еМагазин
Image default
Македонија

Лекарска комора: Насилството во здравството е многу почеста појава отколку што се зборува за неа

Лекарската комора на Македонија го осуди инцидентот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во кој во утринските часови било физички и вербално нападнато медицинско лице кое работи на оваа установа во која се лекуваат најтешко болните пациенти.

– Комората сочувствува со блиските на пациентот кој починал, но и во оваа прилика јасно декларира дека осудува какво било насилство врз медицински персонал кој секојдневно се бори за животот на пациентите, посебно кога станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба. Комората укажува дека насилството во здравството, за жал, е многу почеста појава отколку што се зборува за неа и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот, здравствениот работник и здравствениот систем во целина, стои во соопштението од Лекарската комора.

Од тие причини, како што се посочува, Лекарската комора како потписник на Декларација за „Стоп на насилство во здравството“ на членките на ЗЕВА, Асоцијација во која се обединети 17 комори од земјите на Централна и Источна Европа, ја поддржува најавата на Министерството за здравство дека многу скоро во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе се обезбеди помош и заштита од полицијата.

Од Лекарската комора истакнуваат дека Декларацијата – Стоп на насилство врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници. на национално ниво ја потпишаа Лекарската комора на Македонија, Стоматолошката комора и Фармацевтската, како и министерот за здравство, и претседателката на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на Република Македонија.

Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа, според потписниците на Декларацијата, мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува, стои во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите детали: Медицинска сестра нападната од семејство на починат на КАРИЛ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Имавме два хакерски напади на системот за попишување, но успешно се одбиени, вели Симовски

Редакција

За Русија остануваме Република Македонија: Не го менуваме ставот од пред 26 години

Редакција

Последен ден од јавната седница пред скопска Апелација за „27 април“

Редакција