еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Инволвиран ли и е Иванов во настаните од 27 април и планирал ли прогласување воена или вонредна состојба?

Информацијата дека претседателот Ѓорге Иванов планирал прогласување на воена состојба во јавноста се појави уште пред да се случи „крвавиот четврток“ во македонското Собрание, кога веќе беше јасно дека ВМРО ДПМНЕ нема да успее да формира влада со ДУИ.

Имено неколку дена пред настаните од 27. април, за кои во тек е судење, неделникот Фокус објави дека: „пред Велигден била организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (Никола Груевски, н.з.), на воено-инфраструктурните објекти во шумскиот резерват „Јасен“ во мисија на нивна подготовка за сместување на Груевски, Иванов и нивните семејства, за планираната воена состојба“.

Прогласувањето на воена или вонредна состојба од страна на Иванов деновиве е повторно актуелна по сведочењето на неколку обвинети на судењето за 27. април.

Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа е последниот во низата сведоци кои посочуваат инволвираност на Иванов и неговиот кабинет во настаните во Собранието.

Според Нинџа, кој во судница се повика на информации од избеганиот поранешен началник на Петтата управа, Горан Грујевски, Иванов имал намера на 27. април да прогласи вонредна воена состојба, но тоа не го сторил под притисок на странски фактор.

Обвинетите во судскиот процес за 27.април, со име и презиме, за инволвираност во настаните, до сега посочија и двајца членови на кабинетот на Иванов, Синиша Алексоски, советник за национална безбедност и Борис Јосифовски, генерален секретар.

Алексоски во своето сведочење го посочи обвинетиот Михаил Младеновски, кој рече дека советникот на претседателот, им кажал дека Иванов ќе прогласи воена состојба.

По неговиот исказ во судница експресно реагираа од Кабинетот на Иванов:

„Давање на лажен исказ е кривично дело. И по не знаеме кој пат, Кабинетот на претседателот на Република Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27. април“.

Јосифовски, пак во своето сведочење го посочи Нинџа, кој рече дека секретарот на Кабинетот на Иванов вечерта на 27. април бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се давале наредбите за организираниот напад на Собранието, и дека од Јосифовски, според Нинџа, стигнала информација дека ќе биде прогласена воена состојба.

Од Кабинетот на Иванов го демантираа и овој исказ преку соопштение во кое се отфрлаат, како што се наведува, континуираните и очајни обиди за вмешување на претседателот на Република Македонија и Кабинетот во настаните од 27 април 2017 година.

„Во Кабинетот на претседателот на Република Македонија никогаш ниту се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба. Сметаме дека последното посочување на генералниот секретар на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Борис Јосифовски, во функција на наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба на 27 април 2017 година е уште еден во низата очајни обиди за конструирање сценарио за неосновано вмешување на Кабинетот на претседателот на Република Македонија и лично на претседателот на Република Македонија во настаните од 27 април 2017 година“, се вели во соопштението.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе му се суди ли и на Груевски за настаните од 27 април?

Твитер „зовре“ по сведочењето на Александар Василевски: „Овој Нинџа го натпеа и Дурловски“

Обвинетиот Нинџа за настаните од „27 април“: Бевме искористени од УБК и ВМРО-ДПМНЕ, никој не ја знаеше режијата сите бевме статисти

Судење за „27 април“: Обвинетиот Нинџа работел во УБК под псевдоним Самурај, имал и значка, пиштол и радиостаница

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Жито Лукс со нов изглед кој е одраз на идните цели и развојни планови на компанијата

Редакција

Разрешени директори на АА кои застанаа на страната на Таравари

Редакција

Собранието изгласа продолжување на кризните состојби заради недостиг на електрична и топлинска енергија

Редакција