еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Кристина Озимец: Ни требаат повеќе жени на лидерски позиции во медиумите

Новинарката Кристина Озимец, која последниве години е активна и во невладиниот сектор, во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“ за прв пат открива детали од нејзиниот приватен живот, ги споделува своите ставови за состојбите во македонското новинарство, улогата на жените новинарки…

Возбудливо детство во мирното Козле

Како дете воопшто не размислувала дека еден ден ќе стане новинарка, иако уште од мала покажувала интерес за следење на политичките настани во земјата.

Ја интересирале документарни филмови и политика, па како што раскажува постарите ја зафркавале дека ги знаела сите политичари и дека истите ги рецитирала на глас.

„Козле каде што пораснав тогаш беше навистина мирно и тивко место. Немаше голем сообраќај, згради… Денеска населбата не изгледа онака како кога бевме деца.

Голем дел од моето слободно време поминував на улица со луѓето од маало, играјќи криенка, народна…, а многу сакав и да возам ролерки. Од денешна перспектива си се чудам на себе како сум можела да ги возам, кога сум доста трапава :).

Немавме мобилни телефони и компјутери и значаен дел од времето бевме надвор, во нашиот двор или дворовите на соседите“, раскажува таа.

Татко и работел како шофер, а мајка и како секретарка во националниот сервис МРТВ. Денеска и двајцата се пензионери.

“Мајка ми понекогаш знаеше да ме однесе на работа. Многу сакав да куцам на машините за куцање. Тогаш за прв пат видов како се прават емисиите за телевизија, и можеби тогаш веќе имав одредена почит кон таа работа, но мене реално телевизијата никогаш не ми била предизвик како медиум. Секогаш повеќе ме влечело пишувањето“, раскажува Озимец.

Како што вели, нејзините родители никогаш не и правеле никаков притисок што да биде еден ден, туку се било оставено сама да одлучи.

Идејата за новинарство се појавува во Алјаска

Основно училиште завршила во „Владо Тасевски“ во скопско Козле.

“Гледано од денешна перспектива слободно можам да кажам дека општествените предмети ми одеа многу подобро. Па можеби тоа и беше предзнак во кој правец ќе се движам“.

Прва година средно училиште, општа гимназија, завршила во Алјаска, САД. Таму престојувала кај нејзини роднини и била позитивно изненадена од тамошниот образовен систем.

“Бев се уште доста млада за да останам повеќе од една година и сакав да се вратам дома, каде ми се родителите и пријателите, но тоа искуство ми е непроценливо.

Имав можност да видам како функционира средното образование и можностите кои Американците во оваа земја ги имаат на располагање.

Училиштето беше неспоредливо со она што го имав дотогаш видено, имаше дури и внатрешен базен, свои игралишта и други сали, но она на што прво ми текнува кога помислувам на тој период е мојот наставник по англиски јазик, Вилсон, кој беше изненаден колку добро го познавам англискиот јазик и кој ми рече дека пишувањето ми оди многу добро.

Постојано ми повторуваше, дека, изгледа треба да бидам новинарка. Тогаш почнав посериозно да размислувам за оваа професија.“

По враќањето во Македонија, образованието го продолжила во училиштето „Ѓорги Димитров“, смер општа гимназија, по што ќе одлучи да се запише на Факултетот за интердисциплинарни студии по новинарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

„Кога размислувам за тој период од мојот живот, секако тука се и бројните забави, се трудев да уживам во фактот дека си млад колку што можев повеќе, мислам дека фатив барем мал дел од едно поинакво Скопје“, вели таа.

Работа на нафтена платформа на Северно море

Првото работно искуство го имала за време на студиите како келнерка во кафе барови, што траело кратко, но работата на нафтена платформа во Северното море во Холандија, од шест месеци, ќе го памети за цел живот. Работела во кетеринг.

“Тоа дефинитивно беше интересно искуство, навечер се гледаше само соседната платформа како една светла точка во целосна темница. Немам ништо потемно видено од ноќта таму.

Патувавме со хеликоптер до платформата и назад. Мислам дека најинтересниот дел кој ќе ми остане врежан се патувањата со хеликоптер и слетувањата од и кон платформата. Повеќе оние кога си одевме“.

Сепак на тоа искуство денеска гледа како на храбра одлука, која и помогнала да стане тоа што е.

“Работата беше напорна, физичка, работев по 12 часа. Но, научив многу повеќе за готвење, бидејќи работев и како асистент во кујна.

Ми се допаѓа тоа искуство, кое пред се ми покажува дека секогаш имам План Б и можам да работам било што, ако тоа не е новинарството.

Отсекогаш ме интересирале многу различни работи, да, новинарството го сакам и тоа е се уште на врвот, но имам и други интереси и отсекогаш сум имала. Тие всушност и ми помагаат во новинарството. Секако научив доста и за тоа како функционира светот, корпорациите, капитализмот“, раскажува таа.

Welcome to Miami

Со заштедите по ова работно искуство, уплатила за “Work and travel” во САД и четири месеци работела во светски познатиот ланец на хотели Риц во Мајами, во мексикански ресторан како хостеса, во делот на собна услуга и на плажа.

“Тоа за мене беше цел еден нов свет. Ја запознав од блиску јужноамериканска и мексиканската култура. Видов еден друг вид на слобода за разлика од конзервативната средина во Македонија.

Јужна Америка ми е дефинитивно во агендата за идните патувања. Имав чувство дека имаме сличен менталитет, доста лесно ми одеше поврзувањето со луѓето во Мајами.

Сите овие искуства имаа сериозно влијание врз моето оформување како личност, како приватно, така и професионално, но и општествено“.

На Факултетот за новинарство му фалат сериозни реформи

Тоа што се испробала во сосема други сфери, не и било проблем за студиите по новинарство. Генерално, како што вели не е нешто посебно задоволна од нив.

„Имаше позитивни работи, но ужасно ни фалеше пракса. Како утре да се биде новинар, ако на факултет не учите доминантно од новинари кои работеле новинарство, кои биле „во огнот“.

Тоа многу влијаеше на мојата самодоверба и тогаш мислев дека ќе треба многу да работам за да станам добар новинар, очигледно зашто немав поим каква е всушност медиумската сцена.

Нема дилема, факултетот треба целосно да се реформира, да се приближи барем до тие во регионов“.

Прво новинарско работно искуство и прва награда

Првото работно искуство во новинарството го има во новинската агенција Макфакс, месец дена по дипломирањето.

Почнува како практикант, а потоа стигнува и до вработување и плата.

„Влегов и прво реков, ќе следам култура, нема шанси да навлагам во политика, таму  е стресно и опасно. Секако дека тоа траеше отприлика еден месец :). Се навлеков брзо на следење општествени теми, бидејќи искрено и ме интересираа.

Таму научив вистински да пишувам вест, дескаџиски со помош на колегите, од кои научив многу. Каков треба да биде насловот, а каков контекстот на веста.

Вистинското новинарство сепак се учи на терен, но за жал таму бевме оставени сами на себе, поради не толку доброто водство во уредничкиот дел во тоа време.

Па морав сама да учам се. Имаше и грешки, но за среќа рано станав свесна за одговорноста која ја носи професијата и етиката која мораме да ја следиме“.

После година и нешто веќе е добар млад новинар и ја добива првата награда за „Најдобра истражувачка сторија“, трето место од Македонскиот иститут за медиуми (МИМ), за исплатите на студентите на УКИМ кон студентските парламенти.

Следат работни искуства и во неделниците Капитал и Фокус, Радио МОФ, Дојче Веле и други познати медиуми и уште неколку награди за истражувачко новинарство и пофалби за професионално известување.

Во декември минатата година обележа 10 години во новинарството.

Нови предизвици

Во 2017 година со неколку колеги ја формира ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи.

За брзо време ПИНА понуди многу нови работи во сферата на медиумите, а зад неа се три успешни истражувачки филмски фестивали, кои слободно може да и парираат на сличните низ Европа или во САД.

“Идејата со формирањето на ПИНА ни беше да понудиме нешто ново на домашната сцена, еден различен пристап во идеите и развојот на самата организација.

Работиме на проекти кои навистина не интересираат и не возбудуваат прво нас лично, а потоа секако и тие кои имаат влијание во општеството. Се обидуваме да понудиме иновативен пристап во медиумската сфера и да разговараме и начнеме теми за кои размислуваат и разговараат нашите колеги во другите понапредни земји.“

Последен проект на кој работи ПИНА е Програмата за жени новинарки поддржана од Цивика мобилитас, во која учествуваат најмалку 15 новинарки кои поминаа обуки за мултимедијално и мобилно новинарство и се дел од менторски процес во кој работат на видео и мултимедијални стории, кои веќе се објавуваат на ПИНА.

„Ни требаат повеќе жени на лидерски позиции во медиумите и онаму каде се носат конечните одлуки. Во земјата, сопственичките, менаџерските, лидерските позиции се уште доминантно им припаѓаат на мажите, за тоа веќе се правени и конкретни анализи.

Некои во една ваква дебата ќе речат, па еве таму и таму има жена уредник, но за жал се работи за исклучоци. Понекогаш дури и кај тие исклучоци, каде навидум се мисли дека жените одлучуваат, ако се информирате подлабоко за внатрешната ситуација во медиумот, често пати повторно ќе сфатите дека сепак и таму крајната одлука ја носат мажи сопственици, менаџери, итн.

Ние преку нашата Програма се обидуваме да ја подобриме позицијата на жените новинари и да создадеме понезависни жени лидери во медиумите, што веруваме дека ќе влијае и на содржините кои потоа ги гледаа и чита публиката“.

Тоа што состојбата во македонското новинарство е лоша, не е случајно

На лошата состојбата во македонското новинарство, кое се почесто е критикувано од јавноста гледа како на можност.

“Состојбата во македонското новинарство е многу лоша. Тоа не е случајно. Случајот „Рекет“ дојде како капак за недовербата на граѓаните во новинарите и искрено со оглед на лошите примери на непрофесионалци кои се дел од нашата професија, не можеме да и се лутиме на јавноста која нема доверба.

Но, на кризата може да се гледа и како можност, работите на долг пат да се трасираат во друг, подобар пристап. Сега е време за нови иницијативи и визии.

Важно е професионалното да се издвои од непрофесионалното и овие процеси може да се гледаат и како добри, за конечно јавноста да може да види кој е професионалец, а кој не е добар новинар, кој работи за јавниот интерес, а кој одработува други агенди.“

Смета дека сега е добар тајминг за нови стартапи и иницијативи во медиумите и верува дека поддршката во свежите идеи дадена на вистинскиот тим може да промени многу на медиумската сцена.

„Новинарите кои се професионалци, не си дозволуваат многу јавно да ги фалат работите, обично го креваат гласот за негативните појави во општеството, бидејќи таква е природата на нашата работа, па затоа мојот глас се слуша често тогаш.

Инаку оние кои ме знаат приватно, знаат дека најчесто, целосно неоправдано и веројатно наивно сум оптимист, па затоа ќе завршам со тоа дека ова дно во кое веќе повеќе години се наоѓа новинарството, навистина може да биде можност за подобри и поинакви нешта“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Штип има повеќе активни случаи на Ковид-19 од Чаир и Тетово

Редакција

Убава вест: Бројката на оздравени е поголема од новозаболените и изнесува 172

Редакција

Во банки и штедилници ќе може и со пасош и потврда од МВР дека е поднесено барање за лична карта

Редакција