Граѓани преку онлајн платформата change.org покренаа петиција против забраната за движење во шума и на шумско земјиште од 6 до 20 часот, која започнува да важи од денеска и ќе трае се до нејзино отповикување.
Забраната е воведена од Министерството за земјоделство, а по предлог на ЈП „Национални шуми“ со образложение дека постои зголемена опасност од пожари.
Граѓаните кои ја покренаа петицијата јавно се обратија до министерот за земјоделство водостопанство и шумарство, Трајан Димковски, и директорот на ЈП „Национални шуми“, Зоран Ѓорѓиев.
„Каква е таа одлука и спроведување на истата преку ноќ без никакво излагање? Какви се овие забрани и ограничување на движење, основно човечко право без никаква реална основа? Природата е со влага, и април е месец кој беше проследен со обилни врнежи на дожд и снег – каква е таа опасност од пожари?
Дали реално постои друга причина за забраната? Свесни сте дека ова е дополнителен притисок и ограничување кои ни ги нанесувате и ги предизвикувате. За која цел е реално донесена оваа забрана? Во државата оперираат планинарски друштва и клубови некои од кои егзистираат од планинарски тури.
Дали некој ја предвидел нивната загуба? До кога оваа мерка би била на сила, дали некој размислува за тоа дека секое попладне и викенди илјадници жители се во природа? Дали е размислено за сите други негативни ефекти од ваква забрана, или преку ноќ е донесена и спроведена, особено во период кога сите седиме по дома затворени и не се изложуваме на премногу потребното сонце и чист воздух, особено сега?
Доколку постојат некои за сега неразјаснети ризици и цели, дали ваква мерка е „најлесна“ за спроведување, и тоа преку ноќ, дали затоа е донесена? Се шпекулираат неколку можни реални причини и сценарија. Дали размислувате за Вашиот личен интегритет како дел од ова општество како и тој на институциите кои ги претставувате со постапките и мерките кои ги носите?
Ако вие не сте љубители на планината и природата, има луѓе кои дишат во еден здив со неа. Револтот е огромен, и доколку не ја рагледате можноста за измена на одлуката и преиначување на истата со цел рекреативци и љубители на природата да можат слободно да циркулираат по шумите и во природа, ќе се организираме и ќе ја покренеме јавноста“, пишува во реакцијата.
Повеќе детали ТУКА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во црква може, во шума не може: Чудната логика предизвика „социјален пожар“
Попусто полициски час ако верниците ги преплават црквите пред Велигден