еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Комерцијална банка оствари добивка од 28 милиони евра за девет месеци

Во периодот од 01.01-30.09.2018 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.728.900.000 денари (28 милиони евра) наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 106 милиони денари(1,7 милиони евра), соопшти банката преку Македонската берза.

„Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, Банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од „Фени индустри АД Кавадарци во стечај”.

Согласно условите од договорот, целосна негова реализација и исплата на вкупниот износ на побарувањата беа реализирани до крајот на март, по што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат“, соопшти банката.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето е за 14,1% поголема во однос на минатата година година.

Ова во најголем дел се должи на зголемувањето на останатите приходи, а пред сè на приходите од капитални добивки од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп“.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3,5 милијарди денари и бележат зголемување од 6,8% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2018 година истите бележат намалување од 12,5% во однос на истиот период од минатата година што главно произлегува од намалена состојба на кредити дадени на секторот нефинансиски друштва, како и од континуирано намалување на каматните стапки. Планот за анализираниот период е остварен со 95,2%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2018 година изнесуваат 624 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат минимално зголемување од 0,1%. Планот за анализираниот период е остварен со 105,5%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2018 година изнесуваат 107 милиони денари и бележат зголемување од 20,1%. Планот за анализираниот период е остварен со 119,9%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2018 година изнесуваат 914,7 милиони денари и бележат зголемување за повеќе од два пати, при што порастот главно произлегува од приходите од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот за анализираниот период е остварен со 93,8%.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

НБРМ даде согласност: Фатмир Етеми нов член на Надзорниот одбор на Комерцијална банка

Комерцијална банка ја „тресе“ берзата: Продаден блок од 10.000 акции за 51,5 милиони денари

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги вработува 8 лица, плата до 54.624 денари

Редакција

Професор Дејан Трајковски: Зошто не ја сфаќаме масовната вакцинацијата како прашање на национална гордост како во Израел?

Редакција

Матичните лекари заборавени за зголемување на платите: Ја понесоа тежината од ситуацијата со корона вирусот и сами си купуваа заштитна опрема

Редакција