Од 1 јануари следната година, Управата за јавни приходи електронски ќе ги селектира даночните обврзници кај кои ќе се врши контрола. Селекцијата ќе ја врши системот за проценка на ризик, што ќе се користи во генералниот даночен инспекторат на УЈП за одредување на ризични даночни обврзници, а кој беше денеска презентиран во Управата за јавни приходи.
– Со овој систем се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола при што значително ќе се намали човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола – рече директорката на УЈП Сања Лукаревска.
Таа појасни дека системот содржи критериуми за ризик, што се всушност софтверски имплементирани правила, врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници на контрола.
– Овие правила се сет математички и логички алгоритми што вршат споредба и вкрстување на расположливите податоци од базата на податоците на УЈП, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства адаптирани на македонскиот даночен систем – истакна Лукаревска.
Таа оцени дека со овој систем ќе се намалат неефикасните контроли на УЈП, односно даночните обврзници помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на УЈП.
– Системот за проценка на ризик претставува моќна алатка со која значително ќе се унапреди функцијата надворешна контрола што е чекор напред во остварување на стратешките реформски приоритети на УЈП, односно создавање модерна и развиена даночна администрација со фокус на доброволната усогласеност кон даночните обврзници – рече Лукаревска.
МИА/Фото: Фејсбук/Лукареска