раскажана од Тања.

„Работам за личност, намерата е тој што го носи фустанот, да внесе свој печат. Личноста што треба да го носи, и самата да се чувствува убаво. Да даде нејзин печат и кога ќе се појави, да зрачи.Така луѓето и пријатно се чувствуваат. Вообичаено, идејата за тоа каква да биде креацијата за личноста ја добивам кога ќе седнеме на кафе-муабет“, раскажува Иванова во нејзиното ателје, каде што ни покажа дел од нејзините креации, рачни изработки, уникатни материјали. Место, каде што најдобро ја изразува својата креативност. Таа по струка е моделар, но до израз доаѓа и нејзината „уметничка жичка“ која ја внесува во креациите.

„Затоа и не ми беше тешко да ги разберам дизјанерите и креаторите на брендот „Систина“, за кои што работев додека постоеше. Работев како моделар кој ги изработуваше сите шаблони за моделите“, вели Тања која со разговорот не врати во златните времиња за македонската мода.

И денес се паметат рекламите со манекенките Весна Додевска и Вера Мештеровиќ облечени во креациите на „Систина“. Моделите зрачеа со женственост, уникатност, а квалитетот на материјалите „вриштеше“ и преку билбордите.

„Материјалите беа премногу квалитетни. Откако „Систина“ се затвори, дел од материјалите се однесоа во „Калина“ од каде што и денес купувам“, раскажува Тања.

Таа вели дека квалитетни материјали може да се најдат и кај нас, но најквалитетната свила ја купувала од Бурса.

„Квалитетот на свилата во Бурса е сосема поинаков од кинеската или индиската. Квалитетот на свилениот конец е подобар и не се кине. Свилата не се гужва, не се реси, и не го губи сјајот. Купувам многу мала метража, единствено за луѓе што ги знам. Свилата е поскапа, но многу квалитетна“, вели Тања а своето тврдење го поткрепи со неколку парчиња, кои едноставно блескаа од убавина, и имаа тежина и покрај леснотијата на прекраснотија од свила.

Истите тие, беа доволни да се наметнат како марами, а камоли да се изработат како фустан, кошула или здолниште.

„Материјалот треба да биде природен, избегнувам да работам со синтетика. Најповеќе сакам да работам со свила и волна, а може да биде комбинација и пак да биде елегантно, убаво и пријатно за носење. Комбинацијата свила и волна може да се носи и на пролет и на есен, а да држи температура на телото. Не трпи деформации, не се троши материјалот и е безвремнско“, ни раскажува Тања која најповеќе ужива во рачната работа. Иако, некому рачната работа му се чини комплицирана, нејзе и причинува задоволство.

„Најтешкото нешто е шаблонот, тогаш може да не спијам, размислувам додека не го смислам моделот, затоа што уникатите не се прават така едноставно. Затоа изработувам максимум три до четири фустани месечно. Имам постојани клиенти, и работам за клиенти по нивни препораки“, вели таа.

Бидејќи нејзиното ателје го посетивме пред новогодишните празници, ја прашавме за интересот за новогодишни фустани. Ни објасни дека побарувачката за свечени фустани за Нова година низ годините се намалува, затоа што се промени начинот на прослава. Но, ќе додаде дека на шнајдер не се доаѓа само за изработка на свечени фустани, туку и за деловни костуми, за да се изгледа средено и во текот на работната недела.

„Не треба да се следат само брендовите или слепо да се тера мода. Се е модерно, ако вам убаво ви прилега. Конфекција и сработено по мерка, не може да се споредува. Не мора да е актуелно, сами си правите така да изгледа, како го носите така го претставувате. Некои модели се безвремени и се чиста класика“, вели Тања.

Во нејзиниот гардеробер имаше фустани кои што таа ги правела пред 15 години, но изгледаат исто и денес и се модерни.

Сама креира и за себе, а ни откри и една тајна во врска со деталите, односно дали еден ист фустан ќе биде свечен или кежуал.

„Јас вообичаено менувам копчиња. Копчето значи многу дали на фустанот ќе му даде свечен или кежуал изглед. Деталите на моделите се многу важни“, ни објасни Тања и со практичен пример ни ја покажа разликата.

Средувајќи ги впечатоците од свилите кои што ги видовме, иако многумина се плашат од работата со нив, според изработените фустани, сфативме дека Тања е мајсторица за овој материјал.

А, тоа се гледа и по убавината жените облечени во нив.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарија ќе им плаќа на македонските Бугари да ја тужат Македонија

Редакција

Денеска сончево и топло, попладне дожд, температурата до 36 степени

Редакција

(Фото) Кој го пречека Папата Франциск на аеродромот во Скопје

Редакција