еМагазин
Image default
Балкан

Грчките медиуми за историската посета на Ципрас: „Бакнежи и прегратки на црвениот тепих“

Нова ера и нови можности во односите меѓу двете земји, посета со историско значење, средба во позитивна, срдечна и пријателска клима, почеток на нови стратешки односи, се најчестите коментари во грчките медиуми за вчерашната посета на Алексис Ципрас на земјава, посета која како вчера, така и денеска, е главна тема во Грција, со позитивни реакции.

Акцентот од грчките новинари е ставен на најавените соработки и потпишаните спогодби, селфи фотографиите, активностите на сопругата на Заев и партнерката на Ципрас.

Голем дел од грчките медиуми, весниците, телевизиите, радијата, испратија свои новинари во Скопје за одблиску да ги следат активностите на делегацијата министри и бизнисмени предводена од Алексис Ципрас.

Детално и опширно известуваа како за првата заедничка седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји и потпишаните договори, така за одржаниот бизнис форум, но и за сето она што беше вон протоколот.

Историскиот карактер на посетата на многубројната владина делегација во Скопје и новата стратешка визија меѓу Грција и Северна Македонија ги истакнаа Алексис Ципрас и Зоран Заев во нивните изјави веднаш по завршувањето на заедничката седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, објави грчката државна телевизија ЕРТ.

„Целта за Алексис Ципрас е постигната. Она што го кажаа блиски соработници на грчкиот премиер, кои се заедно со него, е дека со симболичниот потег, со првата посета на грчки премиер на Скопје, сакаше да ја зајакне стратешката соработка, Грција да има уште еден стратешки сојузник во поширокиот регион на Балканот затоа и беа потпишани низа договори“, рече новинарот од Антена во неговото јавување од Скопје.

Алексис Ципрас е првиот грчки премиер во историјата што ја посетува соседната земја и според Зоран Заев, пишуваат историја, објави телевизијата Open.

„И двајцата премиери ги истакнаа позитивните точки од договорот дека и двете земји можат да одат напред“, објави грчката телевизија Скај во однос на економскиот форум.

Безбедносната соработка, комисијата за трговските ознаки, спомениците, учебниците, отворањето амбасади во двете земји, се темите што преовладуваат во новинарските извештаи.

„Чекори на соработка со потпишување договори“, Историска посета, Суштинска и симболична посета“, „Нова ера во односите Грција –Северна Македонија“, „Двете земји пишуваат историја“, „Ципрас и Заев го запечатија Договорот од Преспа“, „Договори за соработка меѓу Скопје и Атина“, се дел од насловите во медиумите, а вчерашната посета се најде и на насловните страници на денешните изданија на грчките весници.

Грчките медиуми освен за официјалниот дел, изјавите и пораките по Високиот совет за соработка, одвоија простор, со посебни ТВ прилози и текстови и за поопуштените и неполитички моменти меѓу двајцата премиери. Трите селфи фотографии при пречекот пред владата во Скопје и објавата на Заев на Твитер, како и дијалогот во кабинетот на премиерот не останаа незабележани од грчките новинари.

Со многу насмевки и селфи, Зоран Заев го пречека Алексис Ципрас во владината зграда во Скопје, објави ЕРТ.

„Бакнежи и прегратки на црвениот тепих и селфи со 20-те министри, со новинарите од едната и од другата земја“, објави ТВ Стар.

Новинарот од ТВ „Oпeн“, во прилогот коментираше дека со првата селфи фотографија, Заев се обидел да ја направи уште потопла климата, а со слични коментари беа и новинарите од другите телевизии.

„Остави впечаток постапката на премиерот на Скопје кој го прекрши протоколот и пред да почнат да ги поздравуваат министрите од двете земји, го извади мобилниот за да се слика селфи со Ципрас, објави Скај.

„Зоран Заев како пријател го пречека Алексис Ципрас и ги прекрши сите протоколи, упатувајќи се кон новинарите за да се сликаат селфи“, објави Антена.

Особено внимание, телевизиите во Грција му посветија на дијалогот меѓу премиерите во кабинетот на Заев за децата на премиерот на Северна Македонија и делот во кој вели дека ќерка му има 18 години и има момче, на што Ципрас му одговара: „Тоа е животот, Зоран“.

Грчките медиуми паралелно, известуваа и за активностите на партнерката на Алексис Ципрас, Бети Базиана. За посетата на гробот на Зорбас, за прошетката на скопското Кале заедно со сопругата на премиерот, Зорица Заева, како и за подароците што си ги разменија.

МИА/Фото:Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Селфи-фотографијата на Заев и Ципрас на насловна страница на „Фајненшал Тајмс“

(ВИДЕО) Кој е Гркот Зорба, на чиј гроб во Скопје партнерката на Ципрас положи цвеќе

(Фото) Заев и Ципрас на ручек во познат скопски ресторан, подоцна дојдоа Заева и Базиана

(ВИДЕО) Светозар Јаневски, Штерјо Наков… Кои македонски бизнисмени дојдоа на Бизнис форумот со грчките колеги

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Вознемирувачко видео) 72-годишен маж во Грција уби 39-годишен вработен во Германос

Редакција

Уште двајца министри поради Македонија го напуштаат кабинетот на Петков

Редакција

Црна Гора со нови рестриктивни мерки: Се воведува забрана за работа на ноќни клубови и дискотеки

Редакција