еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Калкулации пред изборите: Со македонско-албанска коалиција до гарантирана победа?

Се загрева атмосферата пред одржувањето на изборите закажани за 12 април. Партиите веќе наголемо калкулираат, а партиските лидери и функционери веќе не кријат дека има преговори или веќе се создадени коалиции за заеднички настап на изборите.

Со оглед на тоа што веќе одамна е јасно дека за добивање мандат за формирање Влада потребен е договор меѓу партии од условно кажано македонскиот и албанскиот блок политички партии, се погласни се најавите дека со предизборно коалицирање меѓу партии од двата блока шансите за победа на изборите стануваат поголеми.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера од Виница најави предност на својата партија во однос на коалициското договарање за претстојните избори со сите партии, а особено со оние од албанскиот политички блок.

„Со ДУИ ги решивме крупните прашања во Владата, а ние сме единствена партија која има лепеза на избор за соработка со албанските партии, така што очекувам дека ќе најдеме сили првпат да направиме предизборна коалиција со партии од албанскиот блок. Коалициите ќе бидат задржани и малку проширени, а тоа нема да биде подоцна од 9 март, кога е закажан конгресот на СДСМ. Тоа ни дава за право да бидеме фаворити на овие избори.

Ги завршивме разговорите со досегашните коалициски партнери, а веќе разговараме и со нови. Ќе продолжиме до крајот на следната недела, кога ќе го објавиме заокружувањето на процесот на коалициското договарање, а имаме околу 27 политички субјекти. Лично сум задоволен од преговорите, затоа што зборуваме за вредности, за програми, за давање збор, нешто што мора да нè спои, како и за преземање одговорност и во парламентарната и во извршната власт“, истакна Заев.

Истовремено, генералниот секретар на движењето БЕСА, Арјанит Хоџа, во интервју за „360 Степени“ вчера зборуваше за гласините за можност за предизборна коалиција на СДСМ и БЕСА, велејќи дека во моментов ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ нема преговори за ваква коалиција.

Сепак, Хоџа не ја исклучува можноста за формирање ваква коалиција.

„Сигурно е оставен простор, кога во една дебата нашиот претседател беше прашан дали постои подготвеност за можна коалиција, како што реков на почетокот на емисијата, ние сме сериозна партија, и партиите кои имаат проевропска ориентација, природно е ние да видиме дали имаат или не. До овие моменти нема никаква официјална понуда, или комуникација за коалиција.

Партиските органи одлучуваат за овие прашања, бидејќи и доколкку се случи такво нешто, мислам дека е историски момент што се случува за првпат и јас не можам да дадам став во оваа фаза. Има размислување внатре во партиите, и јас како генерален секретар сум ги искажал моите ставови и во минатото, но секако, доколку има некоја понуда, таа ќе биде разгледана пред партиските органи, и согласно тоа ќе се даде одговор“, вели Хоџа.

Инаку, во албанскиот политички блок вчера дојде до првото окрупнување откако лидерите на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши го потпишаа договорот за коалиција на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Лидерите на двете партии кажаа дека слоганот на нивната коалиција ќе биде „Една држава за сите”.

Лидерот на Алијансата за Албанците, во своето излагање посочи дека оваа е момент на емоции, затоа што постојано „има сили кој без прекин работат против нивната  коалиција“.

Сега останува да се види дали останатите партии ќе се решат на предизборно коалицирање или пак на самостоен настап на изборите. Ако се земе предвид дека ДУИ на изминатите избори загуби голем број од пратеничките места кои ги држеше претходно станува јасно дека без влегување во предизборна коалиција оваа партија ризикува да стане опозиција по одржувањето на изборите на 12 април.

Исто така, не треба да се заборави дека во Македонија веќе не формира Влада партијата што ќе освои најмнјогу гласови, туку таа што ќе успее да договори мнозинство во Собранието.

Сега, останува да се види во наредните денови дали ќе има „историско“ предизборно коалицирање меѓу македонските и албанските партии што би било голем адут на престојните избори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Сузбиена криминална група за шверц на хероин и кокаин: Запленета дрога вредна милион евра

Редакција

Витаминка лани со зголемена добивка

Редакција

За Димитров и Заев провокацијата на Каракачанов е изборен фолклор

Редакција