еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Како по обичај, Собранието се „разбуди“ во 5 до 12

Цела година ништо посебно не се случуваше во македонското Собрание, а сега неколку дена пред да заврши годината се прави обид наеднаш да се донесат стотици закони, а дел од нив многу важни закони од областа на правосудството, политичкиот живот, одбраната и економијата.

Такви се Изборниот законик со кој меѓудругото се предвидува државата да биде една изборна единица, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за одбрана…

Дел од партиите од власта и опозицијата го искористија правото со илјадници амандмани да го успорат процесот на разгледување и гласање по овие закони, пред се за оние каде е потребно дво-третинско мнозинство.

За ваквото закрчување во Собранието подеднаква одговорност носат и предлагачите на законите односно Владата, опозициските парламентарни политички партии и пратениците бидејќи цела година „дремат“ наместо да работат и да ги усогласат политичките разлики.

Тоа најдобро го покажува најновиот извештај на „Мост“ за работата на Собранието во периодот 1 jули – 30 септември 2019 година.

За овие три месеци Собранието спровело само 49 постапки за донесување или изменување на закони, 32 закони се донесени, од кои 4 биле поднесени во претходните периоди на мониторинг.

Од донесените закони 5 се нови, 20 се измени на постоечки закони, а 7 се ратификации. „Дури“ 5 закони (20%) се донесени на 30 јули, што претставува датум со најголем број на донесени закони во периодот. Јули е најпродуктивен месец на Собранието во кој биле донесени вкупно 18 закони.

Во месеците август и септември Собранието искористило само по еден ден за носење на закони, 28 август и 11 септември, соодветно.

Од вкупниот број на донесени закони, 13 (52%) се предложени од пратеници, додека пак Владата предложила 12 (48%). Во овој период Владата и пратениците предложиле речиси ист број на донесените закони, со таа разлика што поголемиот број на закони предложени од Владата (11 од 12) се донесени по редовна постапка, додека пак од донесените 13 закони предложени од пратеници, 12 се донесени по скратена постапка.

Овие бројки откриваат катастрофално работење на законодавците, посебно ако се земе предвид дека само во текот на денешниот ден на повеќе собраниски седници тие треба да расправаат за педесетина закони, како и за буџетот на државата.

Народната поговорка вели „Брза кучка, слепи кучиња раѓа“, така што не треба да се занемари шансата во целата предновогодишна брканица во Собранието дел од овие законски решенија да бидат со пропусти и неспроведливи, што досега многу пати се покажало во минатото.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Цветен пазар за 8. Март е блокиран: Луѓе, не е крај на светот и утре може да купите цвеќе

Редакција

За да можат да одат на работа административците во Косово ќе треба да имаат тест, барем една доза вакцина или да го прележале Ковид-19

Редакција

(ВИДЕО) Нов албум на Каролина заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски: Промовирана првата песна „Идила“

Редакција