еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

(Галерија) Во најчистата Словенија: Да се потсетиме колку е убаво, кога е се чисто

Во Словенија доживеав еколошки шок. По неколку дневен престој и стотици поминати километри, не видов книвче фрлено на земја. Ни пикавец, ни пластика, ни ништо, ама ништо.

Светеа патиштата, реките, езерата, тревниците, улиците. Распослан зелен тепих, реки кристално чисти, езера со својата природна убавина. Места, посетени од илјадници домашни и странски туристи. Се прашував, дали е возможно?

Словенците се толку еколошко-освестени, што ги едуцираат и посетителите. Нивната филозофија е ништо не земај и ништо не оставај во природата. Ограничуваат употреба на пластика, речиси воопшто не се употребува во познатиот Блед, а користат рециклирани материјали.

Љубопитна, како дошле до ова ниво на чистота, прашувам колку е казната. Никој не ја знаеше цената, само ми рекоа, па кој би фрлил отпад на ова чисто. Си помислив, има кој, само за среќа не ви се во државата.

Бројот на туристи во Словенија, за последните десет години е зголемен двојно. Словенците се чувствуваат „зелено“, односно така ја доживуваат својата земја и така се гледаат себе си. Зелената боја е заштитен знак во светската промоција. И ништо да не прават, тие веќе се познати како зелена дестинација за туристи од целиот свет. Ги има толку многу што градоначалникот на Бохињ, ги замоли Словенците да не доаѓаат за време на летните месеци на Блед и на Бохињ, поради преоптовареноста на местатат со туристи од целиот свет.

Но, не само на лето, во текот на целата година животот на Словенците се одвива во природа. Освен што имаат аутдор активности, вредно и колективно работат во нивните дворови кои сите изгледаат перфектно средени. Независно колку е стара куќата, нејзе ја красат саксии со цвеќиња. Помеѓу куќите нема огради. Едноставно, сите подеднакво се грижат за јавниот простор околу нив. Искосена трева, цвеќиња, без никакво ѓубре.

Од два милиони жители, еден милион членуваат во нивната планинарска федерација. Планинарењето им е начин на живот. И секој од нив доброволно се вклучува за да помогне во неговиот развој.

Словенија, исто така можете цела да ја поминете со велосипед, ама буквално. И да стигнете до Италија, преку велосипедска патека.

За време на викенд, речиси сите семејства ги напуштаат домовите за да поминат квалитетно време во природа. Оттука и грижата за неа и одржувањето на беспрекорна чистота.

Речиси пред секоја куќа има канти за рециклирање на отпадот и не случајно Љубљана постави цел, минимум 75 отсто рециклиран отпад до 2025 година. И ќе успеат во тоа, имајќи ја предвид сегашната слика на државата.

Односот на граѓаните кон природата само потврдува, колку Словенците си ја сакаат државата и оттука се на толкаво високо ниво на свесност, што ќе се запрашате, дали произведуваат ѓубре. Секако да, но паметно управуваат со него.

И државата им е чиста бидејќи во 21 век екологијата не им е тема, таа им е начин на живот!

ПС:

И верувале или не, тие ѓубрето го чуваат во музеј. Поточно, дел од ѓубрето извадено од реката Соча (врата од старо „фичо“, гуми или сл) го чуваат во Планински музеј и таа соба ја нарекуваат „темна соба“, без да им ја покажат на гостите, туку само се поминува низ неа. И да, Словенија има најголем број на полначи за електрични автомобили по глава на жител во светот.

Фото: emagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 123 оздравени од Ковид-19, во Скопје 77

Редакција

Во сабота во Струмица карневал, група со деца од Белград поради корона вирусот го откажа учеството

Редакција

(Фото) Мерка за почит: Маркетите „Гранап“ со подни знаци против корона вирусот

Редакција