еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Како живее еден македонски студент и колку пари му се потребни во месецот

Студентските месечни трошоци или „студентската кошничка“ изнесува 21.410 денари за студенти кои студираат со партиципација и 22.435 денари за студенти кои студираат со кофинансирање, односно кои плаќаат школарина.

Таа вклучува трошоци како партиципација, односно школарина, трошоци поврзани со факултетот, трошоци за секојдневен живот, понатаму трошоци за превоз, домување но и режиски трошоци.

Ова го покажуваат податоците од истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент?“ кое претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија.

„Студентскиот стандард е доста низок и финансиска состојба на студентите е навистина тешка. Најголемиот дел од нив живеат со родителите или старателите, кои се и најзначаен извор на финансии за студентите. На месечно ниво, за секојдневни трошоци, студентите располагаат просечно со 8.894 денари, износ кој за споредба, претставува 36,3% од просечната месечна нето-плата од мај 2018, или 74,1% од минималната месечна нето-плата во државата.

Од овие средства, тие најмногу трошат на храна, алкохол и цигари, како и на хигиена и медицински производи. Најмалку трошат на културно-забавни настани, книги, списанија, весници или пак интернет-претплати.

Студентите велат дека една од најдобрите опции за подобрување на нивниот стандард е можноста за платена студентска работа, која во моментов, системски, во државните институции не е препознаена, ниту пак се стимулира соработка со приватниот сектор. Воедно, како поволности кои би го олесниле студентскиот живот, студентите ги препознаваат и бесплатниот јавен превоз, но и картичките за субвенционирани цени за исхрана и билети за културни настани“, се вели во истражувањето.

Студентите детектирале повеќе фактори кои влијаат на висината на трошоците на студирање, како што се животните и културните навики на студентите, понатаму ефикасноста на студирањето, т.е. рокот во кој студентите ги завршуваат студиите, но и финансиската моќ на родителите односно економската состојба на семејствата.

Дополнително, фактор кој влијае врз висината на трошоците е немањето критериум за финансирање во високото образование, особено поради фактот што различни универзитети имаат различен ценовник за административни трошоци.

Согласно истражувањето, извлечени се повеќе препораки за Владата на РМ и Министерството за образование, како и препораки за другите владини институции, универзитетите и факултетите но и за студентските домови, а сѐ со цел олеснување на животот на студентите, но и подобрување на студентскиот стандард.

Истражувањето е спроведено од тим на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) и Младинскиот образовен форум (МОФ) со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Истражувањето беше спроведено во периодот февруари – март 2018 година и истото опфати 945 студенти од пет државни универзитети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Грција ќе бара од ООН дополнителен анекс на Преспанскиот договор за македонскиот јазик

Редакција

Вознемирувачко видео: Крвави борби со кучиња во Македонија

Никола Осило

Како гувернерката Ангеловска-Бежоска го пробиваше својот пат до успешна жена

Редакција