Аналитичарите од Канцеларијата за отчетност на владата на САД (ГАО) кои престојуваа во Македонија за да извршат теренски активности, што произлегуваат од оценувањето што ГАО го врши на помошта што САД ја дава за развој на демократијата во Македонија се уште не го завршиле извештајот иако првично беше најавено дека тој ќе биде објавен на крајот од летото или почетокот на есента 2018 година.
„Извештајот не е готов. Очекувам дека ќе биде завршен и објавен во 2019 година, меѓутоа се уште немам конкретна временска рамка, вели за „еМагазин“, Чак Јанг, одговорен за односи со јавност во Канцеларијата за отчетност на владата на САД (ГАО).
ГАО ги спроведува овие активности по барање на претседавачот со Поткомитетот за Африка, глобално здравје, глобални човекови права и меѓународни организации, на Комисијата за надворешни работи, конгресменот Крис Смит, и уште шест негови колеги од Претставничкиот дом на САД, а по обвинувањата дека имало злоупотреба на парите што ги дава САД за развој на демократијата за да се влијае врз внатрешните политички текови во Македонија.
Канцеларијата за отчетност нa владaта позната како раката на Конгресот за вршење на ревизија, евалуација и истраги е формирана како поддршка на Конгресот за да ги исполни своите уставни обврски и да помогне да се подобри функционирањето и отчетноста на федералната влада за американските граѓани.
ГАО испитува како се користат јавните фондови, ги оценува федералните програми и политики, и обезбедува анализи, препораки и друга помош, за да помогне Конгресот да носи информиран одлуки поврзани со надзор,политики и финансирање. Заложбата на ГАО за добро владеење се рефлектира во суштинските вредности на отчетност, интегритет и сигурност.
Фото: Влада