Во 2022 година, сите пет терестријални телевизии на државно ниво оствариле помалку приходи отколку во претходната година, и тоа Алфа за 21%, Алсат-М, Канал 5 и Телма за по 12% и Сител за 8%, покажува Анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Зеднички тие оствариле вкупни приходи во износ од 1.059,65 милиони денари, што е за 11,70% помалку отколку во 2021 година.
-Намалувањето на приходите во најголема мера се должи на тоа што во претходната година од платено политичко рекламирање за време на локалните избори овие пет телевизии оствариле приходи во износ од 108,51 милиони денари, а во 2022 година воопшто не оствариле ваков вид приход13.
Во периодот од 2018 година наваму, 2022 година е прва година во којашто овие пет телевизии не оствариле приходи од платено политичко емитување, стои во Анализата.
Покрај тоа, во 2022 година намалени се и приходите од категоријата „останати приходи“, во коишто се опфатени и разните видови финансиска помош што во последните три години овие телевизии ги добија како поддршка за справување со последиците од пандемијата со вирусот Ковид-19 и за справување со економската криза.
-Во 2020 година финансиската помош изнесуваше 68,4 милиони денари, во 2021 година 60,79 милиони денари, а во 2022 година 34,64 милиони денари.
Во анализираната година помошта беше обезбедена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (преку намалување на надоместокот за дозволата за телевизиско емитување за 50%) и од Владата (преку покривање на трошоците за пренос на сигналот преку дигитален терестријален мултиплекс).
И во 2022 година највисоки вкупни приходи остварила Сител – 413,69 милиони денари, што претставува речиси 40% од заедничките приходи на петте телевизии. Најниски, пак, биле приходите на Телма, во износ од 118,25 милиони денари.
Приходите од рекламирање изнесувале 912,34 милиони денари, од кои Сител остварила 402,5 милиони денари, Канал 5 – 227,8 милиони денари, Алсат-М – 140,9 милиони денари, Телма – 104,35 милиони денари и Алфа 36,79 милиони денари, стои во Анализата.
Во споредба со претходната година, петте телевизии зеднички оствариле повеќе приходи од рекламирање (без платеното политичко рекламирање).
-Ако се споредат приходите само од комерцијално огласување во 2021 и 2022 година, може да се забележи дека во анализираната година се намалиле приходите на Алфа (за 10%), Алсат-М (за 3%) и на Канал 5 (за 2%), а се зголемиле на Сител (за 5%) и на Телма (за 10%).
Алфа е единствената телевизија која во 2022 година остварила приходи од спонзорства (1,09 милиони денари) и од продажба на содржини (80,34 милиони денари), и тоа повеќе од двојно отколку што остварила од реклами и телешопинг.
Телма, пак, е единствената која реализирала приходи од услуги обезбедени на трети страни, и тоа износ од 5,79 милиони денари, стои во Анализата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сител, Канал 5, Алсат-М и Алфа лани работеле со добивка, Телма со загуба