еМагазин
Image default
Македонија

Кривична пријава од Левица за Левица

Основачи и членови на Левица поднесоа кривична пријава против актуелното раководство на Левица.

„Ја информираме јавноста дека група основачи на политичката партија Левица, зад кои стои бројно членство, поднесе кривична пријава кон актуелното раководство на Левица.

Ова раководство фалсификуваше документи, и ја злоупотреби својата позиција во партијата, како што ги злоупотреби и правните институции во државата со што придонесе во урнисување на правниот систем, а со цел оневозможување демократска промена и делување на членовите на партијата. И сето тоа за заштита на сопствената раководна позиција и лични интереси поради кои се киднапираше и самата партија.

На ден 03.09.2018, група основачи на Левица помеѓу кои поранешни членови на президиумот и ЦК, поддржани од повеќе од 300 членови на партијата, поднесовме кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против овластеното лице т.е. лице кое ја застапува и претставува политичката партија Левица, за сторено кривично дело фалсификување на службена исправа, и против лице Н.Н. во Основниот суд Скопје за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

До сознанијата за вакво сторено кривично дело, членови на партијата доаѓаат, при свикување на вонреден пленум, на кој поради незадоволство од раководството на партијата, членството гласа недоверба на постојниот ЦК и Президум, недоверба на Трибунатот, недоверба на овластено лице како и на лицето овластено за материјално-финансиско работење и носи одлука за нови управни органи на партијата. Одлуката се носи во Основниот суд – Скопје II, каде се наоѓа и судскиот регистар на политички партии, како би се извршила промената на овластеното лице.

Во текот на рочиштето, судот ја изложи на увид регистрациската влошка со сите документи, во која постои и документ заверен со потпис од овластеното лице од раководството на партијата, кој никогаш не бил изгласан на основачкото собрание и кој не постои во листата на поднесени документи при самата регистрација, а за чие постоење основачите прв пат дознаваат на тоа рочиште, при што констатираат дека станува збор за документ кој раководството го фалсификувало без знаење на пленумот.

Второ кривично дело и злоупотреба на правните институции на државата е што тој документ се нашол во регистарската влошка, после регистрацијата, што се докажува преку фактот дека не постои во барањето за запишување во судски регистер каде се наведени сите документи кои се поднесени за регистрација на партијата.

На тој начин раководството на партијата го корумпирало правниот поредок за да се заштити од волјата на членството и прекршило закони за свое лично обезбедување. Со оглед на правната екпертиза на раководството, тие точно знаеле дека ги кршат статутот, сите правни акти на партијата како и законите на државата.

Ако раководството на Левица е во состојба да ја злоупотреби сопствената партија и да крши закони за да осигура свое владеење наместо демократски избор на кој членството ќе ја изрази волјата, не сакаме ни да помислиме како би ја злоупотребиле државата и законите за да обезбедат недемократско владеење. Како да веруваме дека раководството го брани Уставот на државата ако го крши законот за да се спаси од демократскиот глас?

Како да веруваме на било која правна експертиза и анализа на раководството на партијата, ако свесно корумпираат судски систем за да обезбедат непречено владеење?“, стои во соопштението испратено до медиумите потпишано од Перо Оџаклиески од Скопје, основач и член на Президиум, Владимир Куновски од Скопје, основач и член на ЦК, Андон Андоновски од Скопје, основач и член на ЦК, Марјан Ненов од Скопје, член на ЦК, Петре Вртаноски од Скопје, основач и член на ЦК, Страшо Наумоски од Прилеп, основач и член на ЦК, Јане Илиоски од Прилеп, основач и член на ЦК, Петко Манчевски од Прилеп основач и член на ЦК и Димче Божиновски од Прилеп основач.

РЕАКЦИЈА НА ЛЕВИЦА

“Речиси сите провладини електронски и пишани медиуми, утрово објавија соопштение потпишано од девет поранешни членови на Левица, во кое информираат дека поднеле кривична пријава против раководството на партијата за наводно фалсификување документи, злоупотреба на правните инстутуции на државата и корумпирање на правниот поредок“, регираат од Левица.

Ви ја пренесува реакцијата:

“Не ги обвинуваме овие медиуми за објавата на соопштението, но би сакале иста таква професионалност да применат кога Левица ги кани на своите прес конференции, трибини и други политички настани, на кои воопшто не праќаат новинари.

Па да видиме кој стои зад овие паушални, нејасни и тенденциозно невистинити обвинувања.

Имено, се работи за поранешни членови на партијата, мала небитна и немоќна група незадоволници, т.н пучисти, кои иако пред речиси две години се искучени од членство поради нивното нестатурарно роварење внатре во партијата, сепак пред секој поголем политички настан (парламентарни и локални избори, а сега пред референдумот) се активираат со цел да да ги саботираат изградените партиски позиции и да создадат лажен привид за некаков си внатрешен судир во Левица.

Впрочем, последен внатрешен судир во Левица имаше пред парламентарните избори во 2016, кога оваа групација, незадоволна одлуката на Централниот комитет за самостоен настап Левица на парламентарните избори, започна медиумска и правна војна против волјата на мнозинството искрени активисти кои ја создадоа Левица, чија цел беше Левица да не биде обичен привезок на СДСМ, туку посебна политичка сила која се бори против штетното 25 годишно владеење на СДСМ – ДПМНЕ.

Оваа минорна група, се состои од луѓе чие зачленување во Левица беше со едиствена цел- Левица да влезе во предизборната коалиција на СДСМ. Оваа инсталација на СДСМ манипулираше и со други луѓе, инструирајќи ги да работат против Левица, како би добиле нешто за возврат од новата власт.

Прво поднесоа тужба со предлог времена мерка, судот да ја спречи Левица да излезе со свои листи на парламентарните избори. Неспособноста и пакоста на оваа група веднаш излезе на виделина, затоа што подносителот на оваа тужба не беше воопшто член на Левица, па Левица непречено ги поднесе своите листи за пратеници.

Подоцна оваа група пучисти, организираше т.н Вонреден пленум со цел смена на легалното и легитимно раковоство. Зад оваа иницијатива со свои потписи застанаа 300 лица, од кои многумина повторно не беа ниту членови на Левица.  Т.н вонреден пленум беше против-статутарен и аматерски организиран, без потребното известување до членството и раководството на партијата и без потребниот број иницијатори (членството на партијата тогаш броеше над 1500 лица). Пучистите го изгубија судскиот спор, а за предводникот на оваа група, Перо Оџаклиески, се докажа дека ги злоупотребил личните податоци на дел од членовите на партијата кои не се потпишале или воопшто не знаеле за што се потпишуваат.

И кога помисливме дека оваа група средовечни манипулатори се помирила со судбината дека не може ништо политички и правно да направи против младите искрени левичари, кои резигнирано одбиваат да бидат привезок на криминалниот бипартизам, еве ги повторно, на два дена пред изборниот молк за референдумот, со исти паушални, нејасни и тенденциозно невистинити обвинувања.

Целта е јасна. Пред клучното референдумско изјаснување, Левица да се оцрни пред јавноста, а нејзиниот принципиелен став за Бојкот на референдумот да се разводни како став на нелегитимно раководство.

На крајот им порачуваме, дека нивните пакосни намери се откриени. Се надеваме дека Јавното обвинителство не е впрегнато во служба на власта, како што беше за време на минатиот режим. Но доколку биде покренето обинение, против истото ќе се браниме како и досега. Со доказите, вистината и правдата кои се на наша страна„.

Фото: Левица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

26 од новозаразените со Ковид-19 неодамна патувале во странство

Редакција

Пратениците изгласаа зголемување на платите во јавниот сектор за 5 отсто

Редакција

Ревакцинирани вкупно 416.614 граѓани

Редакција