еМагазин
Image default
Македонија

Хелшински: Со исклучувањето на јавноста од судењето за насилството во Собрание повредено правото на фер судење

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја смета за незаконска одлука на судечкиот совет на Кривичниот суд за исклучување на јавноста од денешното рочиште за предметот „27 април“, со која, како што посочуваат, се повредува правото на фер судење и начелото на јавност на постапката како неизоставна компонента на ова право и како гаранција за фер и законито постапување на судовите.

Од Хелсиншкиот Комитет укажуваат дека во иднина јавноста треба да биде исклучена само и единствено кога се исполнети условите изричито прецизирани во членот 354 од ЗКП и во ниеден друг случај.

На денешното рочиште за предметот „27 април“ кој се води пред Основниот суд Скопје 1, а на кое рочиште требаше да се распраша заштитениот сведок на ОЈО, судечкиот совет соопшти дека ја исклучува јавноста, по барање на ОЈО, наведувајќи само дека е врз основа на член 354, без притоа да прецизира точно поради која од причините утврдени со овој член е причина за исклучување на јавноста.

Со тоа, како што стои во соопштението, на сите присутни како јавност, вклучително и на набљудувачите од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од други домашни организации кои ја следат оваа судска постапка, не им беше дозволено да го мониторираат денешното рочиште и распитот на заштитениот сведок.

– Сепак, судскиот совет повикувајќи се на членот 355 став 2 од ЗКП дозволи да останат набљудувачите на Мисијата на ОБСЕ и на американската Амбасада во Скопје, со образложение дека истите имале соодветни протоколи за доверливост, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Ваквата одлука на судечкиот совет за овој судски предмет, како што стои во соопштението, претставува повреда на начелото на јавност на постапката, кое е едно од основните начела за гаранција на правото на фер судење.

Имено, Законот за кривична постапка јасно и прецизно го уредува начелото на јавност на постапката и со членот 353 ст. 1 утврдува дека главната расправа во кривичната постапка е јавна, а по исклучок (член 354) јавноста може да се исклучи ако е тоа потребно заради чување на државна, воена, службена или важна деловна тајна, чување на јавниот ред, заштита на привантиот живот на обвинетиот, сведокот или оштетениот, заштита на безбедноста на сведокот или жртвата и /или заштита на интересите на малолетно лице.

Во конкретниов случај судечкиот совет при објавата на решението за исклучување на јавноста, не ги утврди и образложи точните причини за исклучување на јавноста наведени во членот 354 од ЗКП.

Распитот на заштитен сведок, сам по себе, не може да биде причина за исклучување на јавноста, токму од причина што безбедноста на сведокот е загрозена истиот е ставен под заштита и се испрашува во постапката според одредбите за распит на заштитен сведок (членови 228, 229, 230 и 338 од ЗКП). Со самото тоа што идентитетот на сведокот е заштитен (член 229) и истиот не се распрашува со директно присуство во судската сала туку преку технички уреди за пренос на слика и тон и замаглување на неговиот лик и глас ( член 230) се заштитува и гарантира безбедноста на заштитениот сведок. Од тие причини и законодавецот не одредил исклучувањето на јавноста да биде правило секогаш кога ќе се испитува заштитен сведок.

Од друга страна, како што посочуваат од Хелсиншкиот комитет, имајќи ја предвид чувствителноста и заинтересираноста на јавноста за овој предмет, од голема важност е јавноста постојано да биде вклучена и соодветно информирана за текот на постапката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новиот заразен од коронавирусот од Струмица е во државен карантин

Редакција

Францускиот претседател Макрон со видео порака до македонските граѓани: Верувам во мудроста на граѓаните

Редакција

Мерките во Дебар дадоа резултати: Шести ден без новозаразени од корона вирусот

Редакција