еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Кој е официјалниот став на Бугарија за македонскиот јазик: Што пишува во Декларацијата на бугарскиот Парламент

Официјалниот став на Бугарија е декларацијата на бугарскиот Парламентот, поофицијален став нема од тоа, изјави бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов во одговор на новинарско прашање дали ставот на Бугарската академија на науките (БАН) со кој се негира македонскиот јазик е и официјален став на Софија.

Соопштението на БАН предизвика лавина од реакции во јавноста и на социјалните мрежи, а на истото реагираа и премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пендаровски: Беспредметно е да разговараме дали постои македонскиот јазик

Заев: Ќе реагираме на ставот на БАН за негирање на постоењето на македонскиот јазик

Димитров за ставот на БАН: Македонскиот јазик е меѓународно признат

Што пишува во Декларацијата на бугарскиот Парламент?

Бугарскиот Парламент посочената Декларација ја усвои во октомври годинава. Собранието на Бугарија и даде подршка на Македонија на патот кон Европската Унија (ЕУ), но истата ја услови со повеќе барања, посочувајќи дека поддршката не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја.

Во Декларацијата се наведени неколку услови со кои е условена подршката на Бугарија за Македонија: ефикасно и неодложно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, строго придржување до членот 8 од Договорот дека: „објективните, автентични, историски извори се засновани на докази за научно толкување на историски настани“, воздржување од дејствата со кои што се поддржуваат и поттикнуваат тврдењата за признавање на таканареченото македонско малцинство во Бугарија, вклучувајќи и во меѓународни организации, рехабилитација на жртвите репресирани поради бугарска самосвест, строго придржување до клаузулата во врска со официјалниот јазик на Република Северна Македонија, утврдена и ратификувана од парламентите на двете земји, целосно спроведување на договорите што ги постигна заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни работи и нивно вклучување во образовни планови и материјали, запирање на говор на омраза кон Бугарија и граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, вклучувајќи медиуми, натписи на споменици и слично и реставрација и одржување на бугарски воени гробишта и споменици на територијата на Република Северна Македонија.

Кој е ставот на бугарската Влада за македонскиот јазик?

Претходно бугарската Влада донесе Декларација која содржи повеќе од 20 услови кои Македонија треба да ги исполни за да стане членка на ЕУ.

Во Декларацијата стои дека: „нема да дозволи интеграцијата на Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија на анти-бугарска основа…”, и дека „препишувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам.”

Во Декларацијата од Владата на Бугарија стои и дека: „добрососедските односи имаат хоризонтално значење и следствено треба да се оценуваат во секоја етапа од процесот на пристапување на земјите кандидати“.

Од таму најавија и дека Бугарија ќе ја блокира и првата меѓувладина конференција, со која формално започнуваат преговорите меѓу Македонија и ЕУ, ако до нејзиното одржување не биде забележан: „реален напредок во исполнувањето на духот и словото на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“.

Бугарија со ова бара откажување од поддршката или барање за признавање на македонско малцинство во Бугарија, почеток на процес на рехабилитација на жртвите на „југословенскиот комунистички режим кои трпеле репресија поради бугарската самосвест“, нов процес на лустрација кој треба да ги расветли соработниците на поранешните служби за безбедност на Југославија во денешна Северна Македонија и системско отстранување на квалификативот: „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи.

Во Декларацијата се наведени и неколку услови кои се однесуваат на работата на мешовитата Комисија, составена од македонски и бугарски историчари.

Таа Комисија ќе треба да се усогласи за личности и настани од: „заедничката историја до 1944 година”, а меѓу нив се набројуваат: „Гоце Делчев, ВМРО и Илинденското востание“.

Откако Комисијата ќе ги усогласи тие ставови, истите ќе треба да се пресликаат на информативни табли и други ознаки на историски и културни споменици.

Ќе треба да се договорат и конкретни датуми за одбележување на заеднички настани и личности, но притоа: „политичките претставници, претставниците на државните институции во Северна Македонија, како и медиумите финансирани од државниот буџет“ ќе мораат „да ги засноваат своите изјави и коментари на текстовите кои ќе ги договори Комисијата”.

Едно од барањата во Декеларацијата е и никаде во документите на ЕУ да не фигурира: „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот: „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Доколку: „постои апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

„Треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година”, стои во Декларицијата и се подвлекува:

„Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се сфати како признание од бугарска страна за постоењето на ткн. ‘македонски јазик’, различен од бугарскиот“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Твитер се „вжешти“ за негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките

(Видео) Игор Џамбазов и Весна Бејби во нивни стил им одговорија на Бугарите за негирањето на македонскиот јазик

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Контролори во Фондот за здравствено осигурување обвинети за примање поткуп

Редакција

(Фото) Сателитски снимки од разурнатите украински градови Мариупол, Ирпин и Чернив

Редакција

Кој е Максим Димитриевски, кандидат за претседател на Македонија на ЗНАМ

Редакција