Иако има уште неколку месеци до изборите на 12 април, годинава и се уште е рано да се води изборна кампања, лидерите на најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе „на големо“ работат на терен и секојдневно се меѓу партиското членство и воопшто меѓу граѓаните обидувајќи се уште сега да ги придобијат симпатиите и нивните гласови.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера беше во посета на Тетово, каде се сретна со тамошните пензионери, па дури најде време и да изигра партија шах.
„Пензиите ги покачуваме од 700 до 900 денари. Владата предводена од СДСМ две и пол години вложува во подобри услови за повозрасните – оние кои го граделе нашето општество“, напиша Заев на својот Фејсбук профил по средбата.
Истовремено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше во селото Љубанци, каде што присуствуваше на одбележувањето на Св.Атанасиј и седна на софра со тамошните жители.
„Во патриотско Љубанци на Св. Атанасиј, со честити луѓе и добри домаќини. Добар разговор, за секојдневието, тешкиот живот, но и работите кои мора да се променат. За заедничката иднина и обновата за која ќе се избориме“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук-профил.
Инаку, според Изборниот законик, за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на организаторот на кампањата, јавно истакнување на плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.
Со оглед на тоа што двајцата лидери постојано објавуваат видеа и фотографии на Интернет од ваквите средби и собири станува јасно дека тие веќе се влезени во кампања многу порано отколку што е предвидено во законот.
Фото:Фејсбук/Заев/Мицкоски