еМагазин
Image default
Локално

(Фото) Градоначалниците од Источниот регион на ноќно скијање на Пониква за промоција на туристичката понуда

Градоначалниците од единаесетте општини од Источниот регион синоќа беа дел од организираното ноќно скијање на Пониква за да придонесат во промоцијата на капацитетите на планинскиот туристички центар.

Домаќини на настанот беа градоначалниците на Кочани и Пробиштип, а покрај нивните колеги и поголем број скијачи од регионот, имаше и владини претставници.

– Во изминатиот период одржавме повеќе средби на кои договаравме како заеднички, со поддршка од Владата, да направиме што подобри услови на Пониква за да привлечеме гости од целата држава. Иако во моментот има доволно природен снег, сепак правиме напори за повторно оспособување на топовите за вештачки снег со што максимално ќе се искористат условите за скијање.

Како општина, ние направивме измена на деталниот урбанистички план за нашиот дел од планината, и предвидовме парцели за четири објекти за хотелско сместување за чија изградба има голем интерес, истакна Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.

Според градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев се размислува за заедничка стратегија со поширок опфат и со поддршка од централната власт, при што би се направило поврзување на планинскиот, геотермалниот и руралниот туристички потенцијал на регионот.

– Покрај усогласувањето на урбанистичките планови за Пониква, во локалната самоуправа на Кочани е започната е постапка за измена на планските документи за да им овозможиме на заинтересираните инвеститори да вложат во развој на спа-туризмот. Општината е позната по геотермалниот потенцијал и наша намера е да направиме спој на капацитетите за зимски и бањски туризам, според искуствата на слични центри, меѓу кои најдбар пример е соседна Бугарија, истакна градоначалникот Илијев.

Освен развојот на Пониква, Илијев додаде дека продолжуваат активностите за реализација на стратешката цел за искористување на потенцијалите за скијање на Царев Врв, за што е изработена и студија во која се предвидени скијачки патеки со должина од 16 километри, неколку ски-лифта и други инфраструктурни услови.

МИА/Фото: Фејсбук/Илијев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Возач од Крива Паланка најпрво удрил во 49-годишно лице, а потоа во запрен камион

Редакција

Криумчари на мигранти бегајќи од полицијата се забиле во бетонски ѕид

Редакција

Градоначалникот на Гази Баба бара полицајци во автобусите: Во континуитет се случуваат инциденти во кои се повредени ученици

Редакција