еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Индија ја укинува уставната автономија на Кашмир, војската во состојба на зголемена борбена готовност

Индиските власти донесоа претседателска уредба со која го укинаа специјалниот статус на државата Џама и Кашмир, што беше гарантиран со Уставот.

Телефонските врски и интернет сервисите од денеска се суспенцирани во индискиот дел на Кашмир, а државните лидери се ставени во домашен притвор, пренесоа британските медиуми.

Индиските власти во Кашмир соопштија дека воведуваат рестрикции за јавни движења и дека ги затвораат сите образовни институции во главниот град Срингар.

И покрај критиките од опозицијата веста за укинување на автономниот статус на Кашмир во парламентот ја даде министерот за внатрешни работи Амит Шах.

Претседателскиот указ во сила стапува веднаш и тој ќе го замени членот 370 од Уставот што се однесува на Џама и Кашмир, се наведува во текстот што го пренесе владата.

Членот 370 од индискиот Устав се однесува на специјалниот статус на Џама и Кашмир во областа на одбраната, надворешните работи и комуникациите, а останатите прашања потпаѓаат под локалното законодавство.

Пред парламентот, исто така, беше претставен предлог закон за поделба на ова подрачје. Источниот дел Ладак, во кој живее будистичко мнозинство, ќе биде раздвоен.

Остатокот од Џама и Кашмир, што ги подразбира рамнините Џама со хинуистичка популација на југот, и долината Шрингар со мулсиманско мнозинство на северот, ќе го загубат статусот на федерална држава и ќе добие статус на „територија на Унијата“. Тоа значи дека ќе биде под директна власт на Њу Делхи и нема да има речиси никаква автономија.

-Денеска е најцрниот ден за индиската демократија, на Твитер наведе поранешната шефица на власта во Џама и Кашмир, Мехбуба Муфти.

Според неа, едностраната одлука на индиската Влада за укинување на членот 370 од Уставот е незаконска и противуставна, со што Индија станува окупациска сила во Џама и Кашмир.

Од 1989 година бунтовниците во овој регион се борат за независност на Кашмир од Индија и припојување кон Пакистан, државата која контролира дел од оваа територија.

Проценките се дека од почетокот на конфликтот досега загинале 68.000 лица.

Индија ја крена војската до степен на зголемена борбена готовност

Индиската војска е крената во состојба на зголемена борбена готовност, откако во парламентот беше поднесен предлог закон со кој се укинува специјалниот статус на државата Џама и Кашмир..

Веста ја пренсе агенцијата Ани на Твитер.

Индиските власти веќе почнале со префрлање на дополнителен контингент од 8.000 војници во Џама и Кашмир.

Телевизијата НДТВ јави дека од рано утринава воено-транспортни авиони префрлаат војници на аеродормот од престолнината на Кашмир, Сринагар. Телевизијата наведува дека војниците ќе го засилат контингентот од 35.000 војници што веќе сенаоѓа во Џама и Кашмир.

Но, индиската агенција наведува дека целата индиска војска е крената до степен на зголемена борбена готовност.

Медиумите јавуваат дека илјадници Индуси аџии, кои тргнале во храмот Амарнат во Кашмир, се враќаат во своите домови, како што владата им препорача кон крајот на минатата недела.

Индиската полиција ноќеска ги уапси сите позначајни лидери на регионалните партии. Меѓу нив се и поранешниот главен министер на оваа држава, Мехбуба Муфти, како и лидерот на опозицијата во регионалниот парламент, Омар Абдулах.

Во еден дел од државата почнаа спонтани и стихијни протести на одлуката на индиската власт да се укине специјалниот статус на Џама и Кашмир.

Пакистан го осуди индиското укинување на специјалниот уставен статус на Кашмир

Пакистан го осуди и отфрли индискиот потег на укинување на специјалниот уставен статус на регионот Кашмир, предупредувајќи дека ќе ги искористи сите мерки што му стојат на располагање за да се спротивстави на „илегалниот чекор“, јави ДПА.

-Индија ја окупира Џама и Кашмир како меѓународно призната спорна територија, реагира Министерството за надворешни работи на Пакистан во соопштение.

„Ниту еден унилатерален чекор на индиската Влада не може да го смени овој спорен статус… Ниту, пак, некогаш овој чекор ќе биде прифатен од луѓето во Џама и Кашмир“, изјавија од министерството, додавајќи дека неговиот статус е поддржан со резолуции на Советот за безбедност на ОН.

„Пакистан ја реафирмира посветеноста на каузата за Кашмир и дава политичка, дипломатска и морална поддршка за луѓето од окупираниот Џама и Кашмир за реализација на нивните неприкосновени права за самоопределување“, се наведува во соопштението на пакистанското МНР.

МИА/ Фото: Tauseef Mustafa/AFP

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Наке Георгиев и Антоанета Димовска кандидати за членови на Судскиот совет од редот на судиите

Редакција

Нови 890 случаи на Ковид-19 од 3.284 тестирања

Редакција

40 дена штама за бегството на Груевски

Редакција