еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

„Го сакам Водно“ инсистира на алтернативна траса за гасоводот

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ останува на ставот да се најде алтернативна траса за изградба на гасоводот низ Водно и по вчерашната објава од Владата дека се направени измени на проектната документација за скратување и стеснување на трасата, што, според активистката од иницијативата Татјана Стојановска, се само „шминка“.

Според Стојановска, и натаму ќе инсистираат да се изработи нова студија за влијание на животна средина, а како што најави ќе ја оспорат дозволата за изградба што треба да биде издадена.

Стојановска потенцираше дека не инсистираат трасата да минува низ Скопска Црна Гора, како што рекол директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи, туку да се најде алтернативна траса.

„Може да се најде алтернативна траса. Колку и да чини тоа здравјето на луѓето нема цена“, рече Стојановска.

Според активистите на „Го сакам Водно“, не е точна најавата на Владата за започнување на изградбата на магистралниот гасовод, делница 5, затоа што, како што рекоа, делницата се гради од минатата година.

„Трасата не е скратена за четири километри. Измената е во потег од 4.3 километри. Значи ќе се исече шума со површина колку цел булевар Паризански одреди, низ Карпош 1,2,,3 и 4, Влае, Козле и Капиштец. Како ќе ја намалат трасата од 25 на 10 метри кога на снимките од Гугл се гледа колку не е испочитуван работниот појас од 25 метри, што на места изнесува и 46 метри. Не може да е под 25 метри ако се мисли на безбедност и професионална изведба“, истакна Андреја Јанков од „Го сакам Водно“.

Не е вистина, додаде, дека теренот ќе се врати во првобитна состојба и оти после неколку месеци нема да се препознае местото каде поминува гасоводот.

Според Јанков, загадувањето во Скопје нема да се намали со изградба на гасоводот низ Водно, што не е наменет за Скопје, а јавноста се доведува во заблуда дека уште оваа есен граѓаните на Скопје или кој било град во државава ќе ги почувствуваат придобивките на гасификацијата од изградбата на овој проект.

„Новата документација е изработена на наше барање, трасата да оди низ ниви и деградирани патишта, односно да не оди низ Парк шумата Водно и заштитени подрачја, а особено не низ подрачја каде има заштитени ендемски видови. Доколку тоа го разбираат како наша соработка нека биде така, но ние сепак остануваме на ставот – не низ Водно. Секоја алтернативна траса што ќе води низ заштитеното подрачје на Парк шумата Водно за нас е неприфатливо“, рече Јанков во одговор на новинарско прашање.

Според „Го сакам Водно“, на проектот се става предзнак дека е еколошки, но, истакнуваат оттаму, за да биде таков треба да исполни определени критериуми и процедури, што не биле запазени уште од почетната фаза на планирање. Со вчерашната одлука на Владата, сметаат од иницијативата, само биле легитимизирани и поддржани сите недоследностите во процедурата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Огромна направа што плута успешно почна да собира отпад во Пацификот

Редакција

(Фото) Граѓаните се однесуваат како „стока“: Рајскиот парк во Аеродром претворен во пекол

Редакција

Алкалоид дел од иницијативата на Британска амбасада „Засади дрво за јубилејот“ за одбележување на 70. Платинест јубилеј на Кралицата Елизабета Втора

Редакција