еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Кој е контроверзниот Красимир Каракачанов: „Човекот што сака Бугарија да се простира од Софија до Токио“

Не е прв пат Красимир Каракачанов да го негира македонскиот јазик и да тврди дека Македонците се Бугари кои говорат на дијалект на бугарскиот јазик.

Повеќе години наназад тој од време навреме излегува со вакви изјави, но проблемот сега е што Каракачанов е дел од владејачката гарнитура во Бугарија и неговите забелешки до премиерот Зоран Заев околу „злоупотребата“ на прашањето за македонскиот јазик имаат поинаква димензија.

Красимир Дончев Каракачанов е роден на 29 март 1965 година во Русе, Бугарија и е лидер на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД. На 4 мај 2017 година е избран за министер за одбраната во Владата на Бугарија.

Откако бугарските власти решија да ги отворат досиејата на политичарите, излезе на виделина дека Красимир Каракачанов бил соработник на поранешната комунистичка бугарска служба за државна безбедност под прекарот Иван.

Според некои тамошни медиуми и познавачи на политичката ситуација, овој бугарски националист е вмешан и во активностите за бугаризирање преку агитација на одреден дел од македонското население во Албанија и негирањето на постоење на Македонци во Албанија претендирајќи да ги претстави како Бугари.

Неговата политика е по секоја цена, употребувајќи најрадикални мерки, да се негира постоењето на Македонците како етничка реалност и нивно прикажување како етнички Бугари. Дејноста и постапките на Каракачанов се толерираат од страна на официјалните власти на Бугарија.

Инаку, неговата партија моментално е во центар на големиот скандал со издавањето бугарски пасоши. Бугарските медиуми пишуваа дека главен извор на финансии за неговата ВМРО била услугата од продажба на бугарско државјанство на Македонците преку две фирми, едната за превод, а другата е адвокатска фирма.

Независниот пратеник во бугарскиот парламент, Велизар Енчев, по апсењата во Државната агенција за Бугарите во странство побара бугарскиот министер за одбрана и лидер на ВМРО да си поднесе оставка.

Енчев тврди дека за еден бугарски пасош биле земени од 550 до 1500 евра. Според неофицијални информации за тековните апсења, станува збор за тарифник чии цени се движеле и до 5.000 евра за издавање на сертификат за бугарско потекло.

Каракачанов остро ги демантираше обвинувањата во кои се споменува неговото име. Тој тврди дека секогаш ја бранел каузата етничките Бугари од Македонија, Молдавија и Украина да добијат државјанство со поедноставена постапка.

Фото:Фејсбук/Красимир Каракачанов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каракачанов со „воспитна“ до Заев: Злоупотребата на македонскиот јазик може да ве чини членство во НАТО и ЕУ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Макпетрол“ – 75 години движечка енергија на македонската економија

Редакција

Обвинителката Фетаи повредена во сообраќајна несреќа

Редакција

Каков имот пријавила Елизабета Наумовска, новиот заменик министер за образование и наука

Редакција