еМагазин
Image default
Македонија

Иванов ги повика МВР и УБК да одговорат врз основа на што го следат

Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека се злоупотребува претседателот на Република Македонија и ги негира изнесените наводи во службената белешка на УБК, наведувајќи дека не е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негира и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески.

– Кабинетот на Претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески. На идентичен начин се злоупотребува претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски.

Кабинетотот на претседателот на Република Македонија јавно прашува дали сè уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?, стои во реакцијата.

Кабинетот на Иванов  ги повика Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК.

Врз основа на ова, пишува понатаму во соопштението, „ги повикуваме собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат претседателот на Република Македонија“.

-Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Информираме дека за овој случај, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија извести странски дипломатски претставници во Република Македонија, се наведува во дописот од Кабинетот на Иванов.

Основен суд Скопје 1: Кабинетот на Иванов да појасни зошто бара службена белешка

На соопштението на Иванов реагираа од судот.

Основниот суд Скопје 1 соопшти дека не може поинаку да го разбере освен како обид за директно мешање во независноста на судот барањето на Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов до овој Суд да му достави службени белешки од МВР – УБК кои се дел од заведен судски предмет.

Во таа смисла Основниот суд Скопје 1 денеска, како што информира,  до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија доставил известување со кое бара судот да биде известен дали барањето е лично од претседателот или од друго лице во Кабинетот на Претседателот на РМ кое е потпишано на барањето.

– Воедно истакната е и потребата да се појасни од кои причини се бара на увид службена белешка и од каде Претседателот на Република Македонија ја црпи надлежноста да бара увид во судски докази и тоа во фаза на постапување по поднесен обвинителен акт и определни мерки за обезбедување присуство. За судот е важно да се обезбеди и истакне независноста во судското постапување и немешање во судските одлуки, пишува во соопштението на Основен суд Скопје 1.

Кабинет на Иванов: Судството да не ги затскрива сопствените недостатоци

Кабинетот на претседателот на Република Македонија реагираше на соопштението на Основниот суд Скопје 1 и смета дека повикувањето на овој суд за „независност и мешање во судската власт“ има цел да ја прикрие направената злоупотреба на неточна информација.

– Немојте позади независноста на судот да ја затскривате вашата одговорност дека врз основа на фалсификат со невистинита содржина и конструкција на лаги е злоупотребен Претседателот на Република Македонија, носите решенија за притвор и спроведувате притворска политика. Посочуваме дека, како ние, така и јавноста преку јавно објавените Решенија за притвор се запозна со содржината на copy-paste класифицираната „строго доверлива“ белешка што поведува и друг вид на одговорност за непрофесионално однесување во судски предмети, се вели во реакцијата.

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, како што се наведува, никогаш досега не реагирал на судска одлука или решение.

– Сметаме дека е крајно време, а во интерес на ЕУ стандардите кои се бараат земјата да ги исполни, судството да не ги затскрива сопствените недостатоци зад наводно мешање во неговата независност, стои во реакцијата.

Кабинетот на претседателот на Република Македонија се уште очекува одговор на барањето испратено до претседателот на Основниот суд Скопје 1 за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на претседателот Иванов.

Фото: Кабинет на претседателот

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иванов: Ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески

Телма: Јанакиески барал, ама не добил амнестија од Иванов, па имал намера да бега

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 2.322 болни од Ковид-19

Редакција

Села: 12 април е можност за да се донесе промена

Редакција

Убава вест: 114 здравствени работници во Македонија излекувани од коронавирусот, голем раст

Редакција