еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Истрага „Подарок“ на СЈО: Како Ставрески и Јанакиески го оштетиле Буџетот за 33 милиони евра

Една од новите истраги на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е именувана како „Подарок“.

Меѓу осомничените се поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Од СЈО велат дека осомничените Ставрески и Јанакиески, со учество во дејствие на извршување заедно со осомничениот Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје, во периодот јануари 2012 – јули 2014 година, со умисла ја искористиле службената положба и овластување и за руската компанија ОАД Стројтрансгас од Москва прибавиле противправна имотна корист во износ 2.008.877.000 денари, односно близу 33 милиони евра, и во истиот износ нанеле штета на Буџетот на РМ.

“Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на Меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија“, велат од СЈО.

Со спогодбата се регулира рускиот долг во износ од 60.560.242,44 американски долари да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи.

„Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од 75.700.303,05 американски долари, или 55.647.292,77 евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.

Меѓутоа, претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која гасоводна делница е подолга за речиси 36 км во однос на претходно споменатиот договор за делницата „Клечовце- Блок станица 5““, велат од СЈО.

Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле наполно свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна, велат од СЈО.

“Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва.

Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ, го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626,37 евра (за еден километар гасовод).

Во насока на склучување на договорот, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“ ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што на оваа компанија ѝ е овозможена противправна имотна корист во износ од 32.664.672 евра и 11 центи, колку што е оштетен и буџетот на Република Македонија.

Со ова, постои основано сомнение дека осомничените Зоран Ставревски и Миле Јанакиески сториле по едно кривично дело Злопупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со став 3 и 1 в.в член 22 од КЗ на РМ, а осомничениот Крсте Миладинов сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4, 3 и 1 в.в. со член 22 на РМ.

Со една реченица РМ фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал “ подарок “ за Русија„, велат од СЈО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Штета на буџетот од 80 милиони евра: 6 нови истраги на СЈО, осомничени Ставрески, Османи, Груевски…

Фото: Фејсбук/Ставрески

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 104 заразени од Ковид-19, најмногу во Скопје и Куманово

Редакција

Три нови сомнителни случаи тестирани за коронавирус во Скопје, за двајца резултатите негативни, за едниот се очекуваат

Редакција

Милошоски по новата средба за иднината на СЈО: Власта не сака системско решение за ЈО

Редакција