еМагазин
Image default
На кафе во Кантина

Крстевска: Жално е но вистина, Русија го препозна балетскиот квалитет на Стефанија Гаштарска за разлика од кај нас

„Денеска е петок, јадеме гравче и ви кaжувам дека еден ден ќе бидам светски позната балерина што ќе игра во Бољшој, запамтете го денов“, изјави на осумгодишна возраст Стефанија Гаштарска на ручек со нејзиното семејство.

„Тие нејзини зборови ми останаа врежани, иако сето тоа изгледаше како нереална детска фантазија сепак ме убеди“, раскажува нејзината мајка Марија Крстевска за „еМагазин“.

И се ќе беше само сон на едно малечко девојче што сака да стане балерина, доколку осум години подоцна, таа нејзина изјава не се преточи во реалност.

Звучи како во книгите, посакај и ќе ти се оствари, но ова е реалност за Стефанија која на 16 години го живее тој сон. Влегува на службен влез во театарот Бољшој и игра на исти штици со нејзиниот идол, светски познатата балерина Светлана Захарова.

На 14 март таа настапи во Бољшој со улогата на принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која што настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.

„Во Москва учи во главното државно балетско училиште Бољшој. Преку училиштето таа ја доби шансата да заигра во театарот Бољшој. Тоа е концерт кој училиштето традиционално го игра на роденденот на Петипа. Овој пат беше јубилеен, 200 години, и на тој концерт настапуваат матуранти од сите подобри школи во Русија. Главните улоги на фрагментите од балетите ги играат матуранти.

Најневеројатно е што, таа во прв курс доби шанса да игра на местото на матурантка. Тоа беше позитивен шок, бидејќи само за неколку месеци ја доби таа шанса и не само што доби шанса да настапува, туку и ја затвори гала балетската вечер, што има посебна тежина“,  вели Крстевска.

Таа додава дека Стефанија оваа можност ја добила благодарејќи на успешно одиграната варијација на Рајмонда од истоимениот балет, на тамошниот школски концерт кој се одржа во декември. Директорката на државната балетска академија Бољшој, Марина Леонова ја забележала и посакала заедно со професорката да работат со неа, за настапот на гала концертот кој се одржа во театарот Бољшој, познатото „Розе адаџо“ од претставата „Заспаната убавица“, кое  е исклучително тешко технички и уметнички.

„Мислам дека тешко ми доаѓаше да дојдам до воздух, ама буквално. Измешани чувства на паника, среќа, гордост. Бидејќи сум во истата професија, знам каква е одговорноста што и беше доделена и тоа требаше да го оправда. Не знам колку таа беше свесна за сериозноста на настанот, но јас бев и затоа имав поголема трема. Но, самото влегување во Бољшој и фактот што ќерка ми ме донесе таму, е нешто што не се опишува и вреди за се низ што поминавме и од финансиски аспект и од аспект на борба и пожртвуваност “, додава таа.

Првите чекори стратешки испланирани

Како професионалец кој е во истата професија, таа ја насочила Стефанија да присуствува на најзначајните професионални натпревари.

„Првите чекори ни беа стратешки одиграни, има неколку натпревари што се на високо професионално ниво на кои беше важно да се појави. Исклучително е тешко да се влезе на тие натпревари бидејќи се прави професионална селекција и бараат одреден степен на професионална подготвеност. Тоа се натпревари каде што се препознава квалитетот. Јас како мајка ја препознав, но цело време се прашував дали тоа е субјективно мислење или објективно. Одговорот се добива таму. Стратешки најпрво настапивме на натпревар во Рига, потоа Италија, Романија, Америка, но целта беше натпреварот „Арабеска“ во  Перм во Русија“, објаснува Крстевска.

Таа додава дека овој натпревар е помеѓу најквалитетните во Русија и е со најголема традиција, каде што се натпреваруваат најдобрите школи во Русија и од повеќе држави во светот.

„Дилемата најповеќе ни беше дали воопшто ќе не прифатат, па размислував со која варијација да се претстави. Додека деновите поминуваа размислувајќи, а крајниот рок за пријавување се приближуваше се случи нешто крајно неверојатно, ни стигна покана од организаторот на тој натпревар. Ја видел Стефи на натпревар во САД на „јутјуб“ и  дошол на идеја да ја покани. И со таа покана Стефанија стана првата и единствената Македонка учесничка на тој натпревар и со тоа голем амбасадор на Македонија. Тоа беше првиот позитивен шок“, раскажува Крстевска.

Откако ја прифатиле понудата, се обидела на Стефанија да и објасни да бидат реални во очекувањата, бидејќи таа како 14-годишна балерина требала да се натпреварува во класата од 13 до 17 години со ученички од најпрестижните балетски школи.

„,На 17 години се веќе и технички и уметнички зрели и ѝ кажав на Стефи дека одиме за да види до каде е и дека е привилегија да се настапи на тој натпревар. За разлика од другите натпревари каде што може да се оди со една до две варијации, овде се бараа шест. Тоа се варијации кои ги играат први балерини и се прилично сложени и кои требаа да бидат одиграни во нивната оригинална верзија. Многу беше тешко да се спремаат за краток временски период.

Знаев дека за овој предизвик, може да ја спреми само професорката во пензија Елисавета Кушевска, која била професорка на речиси сите првенки во МОБ и ретко квалитетен професор. Нејзиното прифаќање да работи со Стефи беше навистина важно и може да се каже од витално значење и клучно за целиот успех што го постигна таму.

Натпреварот се одвиваше во три круга, значи по две варијации за секој круг. Иако ќе бев задоволна да поминеме и еден круг, сепак авионските карти ги резервирав за до крај на натпреварот. Имав некој оптимизам во мене. За наша среќа таа не само што го помина првиот, го помина и вториот круг и влезе во финале, со најдобрите осум. Стефи натпреварот го заврши повеќе од успешно како најмладиот финалист на „Арабеска“, вели Крстевска.

По овој натпревар, Стефанија добила понуда да учи во балетското училиште во Перм кое е едно од најстарите, со голема традиција и школо од кое се излезени звучни балетски имиња.

„Тој чекор ни беше потребен, немаше дилема но, проблемот беше што школото не дава стипендии, а школувањето беше прилично скапо. Но, колку  што  беше проблем, немав дилема дека тоа мора де се направи. Се решив, потпишавме договор, и после почнав да размислувам како ќе се плати. За еден дел успеав да најдам спонзорство но бидејќи тоа беше премалку, но приликата голема, си земав кредит и си го испратив детето на школување. Тоа беше шанса што не се пропушта, посебно во балет бидејќи секоја година е изгубено време“, објаснува Крстевска.

Интересно е што за натпреварот во Перм им биле потребни шест костими, па и тие, Марија ги изработила сама бидејќи цената на еден изнесува од 500 до 1.500 евра, а тоа се пари што никако не можела да ги обезбеди.

„Можевме да обезбедиме од театар, но сакав наши костими со нова позитивна енергија во нив.Седнав и ги сошив. Излегоа многу добри и кога во Перм им спомнавме дека јас ги шиев, тоа го ставија во наслов на новинарски текст. Имаше некоја енергија во тие костими, беа направени со многу љубов“, се присетува Марија.

Стефанија во Перм учеше една година, а потоа доби стипендија во државното балетско училиште во Москва во Бољшој преку амбасадата на Руската федерација во Македонија.

 Се правеа слепи на квалитетот

Стефанија своето балетско образование го почна во нижото балетско училиште „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Лично мислење на Марија е дека кај нас, многу малку има квалитетен педагошки кадар, бидејќи квалитетниот кадар веќе е пензиониран. За среќа, како што вели Марија, Стефанија има голема поддршка од Македонската опера и балет (МОБ), кои ѝ ја доверија улогата на Снежана од претставата „Снежана и седумте џуџиња“ која е нејзина прва главна улога одиграна на само 16 години, а за да може таа претстава да влезе во нејзиното Си-Ви, секако е потребна поддршката и вербата во нејзиниот квалитет од дирекцијата на МОБ.

„Последната година Стефи беше во класа на Дафина Даниловска, која е исклучително квалитетен педагог, и која ми ја врати довербата во педагозите кај нас, но за да стигнеме до нејзе, сменивме неколку, бидејќи кога гледате дека некаде нема прогрес, мора да менувате“, додава Марија

Како самохрана мајка на две деца, исто така, помошта која ја добивала од институциите и некои компании била  недоволна.

„Во друга држава, талент како нејзе не треба да размислува и да се грижи за ништо, туку само да игра. А ние се соочуваме со еден куп проблеми, како ќе најдеме пари за натпревар, за костими. Постојано аплицираме, па ќе добиеме одредена сума која е недоволна, па бори се остатокот да го најдеш. Добивме нешто од надлежното Министерство за култура но не беше доволно, секогаш мораше да се размислува како да се дојде до остатокот кој ни е потребен и како да одиме на следниот натпревар за кој ќе не одбиеја.Позитивно бев изненадена од сегашното раководство на Општина Центар, кои само со едно писмо, позитивно одговорија на барањето за финансиска помош. Како постојан жител на оваа општина сум барала постојано од сите претходно, но не ме удостоиле ниту со одговор“, објаснува Марија.

Таа додава дека голем проблем е што  државата треба да вложува во вакви таленти, бидејќи се многу малку, а се најголеми амбасадори на државата.

„Државата треба да ги поддржи со сите средства со кои може, а реално не ги поддржува. За натпреварите имав делумна поддршка од Министерство за култура, но секогаш требаше плус да се снаоѓаме. Сме биле помогнати од нив, но не за сите натпревари. Многу беше интересно што за натпревар во Италија, аплициравме за средства од таму, а заедно со Стефи аплицираа и други две девојчиња од нејзиниот клас.

Иако претходно, Стефи имаше освоено награди на натпревари, парите од Министерство за култура ги добија другите две девојчиња.Јас морав да се позајмувам за да ја испратам на овој натпревар. Варијациите и беа спремни, бидејќи се подготвуваме за натпреварот во Перм и не гледав причина зошто да не оди. Тој натпревар не беше со селекција и можеше кој било да влезе.

Најдов начин и отиде. Но, девојчињата кои добија финансиска помош од државата излегоа во прв круг, а она освои сребро. Да не најдев начин како да отиде, Македонија немаше да се врати со медал. Сакам да кажам дека, ако државата нема пари за три девојчиња, тогаш школото треба да си има некој интерен избор кој ќе не претставува, не може кој било.

Кога се гледа успехот, наместо да ти признаат на време и да ти пружат поддршка, се прават слепи “, додава Марија.

Стефанија исто така е и амбасадор на компанијата „Гришко“, што ѝ значи многу, посебно што е вљубеник во нивните производи.

„Рускиот културен аташе, исто така и сопственикот на „Гришко“, постојано го следат и се радуваат на успехот на Стефанија. Македонскиот амбасадор во Москва беше информиран за нејзиниот настап во Бољшој, побарав логистичка поддршка, но освен што не ни излегоа во пресрет, не се ни појавија на претставата. Таа требаше да има поддршка од државата, барем физичко присуство“, вели Крстевска.

Стефанија испишува балетска историја

Марија 20 години е вработена во МОБ, но вели дека никогаш не била со такви амбиции како Стефанија. Таа исто така држи и приватни часови во „Балет степс“ студиото на Билјана Пашариковска, професионалец кој исто така подготвила кореографија за Стефанија за настапот во Перм, а нејзиниот сопруг Александар Масевски ја напишал музиката. Крстевска вели дека таа нивна верба, посветеност, поддршка и позитивна енергија придонеле за нејзиниот успех.

Додава дека кога ќе се препознае талент во аматерско студио, потоа се насочува кон балетско образование, бидејќи од аматерски балетски студија не излегува кадар за во театар.

„Аматерските балетски студија понекогаш создаваат погрешни очекувања кај децата и извртен систем на вредности. Тие одат на натпревари и се враќаат на пример со 20 медали, а нема некој од учесниците што на тој натпревар не зел медал. Плаќаш, учествуваш, земаш медал. Најчесто при барање на спонзорства за Стефанија, добивам одговор, дека од тоа и тоа студио се вратиле со 20 медали.

Но, како да им објаснам дека тие натпревари немаат никаква професионална тежина, за разлика од професионалните натпревари каде што е привилегија да настапиш, а камоли да освоиш медал. Затоа не треба да има дилема дали државните институции треба да поддржат школо или аматерско студио“, објаснува Марија.

По завршувањето на образованието во Москва, Стефанија сака да остане во театарот Бољшој и таму да и биде матична куќа каде што би ја градела кариерата. Нејзината мајка комплетно ја поддржува бидејќи како што вели, тоа е врвот, а се друго е полесно достапно

Она што исто така е интересно, а дури и неверојатно во приказната за оваа балерина, за која веројатно само небото е лимит, е тоа што таа како мало дете, воопшто немала тело на балерина, туку си била полничка.

„ Таа беше едно буцмасто детенце, со голема желба за јадење. Цело време и велев дека ако така продолжи балерина нема да биде од нејзе. Често се шегувавме „супер што имаш желба, но со ова јадење и ова телце тешко.“ И тоа беше така се до еден момент кога сфати дека треба да внимава на исхраната. Реши да биде вегетаријанец, што крајно го почитувам, внимава и на други работи во исхраната и телото го доведе во совршена линија“, додава Марија.

ПС

Во овие моменти, Стефанија Гаштарскаја испишува македонската балетска историја, бидејќи ќе биде првата балерина од Македонија со комплетно балетско образование во Русија, односно во една од најпознатите светски балетски школи Бољшој.

Фото/ Different Photography и Приватна архива

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пановски за „еМагазин“: Лесно ја поднесувам состојбата со Ковид-19, ми помагаат децата, спортот, не пијам витамини

Силвана Жежова

Наумовска Грнарова: Да си исполнет и среќен, тоа е најголем успех

Силвана Жежова

Денис Јанкуловски Космонаутко: Желбата да помагам ме води низ животот

Петре Димитров