еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Македонија веќе стана европска земја со „помош“ на „Медена земја“, „Исцелител“…

Кога не можат политичарите да не внесат во ЕУ, може културата. Тоа го покажаа последните остварувања и успеси на македонската кинематографија, а пред се филмовите „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески.

Имено, „Медена земја“ вчера беше номиниран за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ (European Film Awards), кои ги доделува „Европската филмска академија“. Во Севиља, Шпанија беше соопштено дека македонскиот документарец е меѓу петте кандидати за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.

Без оглед дали филмот ќе ја освои првата награда, самата номинација ги потврдува претходните награди и успеси на ова македонско ремек дело во областа на документарниот филм. Имено, нема човек кој го гледал филмот, а кој не останал без зборови гледајќи ја естетски прекрасно доловената приказна за Атиџе и пчелите која отвара невидени димензии и го загатнува нарушениот однос меѓу човештвото и природата.

Во успесите не заостанува ниту играниот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески кој освои еден куп награди во Европа и урива рекорди во прикажување пред преполни сали на повеќе континенти.

Очигледно дека проблематиката која ја третира приказната во филмот ја засега публиката насекаде во светот, што само покажува дека животот и маките на „обичните луѓе“ не се разликуваат премногу без разлика дали се од Скопје, Феникс или Сиена.

Позитивно е што надлежните институции почнаа да финансираат филмски проекти на помладата генерација автори кои докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со нивните колеги од останатите делови во светот.

Тука не треба да се заборави и неодамнешната премиера на филмот „Ефект на среќата“ на режисерот Борјан Зафировски кој беше одлично примен од публиката, пред се поради извонредната естетика и прикажувањето на Скопје кое ни недостига на сите, но и поради умешното отворање на прашањето на колективната среќа, тематика на која очигледно во Македонија мора сите заеднички да работиме.

Кога е македонската кинематографија во прашање можеме да бидеме задоволни, бидејќи преку ваквите дела се покажа дека нашата држава може да понуди квалитет на кој може да му позавидат многу поголеми земји, кои располагаат со огромни буџети за филмски остварувања неспоредливо поголеми отколку во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска во Анталија средба на министрите за надворешни работи на Русија и Украина

Редакција

Приведено едно од лицата кое агресивно се однесуваше во автобус на ЈСП и се закануваше на жена дека ќе ја топи во киселина

Редакција

За првпат во Македонија изведена трансплантација на лигамент од починат донор

Редакција