еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Коста и Дејан поминаа 1.500 километри на велосипед Велес – Истанбул – Велес

Коста Тахов и Дејан Митров извозеа 1.500 килиметри Велес – Истанбул – Велес на велосипед.

Митров на неговиот фејсбук-профил објави дека сѐ поминало без проблеми, освен три дупнати гуми (што е нормално за тие километри), силен ветар и неколку невремиња кои ги спречиле да ја остварат целта.

„Стартот беше од дома. Пред врата. Велосипедите ги возевме до крајната дестинација и назад. Без никакви товарања во воз, автобус, автомобил, хеликоптер, подморница и слично. Возевме од 120 до над 200km на ден поради тоа што бевме ограничени со време. После поминатите километри следува поставување на шаторите, одмор и следниот ден повторно пакување… И секој ден така. Две недели. Со mountain bike, натоварени како магариња со торби полни облека, вода, храна, шатори и други потребни работи.

Прво место за одмор ни е Дојран од каде што треба да излеземе преку граница во Грција.

По пат, по градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе и друго, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука. На лице место. Прашуваа: Where are you from? – Macedonia им одговаравме. Skopia????!!! Им одговаравме: NOOOO!!! Veles. Одговор кој ги остава сите збунети.

Грција ја поминавме со спиење во шатори во Кавала и Александрополис. По патишта од асфалт, коцки, камења, земја. Лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, разлетани на сите страни по густата темница. Борба со силен и константен ветар од спротивна насока. Пренасочен сообраќај поради срушен мост. Морбидни мрачни и длабоки клисури, стари римски мостови, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, модерен автопат, граница.

Во Турција гранична полиција, војска. Вооружени до заби и топол поздрав “Мераба”. Само што влеговме почна да паѓа мрак и да излегува месечината над патот. Поубава глетка нема. Патот широк, без никаква дупка во асфалтот. Возиме од Ипсала, покрај Кешан накај Текирдаг. Пред Текирдаг околу 3 часот почнавме да заспиваме возејќи на велосипед, па се паркиравме на една бензинска за да ги задоволиме малку потребите од сон.

Во Текирдаг не опече немилосрдно сонце. Гори. Знаеме дека имаме уште многу до Истанбул и дека цело тоа треба да го извозиме. Одморивме малку во еден парк. Патот убива поради константните искачувања и спуштања во комбинација со жешкото сонце. По пат го пиевме нашето прво вистинско турско кафе, а од десна страна го имавме Мраморно море.

Сообраќајот станува се погуст. Хаос. После подолго возење стигнавме кај нашиот пријател Volkan Dörtkardeş без кој ќе се изгубевме некаде во Истанбул и немаше никој да не пронајде. Ги паркиравме велосипедите на сигурно, одморивме и следните два дена го разгледувавме и шетавме Истанбул во придружба од Volkan Dörtkardeş. Се напикавме во слаткарница Мадо и не сакавме да излеземе од таму. 😀 Прошетавме и во азискиот дел на Истанбул.

Истанбул беше многу повеќе од нашите очекувања. Огромен, со должина од 180км и 22 милиони жители, супер модерен град. Два дена се малку, но времето не гази и мораме да се вратиме. Доколку ни се случи едно невреме во терминот предвиден за патување ќе изгубиме денови. Се испративме со Волкан и почнавме да се враќаме по обратен редослед со некои мали измени. По пат на мапите баравме каде има слаткарници 😋.

Возењето се одвиваше според планот и бегајќи од темни облаци стигнавме до граница, а од таму пак до Александрополис. Следниот ден од таму преку некои селски патишта го избегнавме Комотини и стигнавме во Неа Карвали на 10km пред Кавала. Од таму направивме поголеми измени на патувањето, па се вративме преку Драма и Серес се до Дојран каде што одморивме.

Голема благодарност до Живко Ѓорѓиевски кој не испрати на старт и Ѓоре Димитриевски кој извози сам до Дојран за да не пречека и не дружеше по пат се до Велес. Голема благодарност до Volkan Dörtkardeş кој беше одличен домаќин. Исто така голема благодарност до сите оние кои што грижливо не следеа и не прашуваа до каде сме и дали е се во ред, до сите кои викаа дека сме ненормални и сите добронамерни луѓе што не сретнаа по пат, не охрабрија и ни понудија било каква помош.

Патувањето беше организирано и реализирано без никакви спонзорства и финансиска поддршка.

Еднаш еден постар велосипедист ми рече: Какви се тие ваши скапи велосипеди, а гумите ги менувате на две години? Јас 10 години ги возам и види колку се здрави“,  напиша Митров на неговиот фејсбук-профил.

фото: Фејсбук-профил на Дејан Митров

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Тритерол петрол“ го доби тендерот на општина Штип за набавка на нафта за греење вреден милион евра

Редакција

Врховен суд склучи договор со Неоком вреден 705,1 илјади евра

Редакција

По 12 години ќе се рестартира ТЕЦ „Неготино“

Редакција