еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Капетан на „боинг 737“ отвора професионална школа за пилоти во Штип

Капетанот на „боинг 737“, Раде Ивановски, и неговите двајца синови го живнаа небото над Штип. Откако Ивановски на 31 август свечено го отвори хангарот на спортскиот аеродром „Сушево“, во текот на месецов над Штип се слушаат и се гледаат неговите авиони.

Педесет и осумгодишниот професионален пилот, а воедно и капетан на „боинг“ во флотата на авиокомпанијата „Руандер“ во егзотичната Руанда капиталот го инвестира во својот роден град.

Целта му е на аеродромот „Сушево“, каде што почнала и неговата љубов кон летањето, да се отвори професионална школа за пилоти.

– Во Штип веќе имаме школа за спортски пилоти, но овде ќе имаме надградба. Сакаме да направиме нешто повеќе од она што е спортски пилот, бидејќи кога ќе се земе професионална дозвола веќе има можност да се работи и во комерцијални цели, без разлика дали во земјоделска авијација или, пак, во авиокомпанија или во полиција, вели Ивановски.

Идејата за отворање професионална школа за пилоти кај него тлее со години бидејќи, како што вели, целта му е да заживее повторно воздухоплоството, но и земјава да има подмладок, кој речиси го нема. Сертификатот што ќе го добијат пилотите е основа за добивање на европската лиценца и дозвола.

– ЕУ пред повеќе години изгласа мерка за сопствена заштита од сè поголемиот наплив на професионални цивилни пилоти од земјите што не се членки на ЕУ, а наоѓаа работа во европските авиокомпании. Сега, за да може да се работи како цивилен пилот во ЕУ, ќе мора да се поседува европската лиценца ЕАСА, додаде Ивановски.

Верува дека неговите планови ќе успеат од причина што во земјава има 30 професионални пилоти, а работа за оваа атрактивна и невообичаена професија има, без разлика дали во земјава или во странство. Македонските пилоти работат или во институциите или во странски авиокомпании.

Платата е примамлива и се движи од 2.000 до 15.000 евра, а како што вели Ивановски, во зависност за која компанија работиш.

МИА/Фото: Фејсбук/Ивановски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Успешно завршија донаторските акции за лекување на Михаела и Јована

Редакција

Шапка и Маврово во фокусот на белоруските тур-оператори за претстојната зимска сезона

Редакција

(Фото) Основци од СОС Детско село беа гости на Зимскиот базар во Меѓународното училиште „НОВА“

Редакција