еМагазин
Image default
Балкан

Грчките бизнисмени во трка да ги заштитат имињата и брендовите со „Македонија”

Грчкиот весник „Катимерини” објави дека името „Македонија” се појавува во различни форми во брендовите на 182 грчки бизниси во сите сектори, а од нив 39 во секторот за храна и во земјоделскиот сектор, додека над 4.000 бизниси го користат терминот за опишување на еден или повеќе од нивните производи.

Ратификацијата на Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје ги покрена прашањата за тоа што ќе се случува во иднина со овие производи и бизниси, пишува весникот.

Најголема загриженост кај грчките бизнисмени предизвикува фактот дека компаниите во Македонија исто така ќе имаат право да го користат тоа име, па тие повикуваат на конструктивен дијалог и согласност за неопходните регулации.

Клучните детали од ова прашање не се доволно јасни, па, како што пишува весникот, експертите ги советуваат грчките бизнисмени да ги осигураат и заштитат правата на своите логоа и имиња, во согласност со постојните европски и меѓународни процедури. Трговските комори во северна Грција веќе почнаа да преземаат дејства, нудејќи правни совети и помош.

Договорот, сепак, нема да влијае на производи со заштитени потекло (POP) или географски показатели (PGE), со оглед дека нивните имиња не можат да се оспорат, бидејќи се утврдени преку одредбите, условите и одлуките на Европската унија.

„Договорот од Преспа содржи една клучна одредба за трговските имиња и што се однесува до трговските марки и имиња на брендови: „двете страни се согласуваат да ги поддржат и охрабрат своите деловни заедници на дијалог во кој ќе бараат и ќе постигнат взаемно прифатливи решенија за прашањата што произлегуваат од трговските имиња и сите релевантни прашања на билатерално и меѓународно ниво“”, пишува Катимерини.

Договорот, исто така предвидува формирање меѓународен тим на експерти во текот на годината кој ќе има претставници на двете држави и ќе има рок од три години, до 2022 година, за да ја заврши својата работа. Оваа одредба можеби значи дека многу прашања за името и заштитен знак ќе бидат адресирани од самиот почеток, пишува весникот.

Дури и во тој случај, правни експерти за Катимерини изјавиле дека компаниите кои ги заштитиле нивните брендови и трговски имиња ќе бидат во многу подобра позиција, без оглед на конечните одлуки на меѓународниот тим на експерти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Србија и Косово не се договорија, Борел за неуспехот го обвини косовскиот премиер

Редакција

Курти тврди дека напаѓачите се опколени, ги повика да се предадат

Редакција

Бугарин и „северномакедонец“ во вселената и така започнува „Војна на ѕвездите“, искоментира Борисов за изјавата на Трифонов

Редакција