еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Македонија и Албанија може да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ

За жал, постои можност Албанија и Македонија да бидат одвоени во преговарачкиот процес за влез во ЕУ, бидејќи Македонија има одредени услови кои доколку не ги исполни, нема да може да продолжи. Ова го изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој на покана на шефот на државата, Румен Радев беше во официјална посета на Бугарија.

Според него, Албанија најверојатно сама ќе може да го продолжи преговарачкиот процес.

Сега ќе дојдеме до точка дека Македонија, доколку не ги направи овие уставни измени на кои се обврза, ќе треба да почека на време кога ќе го стори тоа. Тоа е услов што постои, а кој ЕУ го прифати, коментира тој. Македонија го потпиша овој услов и мора да го исполни, категоричен беше Милановиќ.

Тој коментира дека сите овие земји веќе треба да бидат дел од ЕУ, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија.

Бугарскиот претседател Румен Радев на заедничкиот брифинг со шефот на хрватската држава Зоран Милановиќ истакна дека двете земји имаат заеднички и слични односи за голем број важни прашања за регионот и Европа. Бугарија и Хрватска како одговорни и активни членки на ЕУ и НАТО имаат важна улога и одговорност за зајакнување на безбедноста, стабилноста и развојот на просперитетот во нашиот регион, рече претседателот Радев.

Двајцата претседатели го делат мислењето дека забрзувањето на евроинтегративниот процес за Западен Балкан е клучен фактор за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот. Се разговараше и за перспективите за продлабочување на трговската размена меѓу двете земји. Потенцијалот за проширување на соработката меѓу двете земји во областа на образованието, науката и културата е огромен, рече шефот на бугарската држава.

Длабоките регионални и глобални промени кои произлегуваат од војната во Украина покажаа дека има потреба од драстични мерки за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот, за развој на енергијата и подобрување на сеопфатното поврзување – транспорт, енергија, дигитална, како и за продлабочување на интегративните процеси на Западен Балкан, рече Радев. Според него, овие процеси бараат активен политички дијалог и соработка.

Многу е важно двете земји да вложат напори за зелена транзиција на нашите економии и енергетски системи, но и да го споделуваат убедувањето дека оваа зелена транзиција мора да се спроведе непречено, праведно и да гарантира прифатлива социјална цена за граѓаните, објасни бугарскиот претседател.

БТА/МИА/Фото: Радев/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детална листа: Вкупно 19 мерки и активности против ширење на корона вирусот

Редакција

Притвор од 30 дена за Боки 13 и Зоран Кичеец

Редакција

Македонскиот БДП со раст од 1,1% во второто тромесечие

Редакција