еМагазин
Image default
Бизнис

Кошулите на штипската конфекција „Албатрос“ го освојуваат рускиот моден пазар

Амбасадорот на Руската федерација Сергеј Баздникин заедно со Владимир Хрисанфов, трговски советник при Амбасадата денес ја посетија компанијата „Албатрос“ од Штип. Во нивна придружба беше и Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.

„Албатрос“ од Штип, еден од најголемите македонски производители на машки и женски кошули, тргнува во потрага по нови купувачи, а во таквата деловна стратегија фокусирани се скандинавските земји и Руската Федерација. Во овој момент, посредно преку холандска компанија, кошулите на „Албатрос“ се веќе присутни во Москва и Санкт Петербург.

– Постојат реални можности исклучително квалитетните производи на „Албатрос“ директно да се најдат во модните продавници во Русија. Подготвени сме, во соработка со Комората, да асистираме и да помогнеме компанијата да најде купувачи и на овој пазар, истакна Баздникин.

Гостите ја прошетаа фабриката и ги разгледа сите фази на производство во компанијата, која годинава прославува две децении од постоењето и вработува 400 текстилни работници.

– Месечно произведуваме по 65.000 парчиња кошули, речиси исклучиво од памук. Половина од нив се модни, додека другата половина се униформирани кошули. Речиси целото лон-производство патува надвор од границите на земјава, но за домашниот пазар градиме и сопствен бренд, што е макотрпен и скап процес, ги информира гостите Марина Миладинова, задолжена за истражување и развој на компанијата.

Кошулите со врвен квалитет патуваат во дваесеттина земји во светот, а најголемите количини се пласираат во Германија, Швајцарија, Холандија, Белгија, Англија, Шведска, САД и Канада.

– Имаме можности и за производство на поголеми серии, бидејќи за нас работат и неколку субконтрактори од земјава. Опремата, кроењето и контролата е од страна на „Албатрос“, додека шиењето е од фирмите кои работат за нас.Тоа само значи дека квалитетот е подеднаков, без разлика каде се произведува кошулата во овој ланец на соработка, појасни Иван Андов.

Во оваа семејна компанија очекуваат финансиски (под)просечна година заради пораст на трошоците за производство, пред се, за работната сила.За следната година оптимизмот се зголемува.

Во моментов траат преговорите со „Хуго Бос“ и после неколку години повторно во погоните на „Албатрос“ ќе се шијат кошули за еден од најголемите светски брендови.

Фото: Македонско-руска стопанска комора

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Корона вирусот го „зарази“ „Макпетрол“: Извозот на керозин речиси на нула

Редакција

Усвоени измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со цел подобрување на условите за инвестирање за над 200 компании

Редакција

Фершпед со зголемена добивка

Редакција