еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Иванов „распали“ по власта: Јас помилував за помирување, вие амнестирате за да уценувате

Одлуките за помилување ги донесов за да спречам хаос во државата, а одлуката за амнестија се донесе за да се озаконат уцените со кои се создава хаос и се руши правната држава. Ова го порача денеска претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во новогодишното обраќање во Собранието, наведувајќи дека разликата помеѓу неговите помилувања од 2016 година и актуелната амнестија е во целите.

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена“, рече претседателот.

Иванов осврнувајќи се на неодамна донесениот Закон за амнестија, за кој рече дека го потпишал заради разоткривањето на вистинските цели и намери, а тоа е уцената.

Истакна дека уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата.

„Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир“, рече претседателот Иванов.

Од таканаречена заробена држава, потенцира, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите.

Порача дека се додека простувањето и помирувањето се само средство за постигнување на некоја друга цел, вие само го девалвирате и простувањето и помирувањето.

„Национално помирување ќе настапи тогаш кога сите ние, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност ќе побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле и ќе им простиме на оние кои ни згрешиле. А прошката треба да оди рака под рака со одговорноста“, рече претседателот Иванов во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија.

До последниот ден од мандатот ќе го бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста

До последниот ден од мојот мандат ќе го бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици и закани и од тоа нема да отстапувам, порача Иванов, кој потенцира дека денешното не е последно обраќање и отчет за сработеното во овој втор негов мандат, што завршува на 12 мај следната година. За тоа смета дека се уште е рано.

-Кога на 12 мај 2014 година го презедов мандатот втор пат  тука во оваа сала дадов свечена заклетва како претседател на РМ и врховен командант на АРМ ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и незаисноста на РМ од внатрешните и надворешните предизвици и закани. Во таа изјава стои дека ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на РМ.

Денес од ова исто место повторувам дека до таа моја заклетва ќе продолжам до последниот ден од мојот мандат и од тоа не мислам да отстапувам. Имам многу добра причина за мојата решителност бидејќи токму за време на овој втор мандат РМ се соочува и со внатрешни и надворешни закани и ризици по нејзиниот суверенитет, територијателен интегритет и независност, рече претседателот.

Осврнувајќи се на соработката со Владата и Собранието рече дека таа по одредени прашања била добра и дека таквата соработка е неопходна за доброто на државата, но оти во изминатата година  кохабитацијата била ставена на тест.

-Во изминатата година како претседател на РМ со Владата соработував околу повеќе прашања од споделена надлежност. Во сферата на надворешната политика ги прифатив сите квалитетни владини предлози за амбасадори кои сметав дека професионално ќе ја претставуваат РМ во странство.  Постигнавме согласност околу новиот гувернер на НБРМ, именував нов началник на ГШ на АРМ. Со Собранието соработував преку именувањето двајца нови уставни судии. Таква соработка за доброто на државата е неопходна во секоја кохабитација, но има суштински важни причини зошто нашата кохабитација е ставена на тест, рече претседателот на Република Македонија.

Иванов побара парламентарното мнозинство да смогне сили да ја отфрли Преспанската спогодба

Иванов побара од парламентрарното мнозинство да смогне сили и да го отфрли Договорот од Преспа.

-Се уште се надевам дека ова парламентарно мнозинство ќе смогне сила и ќе го послуша гласот на народот и ќе ја отфрли преспанската спогодба и амандманите за промена на Уставот, рече претседателот Иванов од говорницата во македонското Собрание.

Тој, го цитираше првиот претседател Киро Глигоров, кој кажал дека прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, Влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе не надживее и нас, и нашите деца.

Говорејќи за иднината на држава порача дека треба да се ослободиме од омразата и реваншизмот, и да се свртиме кон помирувањето, но како што рече она автентичното без задни намери, без скриени агенди, а до кое се стигнува преку вистината и одговорноста.

-Преку вистината и одговорноста што води до помирување, ќе имаме праведно општество во кое меѓусебното почитување одново ќе биде наша врвна вредност. Во кое власта и опозицијата наместо како заколнати непријатели ќе се доживуваат како достојни противници и партнери за доброто на граѓаните што ги избрале. Држава во која ќе имаме култура на почитување на Уставот и законите. Општество во кое младите ќе имаат реална надеж за исполнет живот и перспектива. Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам, рече претседателот Иванов.

Според него, донесена со изговор дека треба да стави крај на спорот за името со Грција и да го отвори патот за членство во Европската Унија и НАТО, Преспанската спогодба всушност и става крај на Република Македонија каква што ја знаеме.

– Спогодбата повредува одредба од внатрешното право од фундаментално значење. Текстот на таа Преспанска спогодба е изготвен без национален консензус, без мое знаење и без моја согласност како претседател на Република Македонија, рече Иванов.

За референдумот на 30 септември, оцени дека со негласање, тивкото мнозинство, донело гласна одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име ниту право да тргува со идентитетот,  а “мнозинството во ова Собрание не само што не ја почитува, туку оди спротивно на волјата на народот“.

-Република Македонија е нашиот заеднички дом. Вие наумивте да го реконструирате со тоа што ќе ги отстраните неговите носечки столбови и ќе ги поткопате неговите темели. Носечките столбови се Уставот и законите. Темелите се клучните државотворни документи на АСНОМ. Каде е свеста дека со тоа се ризикува да имаме дом со раскопани темели и со разнишани столбови? Зарем таков дом ќе им оставиме на нашите деца и внуци?“, праша Иванов пред пратениците.

Тој гледа можност за натамошен развој на односите со Грција во враќање кон автентичните и ненаметнати мерки на градење на доверба кои, според него, почнале да даваат резултати, како и преку обновување на националниот консензус во Република Македонија, а опциите за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување.

Иванов се осврна и на Законот за употреба на јазиците, кој не го потпиша, а за кој повтори дека е противуставен, усвоен во Собранието вон секоја процедура и надвор од надлежните тела, дека ќе предизвика целосна блокада на институциите.

Изразувајќи почит кон албанскиот, турскиот, српскиот, влашкиот, ромскиот и бошњачкиот народ,тој нагласи дека македонскиот јазик е комуникациски код и кохезивен фактор што ги поврзува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општеството.

-Македонскиот јазик е lingua franca благодарение на кој меѓу себе се разбираат припадниците на различните заедници. Тоа е дел од нашиот општествен договор. Нашата сила е во нашата различност, а нашата различност е гарантирана со нашето единство. Израз на тоа единство е македонскиот јазик. Доколку противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш македонскиот веќе нема да биде lingua franca што ќе го обединува македонското општество“, рече претседателот Иванов во годишното обраќање.

Во говорот во кој во неколку навати беше прекинуван од негодувањата на пратениците од мнозинството, претседателот на државата говореше и за улогата на УБК, како вели, жариште на политички, институционални и безбедносни кризи, кое наместо да ги спроведува законите, работи надвор од својот законски мандат. Оваа, како што оцени, машинерија за делегитимирање на институциите на државата, е еден од главните инструменти за вршење уцена, а рече, и тој и неговото семејство биле следени од неа.

-Сакам да ја запознам целата македонска јавност за една многу важна работа. Постојано ми стигнуваат информации дека врз основа на усна наредба, и повторувам, усна наредба, се врши следење, снимање и прислушкување на претседателот на државата, на членовите на неговото семејство и членовите на неговиот кабинет. А тоа е само индикатор дека се менуваат системи, називи, влади, министри и директори но, по се изгледа дека УДБА си останува УДБА со удбашки методи, рече претседателот Иванов.

Во однос на евроатланстките интеграции, Иванов истакна дека како претседател постојано се залага за тие цели, но нагласи, но, мора, вели, да дадеме решение за клучните структурни проблеми во Република Македонија, наместо да одлагаме и да чекаме тие сами да се решат кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО, посочувајќи на реформите.

– Членството во Европската Унија и НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а ЕУ значи просперитет. И македонските граѓани два пати ме избраа да работам на остварување на таа цел. Го правам сето она што е во моја надлежност. Како врховен командант на вооружените сили посветувам големо внимание на Армијата на Република Македонија преку која ние практично сме во НАТО, рече Иванов.

Шефот на државата во своето последно годишно обраќање кажа и за гаранциите за премиерот Заев.

-Нема ден, а некој да не ме праша зошто ги прифатив, а уште повеќе зошто не ги активирав гаранциите на Заев за да му го дадам мандатот. Мојот одговор е дека со неговиот потпис на тие писмени гаранции јас ставив вето на законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на спогодбата од Преспа. Со тоа, гаранциите се активирани. А активирани се, бидејќи сме соочени со апсурд, порача претседател Иванов од собраниската говорница.

Тој посочи дека според последните истражувања, мнозинството млади сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока и дека тоа не треба да никого да изненадува, бидејќи, како што рече станавме држава во која се започнува наопаку.

-Прво се побара поддршка од граѓаните на избори, а дури потоа им се соопшти дека всушност гласале за Тиранска платформа и грчка спогодба. Прво се донесе закон за употреба на јазиците, а дури потоа се најави дека ќе се побарало мислење од Венецијанската комисија. Прво се апсеа пратеници, а дури потоа им се симнуваше пратеничкиот имунитет. Прво се прифати спогодба за името, а дури потоа бев информиран како претседател на државата. Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум“, нагласи Иванов, дополнувајќи и дека власта прво се согласила на промена на Уставот, а потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратеници, рече меѓу другото Иванов, во говорот кој беше поздравен со аплаузи од опозицјата во парламентот.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Наставата од 1 февруари ќе продолжи со физичко присуство

Редакција

Од Ковид-19 починаа 15 лица, најмладиот има 40 години

Редакција

Јохан Тарчуловски позитивен на Ковид-19: Зарем некое зло ќе ме одмине

Редакција