еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Неби Хоџа: Ги мотивирам вработените на компанијата да ја чувствуваат како нивна

Изборите завршија, запливуваме во мирни политички води, но дали економијата конечно ќе биде во фокусот на Владата, за да испорача резултати кои граѓаните и бизнисот ќе ги почувствуваат на своја кожа?

Претседателот на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, (СКСЗМ), Неби Хоџа смета дека она што Владата најпрво треба да го направи се ефикасни институции кои ќе одговараат на потребите на бизнисот, намалување на административните пречки во реализацијата на капиталните инвестиции, обезбедување на средства за рамномерниот регионален развој од еден процент од БДП, како и реформи во јавната и државната администрација.

Тој како работодавач кој има неколку бизниси, ги мотивира вработените за компанијата да ја чувствуваат како своја, па оттука смета дека и кон вработените во администрацијата треба да бидат поставени правила за да се мотивираат.

„Кај мене вработените примаат плата која што е фиксна и во однос на обртот, односно ако го постигнуваат таргетот што јас сум го замислил како сопственик, тие добиваат големи бенифиции во компанијата. Што значи дека доста се стимулирани и ја третираат компанијата како своја“, вели Хоџа.

Комората во која што Хоџа е претседател во нејзината стратегија како дел од мерките имала цел – раст на минималната плата, која веќе се имплементира, но смета дека се уште трае како процес.

„Тоа би бил еден од главните чекори за да ги задржиме младите, посебно високообразованиот кадар кој секој ден ја напушта државата. Зголемувањето на минимална плата е тежок чекор и за бизнисот, меѓутоа ако убаво се програмира тој раст од страна на сите чинители, и со тие средства кои што ние би ги давале како плата би се зголемит обемот и обртот воопшто.

Тоа е пракса и на западните држави, каде велиме дека таму платите се многу повисоки, но на крај од месецот и на нив не им останува ништо за штедење. Она што го бараме и потенцираме е да можат вработените и тука комотно да го поминат месецот и на тој начин да останат луѓето тука, да функционираме и да имаме просперитет,“ додава тој.

Голем број компании во Комората пријавиле недостаток на работници, посебно во градежниот сектор, како една од главните гранки на економијата. Поради недостаток, тие луѓе флуктуираат помеѓу компаниите или бараат работа надвор.

Како други проблематични сектори се информатиката, електро-машинството, текстилната и метало-преработувачката индустрија.

„Вишокот на администрација треба да се преквалификува и да се адаптира на потребите на приватниот сектор. Кај нас треба да се реагира од основно училиште и да се подготви професионален кадар од средно образование, кој ќе ги исполни потребите на компаниите.

Најлош поврат на инвестиции има во кадри. Се стекнуваат со високо образование, а имаме потреба од професионален кадар со средно образование. Тој кадар со високо образование ја напушта државата, ние инвестираме во ресурси кои си заминуваат како квалификуван човечки капитал“, додава Хоџа.

Имаме состаноци со Владата, но во пракса ништо конкретно

Во однос на соработката на бизнис-секторот со Владата, Хоџа вели дека состаноци има, но во пракса нема некои конкретни резултати, за кои е потребно време.

Од досегашната имплементација на проектите за финансиска поддршка, компаниите кои добиле средства од повиците за финансиска помош од државата, генерално се задоволни.

Според Хоџа, повратот на ДДВ на компаниите е редовен, со незагрижливи задоцнувања.

Реализацијата пак на капиталните инвестиции од 6,2 проценти е загрижувачка.

„Сметам дека треба да се направи конкретна анализа за тоа кои се реалните проблеми кои предизвикуваат вака низок процент на реализација на капиталните инвестиции. Доколку продолжи овој тренд на ниска реализација на капиталните инвестиции, сметаме дека тешко остварливо ќе биде да се постигнат предвидувањата и проекциите за економски раст за 2019 година.

Нашите компании се во инвестиции и ако немаат поврат на инвестициите за еден одреден период ќе банкротираат“, додава тој.

Како Комора тие предлагаат да се изградат автопатишта до главните градови на соседните земји и да има една контролна точка на границите за извоз.

„Толку сме заостанати во патната инфраструктура, а да не зборувам за железничката. Го губиме стратешкиот партнер Косово каде во 2012 година сме извезувале стоки вредни над 500 милиони евра, а сега сме препополовени.

Од друга страна Албанија изгради автопат кон Косово и двојно ја зголеми трговската размена. Косово од нивна страна изградија 70 км најмодерен автопат до нашата граница, кој чини скоро милијарда евра и се очекува свечено да биде пуштен до крај на месецот мај. А ние не сме во состојба да изградиме 13 километри.

Предвидениот рок за целосна изградба на овој автопат до 2025 година е неприфатлив за бизнис заедницата. Затоа, овој проект треба да биде приоритет над приоритетите за реализирање, во што е можно пократок рок. Градиме популистички, а не ги анализираме работите од економски аспект.

А да не зборувам колку туристи имаме од Косово за шопинг, рекреација и за медицински потреби. Секоја недела над пет илјади луѓе доаѓаат од Косово“, додава Хоџа.

Во буџетот не биле предвидени средства и за отворање на царинскиот терминал во Јажинце.

„Несомнено дека е важна точка за економскиот раст на земјата, бидејќи е многу блиску до Полошкиот регион каде што гравитираат над 7.000 компании. Компаниите за 20 километри може да стигаат до царинскиот терминал во Јажинце, додека кон Блаце мора да поминуваат 100 километри, и тоа секако дека создава трошоци за компаниите“, вели Хоџа.

Дел од нивната платформа за економски раст и развој било и прашањето за привлекување на дијаспората за да инвестира во земјата и со другите комори работат на тоа, на кој начин тие би можеле да се вратат во државата.

„Токму, дијаспората сметаме дека претставува неискористен ресурс за економската моќ и know how, и позитивен чекор се направи првпат со новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции.

Нашите иселеници кои веќе работеле со години и пројавиле интерес да се вратат, треба да бидат субвенционирани од државите од кои доаѓаат, бидејќи придонеле во нивниот развој. Како што е пример со компанија од нашата Комора. Лице кое работел 20 години во Швајцарија се вратило и инвестирало и швајцарската влада ја поддржала оваа инвестиција со над 500.000 евра во фабрика која произведува блокови и бетон“, додава Хоџа.

Преку планинарењето се борам против стресот од секојдневието

Фамилијарната традиција како дејност на претседателот на СКСЗМ е златарството, и оваа година се одбележуваат 50 години од започнување на овој занает. Тој е горд што станува збор за успешна семејна приказна, и што од дуќан од шест квадрати, сега има модерни златари во Стара чаршија во Скопје и златарската уличка во ГТЦ.

Бизнисот со производство на мебел пак, го развива на Косово.

„Многу се посветив на овој бизнис и семејно сме вклучени во неговиот развој. Од кај нас произлегоа луѓе кои го научија занаетот и самите отворија златари низ целиот регион на Балканот.

Најстриот брат има напишано книга, „Златото и другите благородни метали“, книга од 500 страни, која служи како професионален прирачник за сите технологии на изработката на златото.

Тој подем на златарството почна токму од тој мал дуќан во далечната 1969 година во Старата скопска чаршија. Син ми има своја приватна фирма за маркетинг и добро се развива, но би сакал или тој или ќерка ми да ја вклучам во овој бизнис и да го модернизира и со светски брендови “, додава Хоџа.

На прашањето, дали се уште важи правилото дека инвестирањето во злато е најсигурна инвестиција, Хоџа вели дека неговата цена не може да се намали.

„Златото е валута во метална форма. Луѓето што инвестирале на времето во него, на сите им се возвратило со добивка, бидејќи цената на златото секогаш расте. Резервите на злато во земјата се ограничени, бројот на жители расте и пропорционално и потребите растат“, потенцира тој.

Хоџа вели дека дури имале интерес за отворање на берза на дијаманти во Македонија.

„Тој бизнис бара енормно стабилна политичка ситуација. Секое прашање треба да се одобри од страна на Светската берза на дијаманти, коишто го истражуваат теренот и бараат стабилен амбиент за инвестирање. Во нашата джавата има традиција во златарството, но треба да се модернизира, да се донесат брендови“, вели Хоџа.

Секојдневиот стрес, Хоџа го балансира со планинарењето, бидејќи како што вели сака височини, чистина и мирен амбиент.

„Не сум човек што сака груби спортови и со стрес, а сакав да работам на здравјето, па така да пред шест години ми се вроди идејата да се занимавам со нешто што психички и физички би ме држило во форма. Се приклучив кон еколошкото-планинарско друштво „Шкупи“. Почнавме да одиме локално, и се заљубив во убавините на природата која не опкружува.

Па некако брзо започнав поекстремно со искачувања. После нашите планини во Македонија се искачив во Турција на Ерџијес на 3.917 метри, потоа Гранд Парадис 4.061 м., Монт Бланк 4.810 м., пред две години Казбеги 5.047 м. во Грузија и Елбрус 5.642 м. во Русија.

Но со многуте обврските во приватниот бизнис и во Комората не можам да се подготвам доволно, за поекстремни височини треба време и многу подготовки.

На Елбрус на 5.300 метри надморска височина ме фати висинска болест и почна да ми се спие и ми се слоши. Се борев со себе, почнав да мислам на семејството, ми беше многу тешко, но со последни сили и добра волја успеав.

Јас планинарењето не го сметам за спорт, туку тоа е начин на живеење. Тешко е да го опишуваш чувството кога го освојуваш врвот. Луѓето секојдневно седат во кафеани, наместо да излезат на чист воздух и квалитетно да си го трошат времето.

Се дружиме со многу планинарски друштва претежно од Балканот и чувството е прекрасно, со многу позитивизам. Се надевам со добро здравје да ги освојам и другите атрактивни врвови низ светот”, додава Хоџа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Германскиот конзулат во Истанбул затворен поради опасност од напад

Редакција

Каков имот пријавил обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов

Редакција

(Вознемирувачко видео) Наставник шамара ученик во основно училиште во Бутел, го крева на раце и го треска

Редакција