еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Македонија фрла 12.000 тони храна годишно

Македонија е рангирана на осмото место во светски рамки по количина фрлена храна според бројот на жители. Околу 30 отсто од храната произведена или увезена во Македонија никогаш не се консумира.

Процените се дека фрламе 12.000 тони храна со кои може да се обезбедат по три оброка дневно за 26.000 граѓани, а вкупните вишоци надминуваат 100.000 тони. Според движењето „Ајде Македонија“, само во Преспа годинава се фрлени десетици илјади тони храна.

– Свеста кај компаниите и невладините организации се издига, се повеќе ни пристапуваат, а граѓаните се пријавуваат да волонтираат. Но, тоа што загрижува е свеста кај младите. За жал, тие израснуваат во класични „консумеристи“, кои сакаат нешто набрзина да дегустираат и да го фрлат. Свеста за храната е највисока кај повозрасните генерации, веројатно зашто живееле во време кога храната била луксуз и имала вредност. Денес, најголем дел граѓани имаат храна во изобилство, но се помалку ни текнува на другиот да му подадеме рака. Не интересира само сопственото задоволство, вели Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.

При прослави или настани што се одржуваат во угостителски објекти, над 50 отсто од храната останува и потоа се фрла.

– Странските експерти кои за ова имаат истражувано не информираа дека ова се должи на културата, која налага „стегање“ во најголем дел од времето и за време на прославите треба да се покаже дека се има. Во поразвиените држави, каде што храната е далеку од луксуз, веќе одамна преку храната не се покажува дали некој има или нема, додава Јосифовски.

Во супермаркетите главна практика моментно е при истек на рок да се залепи уште еден ист производ со подолг рок. Во ваков случај најчесто се јавува проблем, бидејќи се „залажува“ купувачот, кој купува нешто што не може да го искористи за краткиот период и најголем дел од таа храна со краток рок од маркетите во целост домаќинствата ја исфрлаат, наместо производителите или маркетите.

– Тоа што преку системот за донирање вишок храна „Сите сити“ поминале десетици илјади порции одлична храна, многу зборува за брзото создавање свест и одговорност да не ја фрламе храната. Ги повикуваме бизнисите да ни се придружат во борбата против гладот и да не ја фрламе храната, туку да ја донираме, дополнува Јосифовски.

Претседателот на Националниот одбор на Слоу фуд Македонија, Николче Николовски, укажува на парадоксот дека над 25 отсто од нашата храна завршува во отпад, а 20 проценти од населението не може да обезбеди еден оброк дневно.

Потребно е, напоменува, јакнење на свеста за овие прашања во Македонија, најмногу преку едукација, почнувајќи од најмала возраст.

Николовски смета дека иако нашите институции прават напори за стимулација на домашното производство, недостигаат визија и стратегиски пристап во решавањето на овие проблеми.

Неопходни се заеднички обмислени и координирани мерки за креирање модели на локален систем на храна во кој ќе се стимулираат малите семејни фарми што користат одржливи методи на производство.

Потребна е и поддршка на директната продажба, како и на локалната мрежа за дистрибуција.

На тој начин ќе се врати суверенитетот врз нашата храна, достоинството на производителите, ќе се постигнат фер цени за нив и за потрошувачите, ќе се намалат губитоците на храна, но производителите ќе можат да се носат и со најголемиот предизвик на денешницата – климатските промени.

– Со либерализацијата на пазарот и се поголемиот увоз, се намалува домашното производство. Преку вклучување на се поголеми компании во фазите на производство, преработка и дистрибуција, се креира неповолна клима за домашните производители. Тие трпат постојани притисоци за да ги намалат цените, што го отежнува пласманот на нивните производи, а тоа, пак, генерира пазарни вишоци што не стигнуваат до трпезата на нашите потрошувачи. Дел од домашното производство останува неоткупено на нивите или во складовите поради неконкурентната понуда, укажува Николовски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Донесена Уредбата за ваучери за поддршка на домашниот туризам со вредност од 6.000 денари

Редакција

По барање на земјоделците, до 14 јули се продолжува рокот за аплицирање за субвенции за годинава

Редакција

Сите компании ќе останат без субвенцирана струја, не само тие што не ги намалиле цените

Редакција