еМагазин
Image default
Локално

Гимназиите повторно атрактивни за основците: За 285 места во „Орце Николов“ се борат 400 одлични ученици

Основците кои се пријавиле за да учат во гимназијата „Орце Николов“ ќе полагаат квалификационен тест в петок. Оваа одлука била донесена откако за 285 слободни места, се пријавиле дури 400 ученици од кои со сите петки се 330, а останатите имаат по една или две четворки, пренесува meta.mk.

Ова е прв случај после многу години квалификационо тестирање да се полага во гимназија.

Директорот на гимназијата, Митко Димовски, вели дека на состанок со одговорните во Министерството за образование и наука, денеска одлучиле тестирањето да се спроведе во петок.

– Сега ќе треба да истакнеме ранг-листа, а ќе свикам и наставнички совет за да ја утврдиме фактичката состојба. Понатаму инструкции ќе добиваме од министерството. Тестирањето ќе се одржи в петок, а ќе полагаат учениците кои ги имаат сите петки. Ќе се полага македонски јазик и математика, а тестовите ќе ги прави Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на образованието. Резултати ќе има истиот ден. Во секој случај, во последниве години тенденцијата на запишување во нашата гимназија е изразено зголемена, вели Димовски.

Засега нема информација дали и во некое друго училиште ќе има потреба да се спроведе квалификационо тестирање за упис. Во другите гимназии, интересот не е во толкава мера голем како што е во „Орце Николов“.

Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“ вели дека во ова училиште за 360 слободни места на настава на македонски јазик, се пријавиле 280 ученици.

– Со оглед на бројките, најверојатно кај нас нема да има потреба од трет уписен рок. Јас сум задоволна од интересот и од одзивот кај учениците, вели Кржовска.

Интересот за средните технички училишта традиционално е помал во споредба со гимназиите, но директорите со кои поразговаравме велат дека се задоволни од бројот на пријавените кандидати.

Горанчо Николовски, директор на автосообраќајното училиште „Боро Петрушевски“, информира дека за 250 слободни места според конкурсот, досега се пријавиле 166 деветтоодделенци.

– Не сум најзадоволен од досегашниот интерес, но во однос на минатите години, мислам дека е добро. Направивме напори, го промовиравме училиштето и струките во основните училишта и сето тоа даде солиден резултат. Машинската струка ни е најатрактивна. Имаме идеални услови за нашите ученици, нудиме вработување по завршувањето на образованието.

Имаме соработка со наши социјални партнери „Ванхол“, со „Мерцедес“. Имаат бесплатен курс по англиски јазик. Имаат 24 часовно здравствено осигуривање, а по наполнување 18 години, можат за минимална сума пари да се стекнат со возачка дозвола. Освен за машинската, интерес има и за сообраќајната струка и за електро струката. На пазарот на труд, сите овие струки се дефицитарни, вели Николовски.

Во училиштето „Михајло Пупин“, пак, најголем интерес има за насоката компјутерска техника и информатика.

– Во двата уписни денови пријавени досега се вкупно 232 кандидати. Најголем е интересот за насоката компјутерска техника и информатика бидејќи е единствена во градот. Голем интерес има и за ЕВН паралелката. После добро изработена кампања, со посета на училишта и промоција на условите за учење во нашето училиште, јас сум задоволен од севкупниот интерес, вели директорот Димитар Ѓорѓиев.

Мета

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Играле“ нож и секира во тепачка пред казино во Кочани

Редакција

Кривична пријава за „Андон Ќосето“: Преку Фејсбук му се заканувал на премиерот Зоран Заев

Редакција

Пронајдена почината жена на постојка под Железничката станица во Скопје

Редакција