Веќе подолг период бизнисмените во нашата држава отворено предупредуваат дека на пазарот има недостиг од работници пред се од стручен технички кадар. Нивните предупредување ги потврдуваат и статистичките податоци според кои во второто тримесечје од 2019 година во земјава имало 7.430 слободни работни места.
Итересно е што најмногу слободни работни места има во услужните дејности и продажбата (хотели, ресторани, трговија), а најмалку во секторот јавна управа и одбрана, што сигнализира дека кај нас граѓаните кои се без работа преферираат државна служба отколку да бидат продавачи или да работат во преработувачката индустрија.
Една од главните причина за тоа е што државните плати иако не се астрономски се многу поголеми отколку во приватниот сектор каде на пример продавачите се среќни ако добијат плата од 16.000 или 18.000 денари.
Од друга страна, голем дел од бизнис секторот е ориентиран кон работа со државата. Секојдневните известувања за јавните набавки на државните органи, фондовите и општините покажуваат дека едни исти компании постојано ги добиваат тендерите на кои секоја година се трошат стотици милиони евра.
Ваквите трендови покажуваат дека освен ретките исклучоци, кај најголем дел од населението во земјава се уште важи правилото „заврши каков таков факултет, зачлени се во партија и најди си државна работа“. Истовремено, најбројни се бизнисмените кои пари знаат да направат единствено преку учество на јавни набавки односно увоз на производи кои им се потребни на државите органи или давање некакви услуги.
Се додека нема промена на менталитетот „државната цицка е најслатка“, нашата земја нема да доживее економски развој и пораст потребен за подобрување на живеачката на сите граѓани.