еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Кој е Хазби Лика, кој може да биде меѓу првите што ќе остане без функција во најавената смена на министри

Името на вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика најчесто се спомнува за можна смена, пред се поради тоа што не оди на работа во Владата уште од мај.

И премиерот Зоран Заев, кој најави можни смени на министри, индиректно во својата изјава најверојатно алудираше на Лика.

– Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли, тоа да се промени. Тоа е редот на работите. Секако разговараме со коалициските партнери, кои споделиле одговорност со нас и во делот на другите ресори, рече Заев.

Кој е Хазби Лика или комндант Чела

Во неговата официјална биографија стои дека во неговата кариера како политичар бил пратеник (2002-2003 година и 2014-2016 година), заменик-министер за внатрешни работи (2003-2005 година) и градоначалник на Општина Тетово (2005-2009 година).

Основно училиште завршил во родното место. Средното образование го започнал во техничкото средно училиште во Тетово, а го завршил во Качаник.

Како што пишува во неговата биографија, објавена на сајтот на Владата, од почетокот на неговото образование бил иницијатор и организатор на различни движења кои овозможиле настава на албански јазик.

„Поради тоа, уште од најмлада возраст бил затворен и малтретиран од страна на комунистичкиот режим во тоа време. По неговото ослободување од затвор, тој го продолжува и завршува образованието во Качаник“, пишува во биографијата.

Со високо образование се стекнал на Универзитетот на Тирана (1998 година), на Факултетот за историја и филологија/албански јазик и книжевност.

„Хазби Лика е познат по учеството и организирањето на политичките и воени движења за правата на Албанците во Македонија и за независноста на Република Косово.

Веднаш по дипломирањето во 1998 година, со почетокот на војната во Косово, станува еден од првите кој одговара на повикот за слобода, како војник на Ослободителната војска на Косово.

Препознавајќи ја потребата за унапредување на правата на Албанците во Македонија во 2001 година, заедно со Али Ахмети и други истакнати активисти, ја создадоа Ослободителната Национална Армија (ОНА). Во тој период бил познат како командант Чела.

Подобрувањето на статусот на Албанците во Македонија и Охридскиот рамковен договор, се резултати на оваа војна“, стои во неговата биографија.

Понатаму во неговата биографија пишува дека Лика како важна фигура на албанската политика во Македонија, е меѓу првите кој го започнал спроведувањето на Рамковниот договор.

„Во 2002 година по завршувањето на конфликтот во Македонија, тој се појавува како основач и важна политичка сила во Демократската унија за интеграција“, пишува во биографијата.

Во периодот од 2002-2005 година, е избран за претседател на огранокот за тетовскиот регион, а во периодот од 2005-2009 година за претседател на огранокот за Тетово.

Од создавањето на Демократската унија за интеграција (ДУИ), е член на Централниот одбор, а од периодот меѓу 2009-2015 година ја врши функцијата на организационен секретар.

Во мај.2017 година, е избран за Заменик на претседател на Владата на Република Македонија, задолжен за спроведување на Рамковен договор и политички систем.

Лика е роден на 19 април 1972 година во Тетово.

Зошто не оди на работа?

И покрај бројните натписи во медиуми и големиот интерес на јавноста за неговата работа, нема официјална информација, зошто Лика не оди на работа во Владата од мај.

Неофицијално, медиумите изминатиов период пишуваа дека Лика е револтиран од Ахмети, кој во една внатрепартиска битка не го поддржал, туку застанал на страната на друг висок партиски функционер.

Мераклија на кафани и ресторани

Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции покажува дека Лика, за угостителски услуги во рамки на државните институции и за ресторани и кафеани надвор од институциите додека одел на работа потрошил 235.163 денари (околу 4 илјади евра).

Од овие трошоци 130.713 денари се за угостителски услуги во рамките на институциите, а 104.450 денари се за ресторани надвор од институциите.

Во странство пак потрошил 5.227 денари.

Податоци за него можат да се најдат до мај.

Кој колку троши од јавните функционери проверете на сајтот на Владата, ОВДЕ.

Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заев најави смени, кои министри може да останат без фотељји?

Заев најави смена на министри

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови вработувања во МРТ

Редакција

Цела Шпанија и Литванија од утре во карантин, Трамп се тестираше за корона вирусот

Редакција

Јован Јованов и Пајак направија ремикс на хитот „Магија“

Редакција