еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

МАИВП: Без денар од државата отворија работни места, си го остварија сонот и влегоа во Европа

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) на свеченост во хотел Порта, синоќа ги додели лиценците на првите дваесет водичи во планина од Македонија, кои се обучени според меѓународниот стандард International Mountain Leader.

На свеченоста присуствуваше и претседателот на Меѓународната унија на професионални водичи во планина (УИМЛА), Иан Спаре. По 15 години неформален, 10 години формален процес Македонија стана полноправна членка на УИМЛА во ноември 2018 година.

Претседателот на МАИВП, Костантин Циривири рече дека кога пред 15 години почнале да размислуваат за интернационални стандарди на професијата планински водичи, многумина мислеле дека тоа им е гимнастика на мозокот, дека многу вода треба да протече низ Вардар. И лесно е да се каже, денес е реалност. Само тие знаат, низ што поминале.

Тој порача дека ентузијазмот е најважната работа во животот, бидејќи кога почнувале, но и потоа се соочувале со бројни пречки и тешкотии кои на моменти биле пресудни за да се откажат. Без финансиска помош од државата освен од ГИЗ Северна Македонија кои ја препознале идејата, потоа тимот без кој нема успех, она што ги одржало било ентузијазмот и вербата во идејата. И секако многу работа, „гинење на терен“, отсуство од дома, трпење на најблиските.

„Овој проект бара тим, имав среќа да наидам на луѓе кои веруваат во идејата и знаат да работат. Секоја нова значка значи отворање на ново работно место. Отворивме 20 работни места без да земеме еден денар од даночните обврзници.

Лиценците и беџовите на оваа група на водичи во планина, ќе значи препознавање на професионализмот во планина од страна на туристите и претставува добар пример во туризмот. На овој начин државата е на светската мапа и професионалноста е потврдена од меѓународна институција. Ова претставува охрабрување за другите луѓе да направат квалитетни туристички производи кои ќе ги продаваат на пазарот“, изјави Циривири.

Обуките како што додаде тој, траат три години, и во оваа организација лиценците не се даваат за шест дена.Тој е среќен што идејата што на почетокот изгледала невозможна, сега се проширува во регионот во Косово, Црна Гора и Албанија. Од овие земји има барање да им се пренесе знаењето и искуството што нашите професионалци го имаат.

Циривири истакна дека ова е од огромно значење, бидејќи планинскиот туризам е важен за развој на економијата и на регионот, како и запознавање на културите меѓусебе.

На присутните им се обрати и претседателот на УИМЛА, Спаре кој го искажа задоволството дека присуствува на еден од најдобро организираните настани за време на неговиот мандат.

Претседателот уште еднаш повтори дека стандардите по кои што работи МАИВП се апсолутно високи и целосно ги задоволуваат меѓународните критериуми.

За време на свеченоста претседателот Спаре им ги врачи лиценците на луѓето кои многу придонесуваат за развој на професијата планински водич според светски стандарди.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се уште не се знае кога ќе се отвори границата со Србија

Редакција

Убава вест: Оздравени 339 лица кои боледувале од Ковид-19

Редакција

Убава вест: 486 оздравени од Ковид-19

Редакција