еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Лидерите „демек“ загрижени за нашето здравје, со различна математика за датум за избори

ВМРО-ДПМНЕ на денешната лидерска средба во вила Водно предложила три термини за одржување на предвремените парламентарни избори: 23 и 30 август, како и 13 септември. Овие термини, како што изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски по средбата, не се фиксни, туку зависат од состојбата – најоптимален би бил оној кога би била и најмала опасноста од коронавирусот по здравјето на граѓаните.

Мицкоски изрази надеж дека нема да има, како што нагласи, едностран акт на насилство од неколку партии во однос на одредувањето датум за избори. Очекува постигнување консензус со што ќе се потврди дека на партиите им се најбитни граѓаните, а не политичкиот интерес. Да ја напуштиме политичката логика и да се повикаме на логиката на граѓаните, на државноста и да го следиме развојот на панедмијата, порача Мицкоски.

Тој се пожали на извештајот од Комисијата за заразни болести која, рече, доставила многу бледо, некомплетно и нецелисходно соопштение во кое се наведени веќе постоечките заштитни мерки и  препораки, а во неа има и член кој е кандидат на СДСМ за пратеник.

Истакна и дека на лидерската средба претседателот на СДСМ, Зоран Заев поставил ултиматум, а тоа е нешто под кое ВМРО-ДПМНЕ, напомена, не работи, ниту носи одлуки. Од трите предлози, потенцира Мицкоски, остануваат оние кога здравјето на граѓаните ќе биде најмалку во опасност.

– Цениме дека кон крајот на август и почетокот на септември вирусот ќе има најмал интензитет и тогаш здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност. Дадовме предлог датуми, но велиме дека од овој момент натаму ќе ја набљудуваме состојбата и врз основа на неа ќе се произнесеме, напомена Мицкоски, додавајќи дека е многу битно да биде обезбедена и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Мицкоски уште еднаш повтори дека ВМРО-ДПМНЕ има единствен приортет – заштита на здравјето на граѓаните.

-Поразговаравме отворено за сето она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го антиципиравме, пред нас ги имавме извештаите кои морам да признаам ме разочараа, а тоа се извештајот од Комисијата за заразни болести каде што во четири точки отприлика беше пренесена сето она кое што го имаме во минатото слушнато, уредбите, растојание од еден и пол до два метри како препорака, да носиме маски, да носиме ракавици, да ги миеме рацете.

Прилично неочекувано за мене иако да бидам искрен очекував дека ќе бидат малку подетални, ќе бидат малку повеќе отворени во писанието, бидејќи тоа што ни го напишаа дента претходно го слушнавме од неколку политичари од власт и од самиот господин Заев.

Тука беше и дописот кој што го имаше Државната изборна комисија (ДИК) доставено до претседателот Стево Пендаровски каде што беше антиципиран можниот роковник на предвремените избори.

Ако се собере многу лесно се доаѓа до бројката од 35 до 50 дена. И конечно на крај го имавме одговорот на писмото на одговорните од ОБСЕ/ОДИХР кои што велат вака накратко кажано, кажете ни дата ние ќе ви кажеме во колкав обем и колкава мисија можеме да испорачаме, посочи Мицкоски.

Според него, август или септември се најоптимални рокови и за да и се остави време на Владата „да се размавне“’, да ги спроведе економските мерки како оние што беа соопштени вчера.

– Да и дадеме можност на Владата да се размавне и ние како опозиција да ја поддржиме, да ги подготвиме протоколите и да ги заштитиме граѓаните, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски информира и дека на лидерската средба имало многу правни дилеми кои биле елаборирани.

-Се родија многу нови правни дилеми кои што луѓето кои што беа присутни на денешната средба ги eлаборираа, она кое што исто така сакам да го кажам е ВМРО-ДПМНЕ ја постави дилемата за повторно ажурирање на дијаспората и можноста за гласање, бидејќи се ускратува уставно загарантираното право на лицата кои што во меѓувреме од последниот пат до денеска навршиле 18 години да бидат ажурирани и да можат да гласаат, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ го ставила на маса и повторното ажурирање на списокот за гласањето на дијаспората со оглед дека досега некои од избирачите навршиле 18 години.

– ВМРО-ДПМНЕ ја постави дилемата за повторно ажурирање на дијаспората и можноста за гласање бидејќи се ускратува уставно загарантираното право на лицата кои што во меѓувреме од последниот пат до денеска навршиле 18 години да бидат ажурирани и да можат да гласаат, објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски пред изјавата им се извини на граѓаните што на лидерската средба наместо за мерки за превенција се зборувало за избори кои би го ставиле, како што рече, во опасност здравјето на луѓето.

Заев: Изборите се утврдени и треба да се на 21 јуни

Не се постигна договор во првиот вистински момент да се излезе на избори, изјави Заев, по завршувањето на лидерската.

Според него, тоа го потврдуваат Комисијата за заразни болести, уставните одредби, па дури и ОБСЕ/ ОДИХР. Првиот термин за избори, по укинувањето на вонредната состојба и врз основ на Уредбата со законска сила, според него е 21 јуни.

СДСМ, додаде Заев, допрва ќе размислува дали без опозиција ќе оди на избори.

-Неодговорност, незрелост и мислење само на партиската фотеља не доведе до тоа да не дојдеме до консензус, рече Заев.

Според лидерот на СДСМ, однесувањето на Мицкоски е на штета на државата, обвинувајќи дека тој се плаши од граѓаните и гласањето.

-Сакаат да се одолговлекува здравствената и економската криза, за да креираат нова политичка криза. Ние тоа нема да го дозволиме, рече Заев.

Изборите се одредени, истакна тој, по завршување на вонредната состојба продолжуваат изборните дејствија.

-Сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката Влада чија првенствена улога е да организира избори паралелно со мерките за заштита на граѓаните треба да ги рестартира и предизборните процеси за органзизирање слободни, фер и демократски избори, со целосна заштита на здравјето на граѓаните.

Очекувам да се подготват и сите процеси на институции задолжени за изборите, пред се на ДИК, рече Заев.

Ахмети: Изборите се битни, потребен е консензус за датумот, но здравјето на граѓаните е пред се

Изборите се битни, но прво треба да се има консензус за датумот и пред се да се имаат предвид мерките од здравствените институции. Сепак, здравјето на граѓаните е пред се, изјави по лидерската, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

– Многу е битно во вонредна ситуација сите да сме одговорни и да сме согласни за постигнувањето на нашите цели. Ние сме многу свесни дека земјата е без Собрание, дека е со техничка Влада, но оваа ситуација е предизвикана од пандемијата и опасен вирус, рече Ахмети, додавајќи дека на средбата биле разгледани документи од надлежните институции за ситуацијата и имало дебата од сите политички партии.

Сите политички партии, подвлече Ахмети, изразиле став дека се загрижени за ситуацијата, треба внимателно да се следи и терба да се биде во комуникација со здравствените институции.

Ахмети нагласи дека е многу важно оваа ситуација да не се политизира или да се партизира заради, како што рече, политички цели.

На новинарско прашање како гледа на тоа што претседателот на Собранието, Талат Џафери кој не го свикува Собранието во оваа ситуација, Ахмети потенцира дека првиот човек на Парламентот го почитува и не го прекршува Уставот и е во комуникација со правни и уставни експери.

Во однос на тоа што на 24. овој месец е Бајрам и најавите за тоа дека без разлика на одлуката дали ќе има 24 часовен карантин, џамиите ќе бидат отворени, ставот на Ахмети е дека многу е битно да се слушаат дирекциите и мерките дадени од здравственит институции.

ДПА: Избори треба да има, но во зависност од состојбата со коронавирусот

Демократска партија на Албанците (ДПА) смета дека избори треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба, со почитување на препораките.

– Нашето мислење како ДПА е дека избори треба да има, но во зависност од развојот на коронавирусот. По завршување на вонредна состојба и 22 дена потоа, наш став е дека може да има избори почитувајќи ги препораките од здравствените институции.

Претседателот не може да ја тргне вонредната состојба ако не се почитуваат мерките и ако нема образложение од институциите, рече денеска Азем Садику од ДПА по лидерската средба.

Тој повика да се почитуваат мерките за заштита од вирусот.

Касами: Датум за избори да се одреди по завршувањето на вонредната состојба

Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами по лидерската средба изрази жалење за тоа што не беше постигнат договор за нов термин за избори. Тој истакна дека тие како Движење Беса сметаат оти датумот за избори треба да се одреди по завршувањето на вонредната состојба.

-Според експертите, ситуацијата со корона ќе продолжи и натаму до откривање на вакцината и ние ќе треба да се усогласиме за еден термин за избори кој ќе биде по завршување на вонредната состојба.

Изборите ги одложивме со политичка одлука и сега течат роковите од претходните рокови, бидејќи не се усогласивме околу новите избори и сега Владата и претседателот на државата треба да одлучат до кога ќе трае вонредната состојба и потоа да се определи и датум за изборите.

Нашиот предлог беше јуни, но за тоа ќе се одлучи откако ќе биде прекината вонредната состојба, изјави Касами по средбата.

Ние, додаде, посакуваме бројот на заразаени и починати од коронавирусот постојано да се намалува и да стигне до нула, но апелирам институциите да ги подготват граѓаните за натамошните избори.

-Нашиот предлог како Движење Беса е дека изборите треба да се продолжат, изборите треба да бидат во рамки на Уставот и законите за понатаму Владата која ќе произлезе од тие избори да може да се справи подобро да се соочи и со здравствената и со економската состојба, рече Касами.

Тој истакна дека треба да се размислува да се тргне полицискиот час, да се почитуваат мерките на заштита и граѓаните психички да се спремат за избори.

Гаши и Села за одржување на изборите на 26 јули

Алијансата за Албанците и Алтернатива се за одржување на предвремените парламентарни избори на 26 јули, со ваков став на денешната лидерска средба кај Пендаровски настапиле претседателите на партиите, Зијадин Села и Африм Гаши.

Како што изјави Африм Гаши по средбата, ставовите на македонските партии биле далечни. Владејачката партија била за избори во јуни, а опозициската за почетокот на септември и на средбата воопшто немало доближување на ставовите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

-Се надевам дека во наредните денови ќе имаме средби за да определиме некој датум за избори со консензус. Треба да имаме предвид дека државата треба да има институции, но и на денот на изборите да не биде ставено во опасност здравјето на граѓаните.

Имаше едно толкување дека по завршувањето на вонредната состојба течат роковите за избори и на крај на јуни треба да има предвремени парламентарни избори, но ние мислиме дека тоа не е добро ни за граѓаните ни за нивното здравје. Исто така, не е добро бидејќи треба да се постигне договор за избори со консензус, рече Гаши.

Села посочи дека Комисијата за заразни болести истакнала дека ситуацијата со пандемијата се подобрува, но оти постои висока опасност за здравјето на граѓаните.

ДИК, пак, посочил дека не може да ги спроведе изборите во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба, а ОБСЕ и ОДИХР потенцирале дека тие можат да учествувват со набљудувачи на изборите, но прво треба да се определи датумот при што треба да се имаат во предвид здравствените протоколи и протоколите за границите.

-Токму затоа нашиот предлог за одржување на изборите е 26 јули зашто ќе биде период на прогласување на победата над коронавирусот и ќе биде помалку ризично за граѓаните, а ќе бидат отворени и границите и ќе има можност за присуство на меѓународна наблудувачка мисија на изборите.

Воедно ДИК ќе има можност да ги изготви списоците за граѓаните кои во тој момент наполниле 18 години да имаат право да изберат и да бидат избрани, рече Села и ги повика сите политички  партии да постигнат консензус.

Ги прашав претседателот на државата и на Владата, потенцира тој, дали се сигурни дека после 30 мај нема да има нова вонредна состојба и тие не беа сигурни.

-Не треба хипотетички да одредиме датум за избори без тие што се најповикани да кажат и да знаат дали ќе има или ќе нема вонредна состојба. Им дадов предлог доколку не знаат, да се сретнеме и како лидери на политичките партии во моментот кога ќе знаат и тогаш да зборуваме за избори, рече Села.

Нагласи дека за тајмнигот на новата лидерска средба ќе ги информира претседателот Пендаровски и потенцира дека политички се толкуваат сите законски рокови за одржување на изборите и во зависност од политичката припадност се толкуваат и одлуките.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема договор за датум за избори

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За викенд облачно време, со повремени врнежи од дожд

Редакција

Пациентите со цистична фиброза побара државата веднаш да обезбеди средства за терапија за болеста

Редакција

Законот за иднината на СЈО за кој се уште нема договор од денеска во собраниска процедура

Редакција