еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

„Левица“ влегува во Собранието: Изненадување или очекуван револт кон класното општество

Со освоени сигурни два пратенички мандати според првичните неофицијални резултати од вчерашните избори „Левица“ станува парламентарна партија, што кај дел од јавноста се толкува како изненадување, додека други го коментираат како очекуван исход поради револтот на граѓаните од се поголемата класна поделба во македонското општество.

ИСТОРИЈА

Инцијативата за формирање на партијата официјално е објавена на 14 ноември 2015 година и потекнува од членови на Движењето за социјална правда „Ленка“, членови на Левичарското движење „Солидарност“ членови на Комунистичката партија на Македонија, синдикалци, активисти и поединци левичари.

Партијата е регистрирана во февруари 2016 година.

„Левица“ учествуваше на парламентарните избори во 2016 година кога освои околу 12.000 гласови и на локалните избори во 2017 година, кога доби три советнички места.

Припадници на „Левица“ зедоа учество и во таканаречената Шарена револуција, и беа притворани поради тоа.

Потоа, имаше и своевиден раскол во партијата кој резултираше со меѓусебни тужби меѓу членството.

РАКОВОДСТВО

Денес, со партијата раководи Президиум како главен политичко-егзекутивен, односно извршен орган на партијата, кој функционира како колективно претседателство, т.е. полит-биро.

Президиумот во моментов има седум членови делегирани од страна на Централниот комитет и тие можат да бидат отповикани во секое време – со апсолутно мнозинство гласови.

Актуелен претседател на „Левица“ е Димитар Апасиев.

Претседателот на „Левица“ е лице кое ја претставува и застапува партијата во надворешниот правен промет и е овластен потписник на партиската банкарска сметка по функција.

Претседателот го избира Президиумот од своите редови, со апсолутно мнозинство гласови. Мандатот на претседателот е четири години, односно меѓу два редовни пленума, со неограничено право на реизбор.

ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА

Во политичката платформа на партијата пишува дека се залагаат за работнички права и социјална правда односно „нов социјализам“.

„Ние, класно и национално освестените работници, тргнувајки од нашата потисната состојба во политички систем, каде едиствено признаени интереси се оние на граѓанската класа, решивме политички да се организираме и да дејствуваме преку партијата „Левица“ – како единствен претставник на интересите на безимотните и обесправените во Република Македонија.

Нашата цел е промена на политичко-економскиот систем и воспоставување Нов социјализам, а со намера да ја елиминираме сиромаштијата, корупцијата, неправдата, угнетувањето и експлоатацијата која ни е наметната од нашите газди, преку освојување на власта од страна на трудот и ставање крај на повеќедецениската диктатура на најголемиот општествен паразит – капиталот“. 

Целата платформа на „Левица“ ОВДЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бранимир Јовановиќ: Оваа Левица е екстремно десна, национал-социјалистичка, фашистичка

Ќе „вриштат“ телефоните за постизборни математики: Левица и ДПА пресудни за нова Влада?

Симулација на пратенички мандати: Коалицијата „Можеме“ 46, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15

Фото:Фејсбук/Левица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од почеток на кризата без работа останале 8.160 лица, најмногу од преработувачката, трговијата и услужната дејност

Редакција

Саемот на книга започнува на 18. април: Над 60 издавачки куќи и повеќе од 30 промоции на книги на домашни и странски автори

Редакција

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Редакција