еМагазин
Image default
Македонија

Катица може да добие адвокат по службена должност: „Рекет“ одложен, пак не дојдоа адвокатите на Јанева

Судењето за случајот „Рекет“ се одложува за 27 јануари 2020 година откако на денешното рочиште поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева повторно се појави без своите бранители, адвокатите Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска.

Со оглед дека се работи за сериозен предмет со затворски притвор, судијката Васка Николовска-Масевска, ја повика Јанева да се произнесе дали ќе ангажира друг адвокат, бидејќи вакво одложување е неприфатливо.

– Јас си имам бранители. Само тоа можам да кажам, изјави Јанева.

Судијката реагираше дека може да продолжи и со некој од адвокатските канцеларии на нејзините бранители или во краен случај со бранител по службена должност.

– Судот, доколку и во понеделник не се појави одбраната на Јанева, ќе побара од претседателот на Судот да постави бранител по службена должност, изјави судијката Николовски-Масевска.

Судијката, на почетокот на денешното рочиште, информираше дека до Судот на 21 јануари пристигнал поднесок од адвокатката Фрчковска дека поради болест не може да присуствува на денешното рочиште.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште требаше да сведочи поранешната специјална јавна обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“.

Досега како сведоци исказ дадоа заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска, бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милески.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милески за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември лани, третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Условна казна затвор за коментар со омраза напишан на Фејсбук страната на ЗНМ

Редакција

Рекордни 870 нови случаи на Ковид-19, во Скопје дури 422

Редакција

Од Ковид-19 починале 10 лица, дополнително пријавени уште четворица

Редакција