еМагазин
Image default
Македонија

Лавина честитки и благодарности по одлуката на Бундестагот: „Данке Дојчланд“

Повеќе домашни и странски политичари се заблагодарија и честитаа за одлуката на Бундестагот да и препорача на германската Влада да се заложи за почетокот на пристапните преговори на Македонија за зачленување во Европската Унија.

Комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Јоханес Хан го поздрави гласањето на Бундестагот за отпочнување преговори со ЕУ во октомври за Северна Македонија и за Албанија.

„Го поздравувам гласањето на германскиот Бундестаг за почнување на преговорите за пристап на Северна Македонија и Албанија во октомври. Признавањето на конкретниот напредок е клучно како поттик за реформи во Западен Балкан и за кредибилитетот на ЕУ!“, напиша еврокомесарот Хан.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ја поздрави одлуката на Бундестагот да даде зелено светло за старт на преговорите за членство на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ.

Мас оцени дека поддршката од германскиот Бундестаг за отворање на преговорите со Скопје и Тирана е  важен сигнал, пренесе Дојче веле.

„Одлуката го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ. Истовремено јасно се става до знаење дека реформите се ценат. Обете земји мораат да ги продолжат реформските напори, за да го продолжат патот кон ЕУ. Јас сум убеден дека условениот пристап на Бундестагот ќе убеди и други во ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите, изјави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

Претседателот на државата Стево Пендаровски се заблагодари за поддршката од Бундестагот.

„Danke Deutschland. Со големо мнозинство гласови „за“ пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ“, напиша Пендаровски на Твитер.

Премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, на својот Фејсбук профил заблагодарувајќи му се на Бундестагот оцени дека ова е голем поттик да продолжиме да работиме уште повеќе.

„Добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија. Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел“, напиша Заев на Фејсбук.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој лично во Берлин ја слушна одлуката од Бундестагот, и се заблагодари на Германија.

„476 Po/За, 122 Kunder/Против, 16 Apstenim/Воздржани, Danke Deutchland“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров се огласи на Твитер каде напиша дека Бундестагот покажал лидерство.

„Бундестагот покажа лидерство вечерва: светло зелено светло за преговори со ЕУ. Со признавањето на достигнувањата на Северна Македонија, тој не охрабрува да продолжиме напред и подобро. Ние исполнивме, вие исполнивте и ќе продолжиме да постигнуваме“, напиша Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Со големо мнозинство германскиот Бундестаг изгласа почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ

Фото: Yopricewill

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Д-р Горан Кунгуловски: Како вакцините против Ковид-19 се направија за толку брзо време и дали се сигурни?

Редакција

Власта и опозицијата и денеска не се договорија за законот за ЈО, од кој зависи иднината на СЈО

Редакција

Груби нема повеќе да биде прв вицепремиер, функцијата ќе ја преземе Маричиќ

Редакција