еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

JП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта тоне во долгови, и е со блокирана сметка

Jавното претпријатие (ЈП) за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта во последните 12 години континуирано работи со блокирана трансакциска сметка поради извршни судски решенија за наплата на неподмирени обврски од 663 милиони денари (10,8 милиони евра), се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за ревизијата на јавното претпријатие за 2022 година.

Наспроти долгот кон доверителите од 15,7 милиони евра, се зголемиле и платите и надоместоците на вработените.

Ревизорите забележуваат дека овој долг претпријатието сметководствено го прикажува за 196 милиони денари помал, односно според претпријатието долгот по судските решенија е 7,6 милиони евра.

„На ревизијата не ѝ е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година“, се наведува во извештајот.

Ревизорите укажуваат дека состојбата со неисплатениот долг кој се провлекува со години, ги доведува во прашање одржувањето и заштитата на патиштата во земјава, бидејќи претпријатието е принудено да работи со лимитиран износ на пари од 231 милион денари (3,7 милиони евра) определен во 2021 година, додека за извршување на дејноста, според Програмата за одржување и заштита на патиштата во 2022 година му се потребни 1,85 милијарди денари (околу 30 милиони евра).

Претпријатието, поради состојбата, секоја година ги зголемува обврските кон добавувачите, бидејќи има и зголемени обврски поради новоизградените делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и поради растот на цените на стоките и услугите.

Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари (7,8 милиони евра), додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари (15,7 милиони евра).

Но, и покрај ваквата состојба претпријатието ги зголемило платите во 2022 година, а го намалило бројот на вработени од 840 на 796. За таа цел претпријатието потрошило речиси 390 милиони денари (6,4 милиони евра) за бруто плати во 2022 година.

Ревизорите забележуваат и дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурило градежни објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, 20 дена по приемот и само 150 км изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот, на крајот на 2023 година.

Претпријатието, исто така, не ги почитува законските обврски за расходованата стока. Со извршениот увид во деловните книги на ЈП и теренска посета на подружниците, секциите и зимските пунктови, утврдено е дека расходот на материјални средства кој бил констатиран во периодот од 2012 до 2022 година, со вкупна набавна и отпишана вредност во износ од 215.543.000 денари (приближно 3,5 милиони евра), се води во сметководствена евиденција на ЈП, како средства надвор од употреба.

„Од вкупно расходуваните средства, 90% се возила и градежни машини кои се наоѓаат во подружниците и секциите на ЈП и се користат за резервни делови, без обезбедена согласност од Владата.

Истовремено, начинот на користење на опремата за резервни делови не е уреден со интерен акт, поради што постои ризик од неконтролирана и несоодветна употреба на деловите. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба,“ се додава во ревизорскиот извештај.

Со ревизијата, ДЗР утврдил дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП.

„Претпријатието е тужена странка во вкупно 101 судски предмети чија вредност е проценета во износ од 35,8 милиони денари. Најголем дел од постапките во кои е тужено ЈП, односно 50 постапки се тужби од осигурителни компании на име регрес на штети исплатени кон осигуреници поради штета настаната од употреба на државните патишта, 37 постапки по основ на тужби од физички лица за штета настаната при користење на државни патишта, 13 постапки од правни лица по основ на неплатен долг и 1 тужба од вработен за исплата на додатоци од плата“, се наведува во извештајот.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во последните три дена 254 случаи на Ковид-19, починале четири, а оздравеле 412 лица

Редакција

Бугарската „Кер токи пауер„ ќе стекне целосна контрола врз „РЕС“ на Анѓушев

Редакција

Тетовски Интерпромет со драстичен раст на добивката во првото полугодие

Редакција