еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Кои се уставните судии кои ќе имаат пресуден збор за Законот за помилување?

Не стивнуваат реакциите во македонската јавност по најавата дека Уставниот суд ќе расправа по иницијативата за преиспитување на законитоста на членот 11 од Законот за помилување од 2016 година, а со кој се овозможи да се укине помилувањето што го даде тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Уставниот суд решил да ја разгледува оваа иницијатива три години откако била поднесена.

„еМагазин“ Ви ги претставува членовите на Уставниот суд кои ќе имаат пресуден збор во однос на прашањето за можно враќање на општата аболиција што ја даде Иванов.

Сали Мурати е претседател на Уставниот суд, кој на оваа функција дојде на 1 ноември годинава.

Тој е роден на 11 октомври 1966 во с.Врапчиште, Гостивар. По националност е припадник на турската заедница во Република Македонија.

Дипломирал на Правниот факултет при Белградскиот Универзитет во Белград во 1991 година, а правосудниот испит го положил во 2005 година.

Од 1993 до 2005 година работел во Бирото за правни и економски услуги – Гостивар како дипломиран правник.

Од 2005-2012 година работел како адвокат во Гостивар.

Од дипломирањето до сега активно се занимавал со правната проблематика од областа на уставното право, правата на заедниците, слобода на мисла и вероисповест и меѓународно приватно право.

Има објавено многубројни статии од правна проблематика во разни весници во државата и надвор од неа. Учествувал во над 15 меѓународни конференции со правна содржина во разни земји во странство.

Особено работел на проблемите на немнозинските заедници во Македонија. Во тој контекст има објавено бројни статии и учествувал на бројни програми на МТВ-2 и на македонското радио со правна тематика и актуелните правни проблеми во земјата.

Во тој контекст во 2006 година бил добитник на престижната медиска награда, личност на година, “КУТЛУК ВЕЛИ“ и во 2007 година од Здружението АДЕКСАМ Гостивар за досегашна работа и допринос во правната област во РМ добитник бил на награда за особен придонес на интеграција и развој на правата на Турците во Македонија.

Насер Ајдари е роден на 10.03.1960 година во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје.

Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1986 година, а правосудниот испит го положил на 06.04.1993 година.

Во 1989 година се вработува како приправник во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, каде работи сè до 1993 година.

Од 1996 до 1997 година работи како советник во Министерството за труд и социјална политика.

Од 1997 работи како секретар во општина Арачиново сè до 2001 година кога се вработува во Министерството за правда како државен советник каде работи сè до 2008 година. Како член на Советот на Јавните обвинители е избран на 01.08.2008 година каде работи сè до 07.09.2010 година кога е избран за заменик.

Од 2011 година работи како Јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија, сè до 2013 година кога е избран за Државен правобранител на Република Македонија. На функцијата – судија на Уставниот суд на Република Македонија е избран на 05 март 2018 година.

Елена Гошева е родена на 02.03.1948 во Оризари, Кочани. Во 1975 дипломирала на Правниот Факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј”.

По дипломирањето во 1975 се вработува како приправник во Окружното јавно обвинителство Скопје на која позиција работи по кривични пријави и предмети од прв и втор степен, се до 1977 година кога по положен правосуден испит работи како стучен соработник.

Во 1984 година е избрана за заменик на Општинскиот јавен обвинител во Скопје каде се до 1997 година работи по кривични пријави и предмети.

Истите работни задачи ги извршува и во рамките на Основното Јавно Обвинителство како заменик на обвинителот се до 2002 година кога е избрана за заменик на Вишиот Јавен Обвинител во Скопје.

Во 2008 година од страна на јавните обвинители од подрачјето на Вишото Јавно Обвинителство Скопје е избрана за член за Советот на Јавните обвинители на Република Македонија.

Од страна на членовите на Советот на Јавните обвинители на Република е избрана за прв Претседател на оваа институција која функција ја вршеше до 2010 година.

Во текот на мандатот како член на Советот на Јавните обвинители на Република Македонија до 2012 година константно работи на изборите и разрешувањето на јавни обвинители, утврдување на бројот на јавни обвинители во јавните обвинителства, прераспределба на јавните обвинители, изработка на план за организација на работата во јавните обвинителства и на јавните обвинители и други законски обврски.

Преку Советот на Јавните обвинители на Република Македонија учествува на бројни тркалезни маси, советувања и предавања на теми од областа на кривичното право и кривичната постапка каде изложува свои трудови и ставови за предметните прашања. За судија на Уставниот суд на Република Македонија е избрана во мај 2012 година.

Никола Ивановски е роден на 15 мај 1960 година во Скопје. По националност е Македонец.

Дипломирал на Правниот факултет во Битола во 1983 година, а правосудниот испит го положил во 1985 година.

Работел прво како приправник, а потоа како стручен соработник во Окружниот стопански суд – Скопје (1984-1988), истражен и извршен судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје (1988-1996), вршел самостојна адвокатска дејност во Адвокатска канцеларија во Скопје (1996-1999), кривичен судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје (1999-2008) и во август 2008 година бил избран за член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

За судија на Уставниот суд на Република Македонија е избран на 1 јуни 2012 година.

Јован Јосифовски е роден на 10 април 1948 година во Тетово, Република Македонија и по националност е Македонец.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје 1974 година.

На 1 Мај 1975 година, засновал работен однос како приправник во Републичкиот секретаријат за законодавство и организација, а во 1979 година бил распоре­ден на работно место самостоен референт во Републичкиот секретаријат за законодавство и организација.

На 1 април 1983 година бил распореден на работно место советник во Републичкиот секрета­ријат за законодавство и организација каде вршел работи што се однесуваат на следење и проучување на правниот систем, следе­ње на состојбите и појавите во областа на организацијата и мето­дот на работа на управата и прописите за органите на управата.

Од 1983 до 1985 година бил назначен за началник во Градскиот комитет за комунални работи и сообраќај каде работел на нормативна дејност од надлежност на Град Скопје.

Од 1985 до 1990 година бил назначен за советник во Законодавно – правната комисија на Собранието на Република Македонија. Во 1990 година бил назначен за советник во Собранието на Република Македонија, а ги вршел работните задачи на советник во Законодавно – правната комисија на Собранието на Република Македонија.

Во 1992 година бил назначен за секретар за Законодавно – правната комисија на Собранието на Република Македонија. Во 1997 година бил назначен за самостоен советник во Секторот за работни тела на Стручната служба на Собранието на Република Македонија.

Во 1999 година бил именуван од Собранието на Република Македонија на функцијата заменик на секретарот на Собранието на Република Македонија која ја вршел до 4 декември 2002 година.

Во 2003 година се стекнал со статус на државен службеник и бил распореден на работно место со звање советник на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Собранието на Република Македонија. На 14 април 2006 година од Собранието на Република Македо­нија бил избран за претседател на Државна изборна комисија.

На 4 декември 2008 година од Собранието на Република Македо­нија бил избран за член на Државна изборна комисија. На 8 ноември 2011 година од Собранието на Република Македо­нија бил избран за член на Државна изборна комисија.

Бил учесник во повеќе циклуси како ангажирано лице во помош­ното работно тело на Државна изборна комисија при спроведување на парламентарни избори 2002 година, референдум 2004 година, претседателски избори 2004 година и локални избори 2000 и 2005 година.

На 23.07.2012 година, Собранието на Република Македонија со одлука констатирало дека му престанала функцијата – член на Државна изборна комисија, пред истекот на мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија.

На функцијата – судија на Уставниот суд на Република Македонија е избран на 24 декември 2012 година.

Професор д-р Осман Кадриу е роден во село Аранѓел, Кичево. По завршувањето на основното образование во родниот крај го продолжува школувањето во Белград.

По завршувањето на средното образование се запишува на Правниот факултет во Белград и дипломира на истиот факултет во 1973 година.

На Правниот факултет во Белград се запишува и на последипломските студии и во 1992 година ја одбрани магистерската теза од граѓанско правната област под наслов “Одговорност за штета сторена од работник спрема трето лице”.

Со одбраната на магистерската теза се стекнува со научно звање магистер по правни науки.

На Правниот факултет во Белград во 1999 година д-р Кадриу успешно ја одбрани докторската дисертација под наслов “Незаконитиот престанок на работен однос и одговорноста на претпријатието за штета”. Со одбраната на докторската дисертација се стекнува со научно звање доктор по правни науки.

По завршувањето на Правниот факултет д-р Осман Кадриу засновал работен однос во тогашниот Општински суд во Кичево, прво како судиски приправник во 1974 година, а по полагањето на правосудниот испит работел како стручен соработник во истиот суд.

Работел како судија на Општински суд Кичево, избран 1976 година, секретар на Собранието на Општина Кичево, 1978 – 1982 година, секретар на Собранието на Општина Кичево, 1982 – 1986 година, потпретседател на Извршниот совет на Собранието на Општината, 1986 – 1990 година, претседател на ОК на ССРНМ за Општина Кичево, 1980 – 1981 година, член на Републичкиот судски совет, 1994 – 2000 година, адвокат во Скопје, 2001 – 2007 година, професор на Правниот факултет при Државниот Универзитет во Тетово, 2001 – 2007 година, В.Д. декан на Правниот Факултет на Државниот Универзитет во Тетово, 2004 – 2005 година, професор на Педагошкиот факултет при Универзитетот “Кирил и Методиј” во Скопје, 1996 – 2010 година, проректор на ФОН Универзитет, 29.11.2007 – октомври 2009 година, член на Сенатот на ФОН Универзитетот, 2012-2016 година, делегат на Интер-Универзитетска Конференција, професор на ФОН Универзитет, од 2006 и сега.

Со Одлука на Собранието на Република Македонија од 11.01.2018 година е избран за судија на Уставниот суд на Република Македонија

Д-р Дарко Костадиновски е роден на 27.11.1974 година во Скопје. По националност е Македонец.

Дипломира на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје 1997 година. Во 2008 година станува Магистер на правни науки, а во 2012 година и Доктор на правни науки.

Магистрира на темата “Меѓународната арбитража во современите меѓународно политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)”, а докторира на темата “Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот”.

Од 2001 до јануари 2018, работи во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. До 2010 година работи како асистент на советникот за надворешна политика, и раководител на одделението за ЕУ и НАТО. Од 2010 до 2018 е државен советник за надворешна политика.

Од 2015 до јануари 2018, ја извршува должноста пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. На 11.01.2018 е избран за судија на Уставниот суд на Република Македонија.

Вангелина Маркудова е родена во 1956 година во Гевгелија. По националност е Македонка.

Дипломирала на Правниот факултет во Скопје – правосудна насока, а правосудниот испит го положила при Министерството за правда на Република Македонија.

Работела во Извршниот совет на Собранието на општина Валандово (1981-1984), приправник и стручен соработник во Општинскиот суд Гевгелија (1984-1986), судија на Општинскиот суд Гевгелија (1986 – 1996).

За судија на Основниот суд Скопје I Скопје била избрана во 1996 година каде постапувала исклучиво по кривични предмети.

Со формирање на Одделението за борба против организираниот криминал и корупција, од 2007 година постапувала по предметите од таа област се до 2013 година.

За судија на Уставниот суд на Република Македонија е избрана во ноември 2013 година.

Владимир Стојаноски е роден на 16.06.1962 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Скопје.

Дипломирал на правниот факултет во Битола во 1988 година. Правосуден испит положил во Скопје 1991 година.

За судија на Врховниот суд на Република Македонија е избран на 13.09.2010 година.

Работел прво како стручен соработник, потоа како советник и државен советник во Владата на Република Македонија во периодот од 1992-2002 година, во 2002 година во Фонд за земјоделство како пом. директор за финансиски и правни работи, во 2004 година во Министертво за земјоделство, шумарство и водостопанство како пом. раководител на сектор за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и во 2006 година како директор во Бирото за судски вештачења.

За судија во Управниот суд е избран во 2007 година. На 13.09.2010 година, е избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија. На функцијата – судија на Уставниот суд на Република Македонија е избран на 14 април 2011 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Помилувањето ги засени хонорарите: „СЈО е мртво, да живее Уставен!“

На Уставен суд после три години му „текнало“ да расправа за укинатото помилување

„Сите ќе ги амнестираат само Катица ќе лежи“: Твитер реакции за можното враќање на амнестиите на Иванов

Фото: Уставен суд

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Јапонскиот амбасадор во работна посета на „Алкалоид“

Редакција

(Фото) Во „Аџибадем Систина“ вградено второто целосно вештачко срце на 28-годишна девојка

Редакција

Каракачанов до Иванов за неговиот став дека треба да се најде решение со Македонија: „Биди љубезен и молчи, ова што го кажа не е од бугарски интерес“

Редакција