еМагазин
Image default
Интервју

Концерт на Ѓорѓи Шарески и „The Instincts“ на 27. октомври во Јавна Соба

По повод три години постоење на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, како дел од мултимедијалната роденденска забава, гостуваат Ѓорѓи Шарески и „The Instincts“ од Берлин. Влезот за концертот е слободен.

Македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Шарески за прв пат пред скопската публика ќе настапи со својот нов, интернационален состав, триото „The Instincts“. Во овој состав заедно со Ѓорѓи членуваат германскиот тапанар Борис Бел и финскиот басист Антти Виртаранта.

Од кога постојат „The Instincts”? Како дојде до оформувањето на триото?

– Првиот настап го имавме во февруари, а во мај го снимивме нашиот прв концептуален материјал под наслов “Music Unseen”.Со Борис Бел соработувам од моите први денови во Берлин, а со Антти Виртаранта остварив контакт кон крајот на минатата година.

Кога дискутиравме околу нашиот следен проект со Борис се одлучивме за трио формација, а Антти беше мојот прв избор за басист. Потребен ни беше интуитивен музичар, кој знае добро да чита ноти, да свири неправилни ритмови, но и да создава музика преку колективна импровизација, а Антти е токму тоа и многу повеќе. Покрај тоа што сме соработници, ние тројца сме и многу добри пријатели. Нашата меѓусебна поддршка и почит може да се почувствува и во нашата музика.

Како би ја опишале музиката што ја создаваат „The Instincts”?

– Во ова трио нема лидер или солист. Функционираме како единица, музиката се движи неприметно помеѓу автентични авторски композиции и апсолутни импровизации. Кога не свириме сите истовремено, тоа е секогаш во корист на мелодијата и грувот, а не на технички предизвици и индивидуални докажувања.

Што е она што би сакале да го истакнете за своите двајца колеги- Бел и Виртаранта, како би ги претставиле на македонските љубители на џезот?

Покрај тоа што се врвни инструменталисти и импровизатори, Борис и Анти се и исклучителни композитори. Борис е еден од најреномираните Берлински музичари со повеќе од 30 годишно професионално искуство. Лидер е на неколку многу успешни интернационални проекти, а соработува со светски познати музичари како Phil Minton, Elliot Sharp, Willem Breuker и многу други.

Тој е исто така и добро познат педагог по тапани во Берлин, како и етаблиран композитор на современа музика. Антти Виртаранта е Фински контрабасист кој живее и работи во Берлин изминативе 5 години. Има завршено џез контрабас и композиција во Филаделфија, и е еден од најактивните контрабасисти на новата фри џез и авангардна сцена во Берлин и Европа. Двајцата се прекрасни и питоми луѓе, посебни музичари, со кои ми е огромно задоволство да работам.

По нешто помалку од една година, повторно настапувате во Јавна Соба. Што е она што Ве води назад кон Скопје?

 – Се радувам кога ја претставувам мојата нова музика на македонската публика, а поткровјето на Јавна Соба е идеален простор за клубски концерти. Доаѓааат одлични гости, а Александар Велиновски и тимот работат високо професионално и секогаш ме пречекуваат со раширени раце. Скопје ми е сеуште дома, тука се моите родители, брат ми, внук ми, а имам и доста пријатели, така што секогаш се радувам да се вратам на кратко.

Што можат да очекуваат оние кои ќе присуствуваат на вашиот концерт на поткровјето на Јавна соба?

 Од аспект на автентичност на музиката и звукот, но и од аспект на мојот прогрес како гитарист можам да кажам дека ова трио е кулминација на сите мои досегашни проекти.Публиката ќе слушне нешто навистина ново; а ако запознаени со моите предходни албуми и им се допаѓа мојата музика- сигурен сум дека нема да ги разочараме. На 27. уверете се зошто „The Instincts” е трио кое не може да се спореди со ниедно друго и слушнете ја нивната музика која е една од најоригиналните на денешницата!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Смилев: Неспособните од нашата прекрасна држава прават регионална депонија

Силвана Жежова

Шаќири: Коцкањето и да се забрани целосно, луѓето повторно ќе најдат начин да играат

Редакција

Данчевска: Сообраќајните несреќи кои се случуваат поради престигнување и движење со голема брзина, се со умисла

Силвана Жежова