еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Македонска неправда: Во банките заштеди од 4,5 милијарди евра, а 455.100 лица живеат во сиромаштија

Огромен пораст на штедните влогови на македонското население има во изминативе десет години. На крајот на 2009 година заштедите на граѓаните во банките изнесувале околу 2 милијарди евра, а во септември годинава изнесувале 4,5 милијарди евра, што е зголемување од 2,5 милијарди евра или повеќе од два пати.

Според Фондот за осигурување депозити заштедите бележат пораст од 8,8 отсто во однос на септември минатата година.

Индикативно е што податоците за штедните влогови кои беа соопштени по повод 31 Октомври – Светскиот ден на штедењето се поклопија со објавата на податоците за стапката на сиромашни лица во земјава.

Имено Државниот завод за статистика соопшти дека 455.100 граѓани живеат во сиромаштија што укажува дека има огромни разлики во начинот на живеење на населението во земјава односно дека има слоеви кои имаат огромни вишоци и можат да заштедат, но и дека четвртина од населението нема доволно пари за нормален живот.

БАНКИТЕ СО НАЈГОЛЕМ ЌАР

Најголема корист од ваквите трендови имаат македонските банки кои даваат ситни камати за депозитите, а бараат многу повисоки камати за дадените кредити. Имено, во септември просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,36 проценти и забележа месечен и годишен пад од 0,02 процентни поени и 0,06 процентни соодветно.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити минатиот месец се намали за 0,15 процентни поени на месечна основа и изнесува 4,46 проценти, додека на годишна основа оствари пад од 0,40  процентни поени.

Во септември, просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 4,32 процента, а на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 5,10 проценти.

Во септември, просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 1,27 проценти по остварен месечен раст од 0,17 процентни поени. На годишна основа, кај каматните стапки на новопримените депозити е евидентиран пад од 0,30  процентни поени. За новопримените депозити на домаќинставата каматната стапка изнесувала 1,24 проценти, со минимален раст од 0,01 процентен поен.

ГРАЃАНИТЕ ГЛАВЕН ИЗВОР НА ФИНАНСИРАЊЕ

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска вчера соопшти дека нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити пред останатите расположливи инструменти.

„Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението, што е зголемено учество споредено со периодот пред глобалната економска криза.

Имајќи предвид дека во нашата економија депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, за домашните банки е важно и во следниот период да одржат конкурентни услови за штедење. Ако се земе предвид стабилноста на билансите на домашниот банкарски сектор, сметам дека тоа е и реално да се очекува“, изјави гувернерката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Во живо) Втор ден протест против “францускиот предлог“ пред Влада

Редакција

(Фото) Прекрасна љубовна игра на штркови кај Катланово

Редакција

Замрзнатите цени ќе се одмрзнат од 1 март, ќе се ограничува маржата за основните производи

Редакција